Зошто се чини дека успешните луѓе секогаш имаат уникатни идеи

Луѓето ја потценуваат оригиналноста на сопствените идеи, посочува неодамнешно истражување спроведено од INSEAD, Отворениот универзитетот во Израел и Технион (универзитет во Хаифа, Израел). Луѓето претпоставуваат дека другите ги имаат истите идеи како и тие. Како и голем број претпоставки, и оваа е често неточна. Опасноста од верувањето во таа претпоставка е можноста да ве спречи да дејствувате, без разлика дали станува збор за претставување на идеја за време на состанок, за пишување статија на одредена тема или започнување бизнис потфат. Престанете да мислите дека немате уникатни идеи, бидејќи бидејќи имате. Според Форбс, ако сакате луѓето да ве перцепираат како човек со уникатни идеи, следете ги следниве чекори:

Држете се до идејата

Ако имате идеја, фатете ја. Вашата идеја можеби е клучот што ќе му помогне на тимот да исплива во поуспешна насока или што ќе ì помогне на вашата организација да биде поиновативна. Немојте да ги отфрлате вашите мисли.

Ова особено важи ако вашето искуство, во смисла на образование или култура, е различно од образованието и културата на повеќето лица во вашата компанија, област или индустрија. Тоа значи дека вашето искуство и експертиза ќе формираат идеи што ќе бидат различни од оние на луѓето со кои работите. Можеби сте имале поинакво образование или обуки, или можеби читате поинакви извори на информации или се вмрежувате со различен круг професионалци. Сите овие елементи го формираат тоа што го мислите. Ако ì пристапувате на вашата работа од различен агол, многу е веројатно дека ќе имате различни идеи. Вашето потекло или искуство ја обезбедуваат предноста на различниот начин на размислување, а тоа додава вредност

Одолејте на нагонот секогаш да размислувате повеќе

Некои луѓе го поистоветуваат дополнителниот напор со подобро завршена работа. Тоа значи дека некои луѓе веруваат дека ако размислуваат повеќе за некоја идеја, ќе ја направат самата идеја подобра. Иако ова може да биде точно понекогаш, не значи дека секогаш тоа е случај. Висок степен на креативност е карактеристика што обично се гледа на почетокот на процесот на размислување на одредена идеја. Кога сте во процес на бура од идеи, не се чувствувате приклештени. Се чувствувате поудобно кога го оставате умот да мисли слободно, размислувајќи повеќе на можностите, а помалку на веројатностите.

Што повеќе размислувате за некоја идеја, толку повеќе ограничувања поставувате, што може да ја направи таа идеја да изгледа помалку оригинална. Потоа ќе размислувате за тоа дали вашата идеја е реална или веројатна, што би можело да ве доведе до тоа целосно да ја отфрлите идејата. Понекогаш, ако премногу размислувате можете да се доведете до помалку посакувана позиција од таа со која сте почнале.

Зборувајте отворено

Може да имате уникатна идеја, но никој нема да дознае за неа ако не зборувате, бидејќи мислите дека вашата идеја не е доволно добра. Одредени истражувања покажуваат дека луѓето ја потценуваат сопствената оригиналност. Сега, кога станавте свесни за оваа предрасуда, обидете се да ја надминете и споделете ја вашата идеја.

Ако сакате луѓето да ве сфатат како некој кој генерира идеи и е иноватор, зборувајте отворено. Луѓето не можат да знаат што криете во умот. Морате да ги искажете вашите идеи. Имајте храброст да верувате во вашите идеи. Имајте доверба да се застапувате себеси, и да ја искористите шансата да ве перцепираат како вреден член на тимот.

Поседувате повисок степен оригиналност отколку што мислите, така што не ги отфрлајте сите ваши мисли како недоволно интересни или веќе видени. Кога имате идеја, фатете ја. Немојте да мислите дека треба секогаш да размислувате за таа идеја за да ја направите пооригинална. На крајот на краиштата, едноставно кажете ја. Разликата помеѓу лицето што другите го гледаат како некој кој има уникатни идеи и некој кој нема уникатни идеи лежи во самиот чин на искажување.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Стартап компаниите треба да научат да лобираат

Стартап фирми се` повеќе заглавуваат во некои строго регулирани индустрии, и крајно време е да почнат да ги сфаќаат тие одредби сериозно....
- Advertisment -