Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим?

Лидер А:

Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација дека е непредвидлив – членовите на неговиот тим никогаш не знаат што може да предизвика интензивна реакција кај него. Тој е исто така толку многу зафатен што често пати ги прекинува состаноците за да одговори на пораки или известувања. Неговиот тим работи и по работното време бидејќи Џон верува дека тоа е клучот за постигнување големи нешта. Ако ново лице му се приклучи на тимот, тој претпоставува дека ќе ги насочи неговите/нејзините прашања кон другите членови на тимот. Филозофијата на Џон е дека секој во неговиот тим е возрасен и дека вредноста лежи во тоа луѓето самите да сфатат како треба да се одвива работата.

Лидер Б:

Иако Тејлор има висока позиција во организацијата, таа верува дека запознавањето на членовите на нејзиниот тим е основа за добри работни односи. Кога нов член на тимот почнува со работа, Тејлор закажува состанок за да може да го запознае и како поединец и како професионалец. Сите известувања на телефонот ги обезгласува и поставува многу прашања. Ја споделува нејзината визија за тоа како новото лице ќе се вклопи во тимот и искажува благодарност зошто одлучило да и` се приклучи на организацијата. Без разлика дали вработените се нови или ветерани, сите кажуваат дека се чувствуваат подобро по разговорот со Тејлор.

Тејлор применува лидерство со свесно присуство – и тој пристап и` дава материјална предност пред Џон. Секако, тој постигнува резултати, но преку сирова сила. Тој не е до крај свесен за сопственото однесување и постапки и луѓето со кои работи најверојатно стрептат од него.

Лидерството со свесна присутност е лидерски стил со кој менаџерите учат како свесно да ја негуваат сопствената способност да бидат присутни, отворени и сочувствителни кога влегуваат во интеракција со членовите на нивните тимови – и ја покажуваат истата нега и кон самите себе. Станува збор за исклучување на умот од функција на зафатеност за да можеме да забележиме што се случува околу нас во моментот и соодветно да одговориме на тоа, наместо да прибегнуваме кон реактивни шеми.

Тејлор нема да треба да троши скапоцено време и енергија на мотивација преку страв бидејќи нејзините луѓе самите се мотивираат. Таа е во можност побрзо да се справува со проблемите бидејќи членовите на тимот не се плашат да разговараат со неа за проблеми. Нејзиниот тим ќе биде поефикасен бидејќи таа активно бара идеи и повратни информации од луѓето кои работат со неа.

Три предности на пристапот на лидерството со свесно присуство

Лидерството со свесно присуство може да звучи како „надуван“ поим, но напротив. Потребен е голем фокус и напорна работа за да развиете сет вештини поврзани со свесното присуство. Сепак, напорот и вежбањето се исплаќаат.

Прва предност: Лидерот кој практикува свесна присутност ја има најголема моќ во просторијата

Не мора да значи дека секогаш ќе бидат најсилниот глас, но тие се лицата кои обрнуваат најголемо внимание. Не го споделуваат коментарот што можеби го имаат во моментот и се трудат да не реагираат бурно. Стануваат присутни и проучуваат што се случува. Не паѓаат на замките на зајадливост или на дневните политики. Се издигнуваат над ситуацијата и ја согледуваат пошироката слика, стигнуваат до решенија што другите едноставно не можат да ги забележат. Зборуваат во битни моменти, и кога го прават тоа, стекнуваат почит од присутните.

Втора предност: Лидерот кој практикува свесно присуство создава кохезивни, високо ефикасни тимови

Овој пристап поттикнува поединечни и тимски интеракции во кои владее чувство на психолошка безбедност и лојалност. Луѓето околу свесно присутниот лидер сакаат да дојдат на време на работа и да дадат се` од себе бидејќи чувствуваат дека некој се грижи за нив, ги цени и ги гледа нивните оригинални јаки страни и напорот што го вложуваат. Тие знаат дека нивниот лидер навистина се грижи за нив и постојано ги мотивира да бидат добри во работата.

Трета предност: Лидерот кој практикува свесно присуство стресното време го искусува на помирен, здрав начин

Лидерот кој практикува свесно присуство сфаќа дека може активно да применува внатрешен мир и добросостојба како што се соочува со предизвиците и се фокусира на деловните резултати. Поради владеењето со себе што го негувал подолг период, лидерот со свесно присуство знае како да ги преброди тешкотиите на помирен и поодговорен начин.

Врската меѓу лидерството и свесното присуство

Многу лидери чувствуваат дека немаат време да работат на свесно присуство бидејќи нивните работни задолженија се многубројни и имаат премногу барања на кои треба да испорачаат. Иронијата е дека ако се желни да поминат неколку минути дневно на свесно присуство, тие можат да бидат многу подобро опремени за справување со професионалните одговорности и врски со поголема добросостојба. Тоа исто така може да создаде брануван ефект што ги инспирира лицата кои директно им одговараат да создадат подобри резултати за самите нив.

Џанис Мартурано, основачка на Институтот за лидерство со свесно присуство, и авторка на книгата: „Наоѓање простор за раководење: практичен водич за лидерство со свесно присуство“, напиша: „Нашето патување на развојот на квалитетите на лидерството со свесно присуство не` повикува да бидеме присутни во овој момент, да бидеме мирни во екот на активностите… Како што почнуваме да негуваме практика да ги развиеме квалитетите на лидерството со свесно присуство, почнуваме да ја препознаваме лудоста на верувањето дека ако само можеме да се движиме побрзо, на крајот ќе стигнеме“.

Петте карактеристики на лидерот со свесно присуство

Луѓето кои практикуваат лидерство со свесна присутност најчесто ги имаат следниве специфични заеднички карактеристики:

Смирен став

За да можете да одговорите конструктивно на што и да е тоа што се случува околу вас потребно е да имате смирен став. Сред предизвикувачки ситуации, лидерот со свесно присуство останува смирен и покажува внатрешна сила бидејќи знае дека некако, на некаков начин, работите ќе се решат и ќе се најде пат напред.

Сочувство

Ова подразбира љубов и добрина наместо осуда. Лидерот со свесно присуство знае дека и самиот тој е некој вид работа во тек, со многу несовршености и можности за подобрување. Лидерот е милостив и сочувствителен кон другите бидејќи и тие работат на сопствениот раст. Лидерот со свесно присуство сака да го види најдоброто кај другите и ги охрабрува да го искористат сопствениот потенцијал.

Поврзаност

Разбирање на заемната поврзаност на сите поединци во тимот и нивните мали мисли, емоции и акции што кулминираат како резултат. Лидерот со свесна присутност препознава дека секоја личност е потребна, има основни вештини и силни страни и игра витална улога во процесот на остварување успех.

Љубопитност

Способноста да се има отворен ум и желба да не се суди. Лидерот со свесно присуство сака да разбере што се случува наместо веднаш да носи заклучоци. Овој вид лидер поставува моќни прашања за да согледа нови агли и можности и е желен да биде отворен кон многу нови идеи, без разлика колку се разликуваат една од друга. Тој прави простор за креативноста и перспективите на секој член на тимот.

Калибар

Способноста да се искористува внатрешната моќ и свесност за да се внесе енергија со цел создавање исклучителни, одлични резултати во деловната средина. Лидерот со свесна присутност не лебди на облак таму некаде. Тој знае како треба да се сработи работата со најголем можен квалитет и грижа. Наместо да работи од гледна точка на реактивност, страв или стрес, лидерот со свесна присутност негува чувство на смиреност и самодоверба кај луѓето во тимот за тие да можат да донесат ниво на исклучителност во нивната работа.

Автор: Патрисиа Омокви – Атласиан, сопственичка на компанија која нуди услуги од типот на ораторство, лидерство, дигитална трансформација, и која исто така работи како обучувач и автор.

Извор: Fast Company

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Што не` научи пандемијата

По говорот што неодамна го одржав, еден член од публиката ми постави интересно прашање. Кои се најважните лекции што организациите ги научија за време...
- Advertisment -