Како да се истакнувате од конкурентите: креативни маркетинг алатки за вашиот бренд

Создавањето и растењето бренд што се истакнува од другите е полесно отколку што можете да си замислите. Но, тоа бара подготовки за да можете да го разберете сопствениот идентитет и да создадете наратив околу него. Идентитетот на брендот е многу повеќе од лого и слоган. Идентитетот на брендот е отелотворување на вашата внатрешна култура. Најдобрите брендови ја користат секоја интеракција да комуницираат не само што прават, туку и кои се и зошто го прават тоа, пишува Доналд Томпсон – претприемач, јавен говорник, автор и обучувач со дваесетгодишно искуство во развој на бизнис.

Како да создадете моќен идентитет на брендот? Прво треба да знаете кои сте. Дефинирајте ја вашата мисија, визија и вредности и потоа работете на создавање кохерентна приказна што автоматски ги пренесува. Не се обидувајте да бидете се` за сите. Потрошувачите сега се најсензитивни на неавтентични и непостојани пораки. Ако не разбирате кои сте и како се разликувате од сите други на пазарот, ви ветувам дека вашата публика веднаш ќе забележи.

Па како да создадете ваш сопствен идентитет на брендот? Еве ги моите четири совети:

Раскажете приказна

„Раскажувањето приказни“ е маркетиншки термин веќе многу години, но повеќето мали бизниси и стартап фирми неодамна научија да размислуваат за нивните брендови на овој начин. Поврзете се со вашата публика со тоа што ќе го конципирате вашиот бренд како сеопфатна приказна во која секој пост на социјалните медиуми, рекламен банер, видео, статија на блог или aудио емисија е епизода. Списанието Inc., во статијата „Зошто раскажувањето приказна е поважно од создавањето онлајн присуство“, вели дека „вашите клиенти не сакаат само производ или услуга. Тие сакаат искуство“. Најдете начин да создадете стегната и конзистентна приказна од заемно поврзани делови кои ги рефлектираат вашите вредности и елементите што ве прават различни од останатите на пазарот.

Внесете чувство во пораката

Нашите мозоци се нагодени да апсорбираат информации кога се претставени во наративна форма бидејќи приказните природно ги активираат нашите емоционални одговори. За да се искористи оваа моќ, треба да земете предвид што вашата публика сака да чувствува (не само да мисли) во врска со вашиот бренд. Во однос на емоционалното раскажување приказна, организациите што работат според моделот бизнис-кон-бизнис имаат многу што да научат од брендовите кои директно работат со потрошувачи. Склони сме да раководиме со логика и факти, но тоа не е најдобриот начин да оствариме влијание на долг рок.

Зграпчете го моментот

Кога ќе развиете прецизно разбирање за идентитетот на вашиот бренд и приказна, побарајте мали моменти кога можете да споделите кои сте и зошто го правите тоа што го правите. Се` додека вашиот тим користи заеднички јазик за брендот, не се` останато треба да биде детално испланирано. Во зависност од приказната што сакате да ја раскажете, можете да одберете да споделувате фотографии на кои се гледа како вашиот тим присуствува на тренинг, од состаноци посветени на бура од идеи, од игри или пријателски натпревари во канцеларија, роденденски прослави или остварени цели. Со камерите на телефоните и социјалните медиуми се олеснува раскажувањето приказни во тие мали моменти во текот на една недела, но не заборавајте да не ги изморите вашите следбеници со преголем број постови. Два до три пати неделно е доволно и секогаш е подобро да споделувате одлична содржина на само една платформа наместо да споделувате медиокритетска или одвишок содржина на десетина различни места.

Напишете

Уште еден друг начин како со мали трошоци да го развиете брендот и да се етаблирате себеси како влијателен лидер е да споделувате што знаете во електронски книги, статии или прирачници. Има една стара шега дека „никој веќе не чита“, но, според моето искуство, тоа едноставно не е точно. Моите колеги од извршниот тим читаат многу долга содржина, особено ако таа претставува корисна информација или гледишта на други лидери. Сакаме да знаеме што лидерите во индустријата прават за да создадат успех. Ако можете да ја обезбедите истата таа содржина во аудио и/или видео формат за луѓето да имаат повеќе начини да научат, тогаш уште подобро.

Како заклучок, развивањето на идентитетот на вашиот бренд значи дека разбирате кои сте и како сакате вашата публика да се чувствува во врска со вас. Тоа значи дека раскажувате приказна која има емоционален набој, која е автентична, и која е поткрепена со слики, видеа, постови на социјалните медиуми и добро смислена содржина. Не ви се потребни скапи рекламни кампањи за да почнете, туку ви треба време да размислите за себе и да разберете како секој дел се поврзува со поширокиот наратив за вашиот бренд. Поставете ги тие основни елементи и веќе имате одличен почеток.

Извор: Wral TechWire

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -