Студија открива дека емоционалната интелигенција е поважна за претприемачки успех отколку менталната способност

Мета-анализа што вклучува податоци од над 65 000 сопственици на бизниси ја посочува важноста на емоционалната интелигенција во претприемништвото. Студијата, издадена во Strategic Entrepreneurship Journal, открива дека емоционалната интелигенција е посилен претскажувач на претприемачкиот успех од општата ментална способност. Општата ментална способност се однесува на когнитивните вештини што се неопходни за размислување од повисок ред, како што е логичко размислување и решавање проблеми. Емоционалната интелигенција, спротивно на ова, се опишува како способност на препознавање, разбирање и ефикасно менаџирање на сопствените емоции, пишува Белт Елвуд, писателка и новинарка фасцинирана од менталното здравје.

Иако општата ментална способност се смета дека е најважна за успех на работното место, авторите на студијата Џаред С. Ален и неговите колеги, предлагаат дека емоционалната интелигенција треба да е поважна за успех во претприемништвото. Според нив, со оглед на несигурниот контекст, социјалните барања и емоционалните предизвици што се јавуваат кога се започнува бизнис, емоционалната интелигенција би требало да биде особено корисна во вакви околности.

„Бев претприемач преку 10 години и имав многу пријатели кои беа успешни претприемачи, а сепак не беа најпаметните поединци. Напротив, имаат одлични социјални вештини и способност да се справуваат со сопствените емоции и начин на размислување за време на неизбежните тешкотии што се појавуваат кога создавате деловен потфат. Односно, имаа висока емоционална интелигенција,“ објаснува Ален, доцент професор на Технолошкиот универзитет во Тексас.

„Мојот ко-автор (Реган Стивенсон) исто така беше претприемач и го забележа истиот феномен. Знаевме дека когнитивната интелигенција беше број еден претскажувач на ефикасноста во традиционалните работни средини, а сепак верувавме дека тоа нема да биде случај во претприемачки средини“.

За да ја тестираат оваа теорија, авторите на студијата спровеле мета-анализа на 40 постоечки студии спроведени меѓу сопственици на бизниси кои содржеле податоци или за општата ментална способност и/или за емоционална интелигенција. Анализата содржела податоци за 65 826 претприемачи.

Бидејќи успехот на нов бизнис може да се сфати на различни начини, истражувачите го кодирале успехот според неколку под-димензии, како што се : финансиски успех, раст на фирмата, големина на фирмата и субјективен успех.

Кога ги анализирале податоците, истражувачите откриле дека и општата ментална способност и емоционалната интелигенција се позитивно поврзани со претприемачкиот успех. Сепак, како што предвидоа, емоционалната интелигенција е далеку посилен претскажувач на успехот отколку менталната способност. Емоционалната интелигенција објаснува 89,1% од варијациите во претприемачкиот успех, додека менталната способност објаснува само 10,9%. Дури и кога се контролира видот успех (на пример, финансиски успех, раст на фирмата), емоционалната интелигенција останала посилен претскажувач на успехот отколку менталната способност. Ниту големината на фирмата, ниту нејзината старост ја прави умерена врската или на менталната интелигенција или на емоционалната интелигенција за успех.

„Иако нашата студија покажува дека емоционалната интелигенција е поважна за претприемачки успех споредено со когнитивната интелигенција, не бевме во можност да ги тестираме можните интерактивни ефекти од двете,“ забележува Ален. „Можно е когнитивната интелигенција да има посилна врска со претприемачкиот успех кога емоционалната интелигенција е висока. Поединците со високи нивоа когнитивни ресурси подобро работат кога искусуваат помалку стрес, што предлага дека емоционалната интелигенција би можела да го потпомогне користењето на висока когнитивна способност“.

Ален и неговите колеги велат дека контекстот на претприемништвото се разликува од типична деловна средина на начин што може да ги објасни нивните наоди. Создавањето деловни врски, справувањето со неочекувани загуби и одржувањето на мотивацијата за време и на подемите и на падовите се секојдневни реалности за претприемачите и сите овие вештини бараат емоционална интелигенција. Навистина, студијата предлага дека луѓето со висока емоционална интелигенција се подобри во создавање позитивни односи со другите, се поотпорни кога се соочени со стрес и имаат повисоко ниво на само-мотивација.

„Нашата студија го истакнува фактот дека претприемништвото е навистина единствена деловна средина што ги фаворизира тие што можат да се справат со себе и со другите на ефективен начин. Ветувањето на претприемништвото е дека тоа обезбедува средина за луѓе кои сакаат да го исцртаат сопствениот пат напред во животот преку развивање на деловен потфат. Овој развој бара способност да се работи преку сопствените емоции и да се влијае на други,“ Ален има изјавено во интервју за PsyPost.

Авторите на студијата забележуваат дека емоционалната интелигенција може да се научи, што посочува на тоа дека луѓето кои целат да започнат бизнис може да извлечат корист од учеството во обуки за емоционални вештини. Овие обуки се фокусираат на вештини како што се вмрежување со други бизниси или водење бизнис во непредвидливи околности.

„Основната практична импликација има врска со способноста за развој на знаење и вештини што се неопходни за претприемачки успех. Претходни истражувања покажуваат дека емоционалната интелигенција може да се стекне. Ова предлага дека поединците што сакаат да развијат емоционална интелигенција можат исто така да се способни да развијат поврзани вештини за претприемачки успех,“ објаснува Ален.

„На пример, вештини како што се градење деловни мрежи, креативност и препознавање можности, флексибилност во однос на поголем ефект од обуките што ги посетувате, и спроведување приспособливи одговори на непредвидливи настани можат да се развијат кај амбициозните претприемачи. Исто така, иако нашите резултати предлагаат дека влијанието на општата ментална способност на претприемачкиот успех е мало во споредба со ефектите на емоционалната интелигенција, претприемачкиот успех е сепак под влијание на општата ментална способност“.

„Учењето е клучна компонента за претприемачки успех, и поединците со висока општа ментална способност учат повеќе од дадена количина или вид на искуство. Со оглед на фактот дека на претприемачите често пати им снемува финансиски ресурси пред да можат да остварат профит, времето е најчесто луксуз што не го уживаат голем број претприемачи. Ова предлага дека поединците со ниска општа ментална способност може да не се во предност кога времето е важен фактор“.

Студијата „Што е поважно за претприемачки успех? Мета-анализа која прави споредба на општата ментална способност и емоционалната интелигенција во претприемачки средини“ е напишана од Џаред С. Ален, Реган М. Стивенсон, Ернест Х. О’Бојл и Скот Сиберт.

Извор:PsyPost

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -