Тајната на паметното лидерство

Пред повеќе од два милениуми грчкиот философ Сократ јавно зборувал дека понизноста е најголемата од сите доблести. Неговите безвременски заклучоци упатуваат дека најмудрите луѓе се првите кои ќе признаат колку малку тие навистина знаат, вели BBC.

Поврзано:

Науката бавно се развива во насока на поддржување на овој аргумент, но во последната деценија таа сепак успева да понуди неколку нови истражувања кои се фокусирани на оваа човечка карактеристика, и нејзините ефекти на начинот на кој размислуваме и резонираме. Според ова истражување, луѓето со повисок степен на понизност се подобри водачи, носачи на одлуки и решавачи на проблеми. Во едно истражување дури се истакнува и дека понизноста кај едно лице би можела да го надмине неговиот вистински коефициент на интелигенција, во насока на предвидување на неговата ефикасност.

Последните наоди упатуваат кон заклучокот дека оваа карактеристика е особено важна за лидерите, и нуди докази што откриваат како понизноста може да го подобри стратешкото размислување и да ја засили ефикасноста на колегите во целата организација.

За да бидете понизни, потребна е самодоверба

Неодамнешниот фокус на понизноста е свежа промена во перспективата по децении интерес во почитта за себе и самодовербата, што често се смета дека се лични карактеристики што служат како универзален лек за голем дел од болестите на модерното општество.

Високата почит кон самите себе и понизноста не мора да значи дека се спротивставени карактеристики, секако. Калид Азизи, тренер за лидери во Велика Британија, посочува дека „е потребно самодоверба за да бидете понизни“.

За жал, голем дел од литературата за почитта кон себе и вербата во себе често ја запоставува потребата од поврзување на понизноста со самодовербата. Вил Сорт, во неговата книга „Селфи“, зборува за тоа како движењето фокусирано на идејата за висока почит кон себе – кое е промовирано во популарните медиуми и апсорбирано од страна на образовните политики – ги охрабрува родителите и наставниците да обезбедуваат безусловна позитивност и оптимизам за сметка на каква било критика или сомнеж. Овие чекори не одат во прилог на здравата понизност. И ваквиот превид може да ни нанесе огромна штета.

Во 2013 год беше објавено истражувањето на Брадли Овенс, психолог за организациони структури при Универзитетот Биргам Јанг, во кое тој опфатил 144 додипломци запишани на курсот по менаџмент.

Резултатите биле зачудувачки, бидејќи студентите кои добиле највисоки оценки за понизност имале подобри резултати и оцени од тие кои покажувале „понадуено“ мислење за самите себе

Сфаќајќи дека секој поединец можеби не е толку добар во проценувањето на сопствената понизност, Овенс ги запрашал учесниците да се оценат еден со друг врз основа на нивните искази од типот на: „Ова лице активно бара повратни информации, дури и да е критично,“ „Ова лице признава кога не знае да направи нешто“ и „Ова лице признава и прифаќа кога другите имаат повеќе знаење и вештини отколку тој/таа“. Потоа во текот на годината, Овенс ги следел резултатите од нивната ефикасност.

Резултатите биле зачудувачки, бидејќи студентите кои добиле највисоки оценки за понизност имале подобри резултати и оцени од тие кои покажувале „понадуено“ мислење за самите себе. Навистина, оцените за понизноста покажале дека се подобар предвидувач на ефикасноста отколку мерките за „вистинска интелигенција“. Понизноста била особено важна за некои од помалку надарените студенти, и скоро целосно компензирала за нивниот недостаток на природна интелигенција, истовремено дозволувајќи им да бидат исто толку ефикасни колку и студентите со повисоки резултати на тестот за општа интелигенција.

Причината за оваа предност му била очигледна на Овенс и неговите колеги. Лицата со највисок степен понизност можеби не го започнале студирањето како најсилни ученици, но со прифаќањето на празнините во нивното знаење и сет вештини, и со нивно пополнување, тие успеале да направат најголем напредок во текот на курсот. Помалку понизните студенти биле повеќе склони да останат на истото ниво. Во целина, што попонизни биле студентите толку повеќе биле податливи да научат за разлика од не толку понизните колеги, без разлика на нивото на нивното вистинско IQ.

Интелектуалната понизност може да го поттикне процесот на учење и многу други мерки или техники за успешно мислење

Истражувањето на Овенс помогна во истакнувањето на важноста на понизноста како засебна психолошка карактеристика, додека подоцнежни студии потврдуваат дека интелектуалната понизност може да го поттикне процесот на учење и многу други мерки или техники за успешно мислење. Елизабет Крумреи Манкусо, од Универзитетот Пепердин во Калифорнија, открила дека попонизни учесници се повеќе склони да покажуваат љубопитност, и имаат желба да учат поради задоволството од самиот процес на учење. „Овие квалитетите можат да обезбедат поголема отвореност кон стекнување ново знаење,“ вели таа.

Крумреи Манкусо исто така открила дека попонизните луѓе остваруваат повисоки резултати на тестовите за „когнитивно размислување“ – метрички алатки што ја мерат вашата тенденција да ги надминете инстинктивните реакции и да ги преиспитувате сопствените претпоставки. Тоа е важен резултат, бидејќи луѓето кои се склони да ги преиспитуваат донесените заклучоци додека размислуваат се помалку подложни на погрешни информации и необјективни мислења на други, што пак сугерира дека понизноста би можела да има важен ефект врз способноста за носење одлуки.

Таков пример од светските лидер е Ангела Меркел, која поради својата научна професија, се смета дека поседува повисок степен интелектуална понизност – вклучувајќи ја и склоноста да ги преиспитува сопствените претпоставки  и да го слуша мислењето на другите пред да го формира сопственото. Ова се смета дека ì помогнало да ја води земјата низ неколку кризи за време на нејзината 15-годишна кариера како канцелар на Германија.

Одбегнувајте групни размислувања

Покрај индивидуалните придобивки, скорашното истражување покажува дека понизноста кај еден лидер исто така може да има важни ефекти и врз членовите на нивните тимови.

Понизноста на лидерите ја подобрува комуникацијата меѓу членовите на тимот

Во една анкета која опфаќа 700 вработени во американска компанија која обезбедува здравствени услуги, Овенс открил дека попонизните лидери негуваат поголем ангажман во однос на професионалноста во нивната работа и чувствуваат поголемо задоволство од истата. Според Овенс, ова упатува кон заклучокот дека понизноста на лидерите ја подобрува комуникацијата меѓу членовите на тимот. Не само што им дава на вработените самодоверба да не се согласуваат со одлуките на лидерот, туку самиот факт дека лидерот е желен да ги признае нивните сопствени граници ги охрабрува членовите на тимот да ги признаат и нивните недостатоци – сево ова создава поискрено и поконструктивно работно опкружување.

Ејми Ји У од Политехничкиот универзитет во Хонг Конг открила слични придобивки преку едно истражување спроведено во 105 технолошки компании. Користејќи анкети слични како на Овенс, таа открила дека попонизните извршни директори охрабруваат поголема соработка и споделување на информации меѓу тимовите во крајниот менаџмент. Подобрениот процес на носење одлуки резултира со поголеми профити.

Преиспитување на прашањата

И покрај придобивките, некои лидери можеби сè уште се плашат дека изразувањето понизност може да го поткопа нивниот авторитет. Но последното истражување за понизноста, издадено на почетокот на оваа година, предлага дека тој страв не треба да е проблем, ако го истретирате на вистинскиот начин.

Ирина Коџухаренко од Универзитетот во Сури, Велика Британија, создала различни картички на кои се опишани однесувањата на лидерите, и ги запрашала учесниците во нејзините истражување да ги оценат водачите врз основа на тоа како ја перцепираат нивната способност. Иако директното признавање на незнаење за важни прашања – кога испитаниците отворено одговарале со „не знам“ – ги намалиле оцените на лидерите, ефектот бил многу помалку изразен ако лидерите го искажале нивното незнаење како прашање кое бара повеќе информации за конкретна тема.

Испитаниците повеќе ја ценеле искрената желба на лидерот за повеќе информации и ја почитувале неговата/нејзината понизност, иако вербата на учесниците во анкетата во техничката способност на водачот била размрдана

Уште повеќе, покажувањето на незнаење со поставување прашање направило разлика само во случаите кога способноста на лидерот веќе била оценета како сомнителна. Кај лица кои веќе го докажале нивното знаење, на пример со стекнување престижна диплома, ваквиот чекор имал мал ефект. Но дури и тогаш, целокупната доверба на учесниците во лидерите останала непроменета. Испитаниците повеќе ја ценеле искрената желба на лидерот за повеќе информации и ја почитувале неговата/нејзината понизност, иако вербата на учесниците во анкетата во техничката способност на водачот била размрдана.

Со оглед на овие наоди, Коџухаренко смета дека лидерите треба да бидат многу повеќе подготвени да поставуваат прашања што може да го открие нивното незнаење, отколку да се обидуваат да ја одржат илузијата за знаење. „Во четирите студии што ги спроведовме, никогаш не сме виделе негативни целокупни ефекти,“ вели таа.

Ако сè уште се сомневате во моќта на понизноста, таа препорачува да размислите за лица во вашиот живот кои ве инспирирале. Шансите се големи, додава таа, дека ќе сфатите дека тоа се лица кои покажуваат највисок степен понизност. И ако го следите нивниот пример, можете да го подобрите сопствениот процес на размислување и носење одлуки. 

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -