Марија Димовскa: треба и може жените уште од најрана возраст да се поттикнат да бидат креативни и да научат да ја монетизираат својата креативност

Марија Димовска е едно од најпрепознатливите лица во стартап екосистемот кај нас. Иако млада, Марија покажува високо ниво на професионализам, искрена желба да се подобрат деловни услови во државата и посветеност на работата што ретко се гледа. По професија е дипломиран преведувач и толкувач по англиски јазик, но работи како проектен менаџер во Стартап Македонија речиси 2 години, каде е одговорна за креирањето на првата дигитална платформа која ги синтетизира сите релевантни податоци за стартап екосистемот на едно место. Нејзин двигател во професионалната кариера и страст е дигиталната трансформација како методологија за понатамошна унификација и засилување на стартап екосистемот, како и демократизацијата на иновациите во сите делови на земјата.

Стартап Македонија е интегрален дел од организацијата на Глобалната недела на претприемништво од 2018 година. Која е улогата на вашата организација и кој е највозбудливиот дел од работата на ваков проект?

Па мислам дека тоа што Стартап Македонија се реши да биде домаќин организација на еден ваков настан кој е всушност светска иницијатива и истовремено се случува во 170 земји ширум светот во третата недела од ноември, веќе оствари дел од својата мисија. Ова го кажувам бидејќи мисијата на Стартап Македонија е  да го обедини екосистемот, и токму истата ја постигна преку изготвување на различни содржини и реализација на најразлични активности и спроведување на иницијативи. Од активности како Глобалната недела на претпримеништво каде минатата година ја промовиравме бета верзијата на дигиталната платформа на екосистемот, во јули оваа година ја стратувавме 2.0 верзијата, лобирањето за амандман на Член 29 и надоградувањето на дигиталната платформа на екосистемот со менторска платформа, Стартап Македонија постепено и етапно го зголемува бројот на можности се` со цел да има се` повеќе успешни стартап приказни.

Дигиталната платформа која веќе брои 120 регистрирани стартапи и 40 организации поддржувачи ги поврзува сите учесници во екосистемот и стартап заедницата, при што овозможува автоматско поврзување помеѓу стартапите и оние кои нудат услуги за раст на самите тие компании, а тоа се организациите поддржувачи. Преку менторската платформа пак се стремиме да ја задоволиме потребата на стартап компаниите за  добивање совети од искусни претприемачи кои веќе ја изоделе трнливата претприемачка патека.

Што се однесува до возбудливиот дел од работата, би рекла дека пристапот на имплементирање на агилна методологија при секојдневната работа на извршување на дневни задачи е тоа што навистина е возбудливо за мене. Стартап заедницата нуди огромни можности за сите оние кои сакаат да и` се приклучат и се навистина вљубеници во иновативната идеја и особено нејзината реализација. Она што ја прави заедницата енигматична и привлечна е што е широкограда и прифаќа различни пристапи на решавање на проблеми и самата средина постојано нуди можности за учење нешто ново и вмрежување со професионалци од најразлични сектори и позадини.

Целта на Стартап Македонија е да ја помогне дигиталната трансформација на домашните иновативни стартап компании и унапредување на стартап екосистемот. Поради тоа, соработувате со сите чинители во екосистемот. Како се одвива оваа соработка? Има ли кочници во работењето?

Градењето на дигиталната платформа на екосистемот започна некаде во февруари 2019 год. До тогаш голем дел од  чинителите на екосистемот веќе беа измапирани и соработката веќе беше воспоставена. За таа цел во април 2019 год, со 12 други претставници на екосистемот отидовме на студиско истражување во Израел. На патувањето, покрај тимот на Стартап Македонија, присуствуваа и претставници од CEED Macedonia, акцелераторите УКИМ и Сеавус, Македонска берза, Технолошкиот парк при Југоисточниот универзитет, Иновативност, Министерство за економија и ФИТР.  Во Израел, сите заедно видовме дека една од тајните на екосистемот на стартап нацијата е транспарентото споделување на информации како и континуирната комуникација меѓу сите чинители. Па така после патувањето ја формиравме Македонската делегација за иновации. Секако дека нови организации поддржувачи сакаме да ни се приклучат со цел да се понуди поголем опсег на различни  квалитетни услуги за развој на стартапите. Делегацијата се состанува секои три месеци за меѓусебно да се споделат тековните активни иницијативи, како и да се помогне доколку некој повик за стартап има потреба од дополнителна видливост со цел домашните иновативни компании да имаат можност да искусат различни методи за развој на својата бизнис идеја.

Ти си проектен менаџер на дигиталната платформа која на едно место нуди различни видови информации, како за новооснованите компании така и за сите организации и институции што работат во оваа област. Нудите разни услуги како што е олеснување на регистрација на странски компании во нашата земја, корпоративна соработка и менторство. Раскажи ни ги деталите како функционира оваа платформа и која е конкретната корист што таа ја нуди?

Идејата на дигиталната платформа произлезе од анализата кои моите колеги во Стартап Македонија ја спроведоа во 2018 год. Анализата беше основа, показател во кој правец Стартап Македонија ќе се движи со цел да го развие екосистемот и да креира еден дигитален центар кој ќе биде оска околу кој ќе гравитираат иноватинвите бизниси и оние кои нудат услуги за развој на стартапи. Без разлика дали сте стартап или пак организација поддржувач, можете уште сега да креирате свој профил на дигиталната платформа. При што стартапите при креирањето на својот профил ги наведуваат потребите за развој на својот производ/услуга дали е тоа менторство, акцелераторска програма, правни услуги, пристап до финансии или пак заштита на интелектуална споственост. Од друга страна, организациите поддржувачи, при самата регистрација ги излистуваат услугите за развој и информацијата на кои стартапи им ги нудaт тие услуги. На пример, дали станува збор за стартапи во рана фаза или такви што се во некоја од подоцнежните фази од својот развој. Платформата овозможува автоматско поврзување помеѓу стартапот кој бара одредена помош со организацијата/институцијата која ја нуди токму таа помош. Со ова поврзување се надминува јазолот помеѓу видот на помошта која стартапите ја бараат и услугата за развој која организациите ја нудат. На самата платформа исто така има и календар кои ги брои сите настани во екосистемот и воедно сегмент со ажурирани информации и податоци од домашниот екосистем. Со сите овие функционалности,  платформата дава една дигитална анализа за состојбата на нашиот домашен екосистем.

Работиш и како глобален амбасадор на иницијативата „Жени во технологијата“. Можеш ли да ни раскажеш за што станува збор, и дали веруваш дека во Македонија жените се доволно застапени во технолошката индустрија?

Мислам дека сме на добар пат, но има простор за подобрување во однос на бројката со цел тие да бидат повеќе застапени во технолошката индустрија. Во октомври 2018 год, го посетив МК2025 самитот каде еден експертка и воедно машински инжињер од нафтената индустрија дискутираше за потребните промени кои треба да се спроведат на општествено и образовоно ниво со цел да имаме секаде, во секоја земја, поголема број на женски инженери или она што кај нас народски е познато како машки професии. За бројот да биде повисок, мислам дека тој пристап на поделба на машки наспрема женски професии е погрешен. Има само професии  без разлика на полот. Ако се заложите, вложите труд, енергија, страст и сте посветени тогаш ќе успеете. Тргнувам од себе, јас сум јазичар, конкретно толкувач а работам како проектен менаџер во екосистем и средина каде цело време се зборува за развивање на следниот македонски Skype, Facebook, Uber.  Во време на Kовид станав амбасадор на инцијативата ,,Жени во технологија“ со цел да го зголемам својот социјален капитал и пред се`, да бидам во дослух со новите трендови во однос на потребни работни вештини во секторот на технологии и иновации. За време на мајската конференција ,,Жени во технологија“ увидов дека на глобално ниво има најразлични програми, центри, проекти, институции кои целосно се фокусираат на промена на соци-културолошкиот пристап со цел да се елеминира поделбата на професии помеѓу машки и женски и со цел девојките уште од рана возраст да стекнат  дигитални вештини и да се поттикнат да развиваат конкретни технолошки решенија на реални проблеми во нивините заедници и матични земји.

Сведоци сме на зголемени активности во стартап екосистемот и на се` поголем број иновативни компании. Но, светските искуства велат дека 92% од стартапите се осудени на неуспех. Дали кај нас познаваш компании што можат да се борат на светските пазари со иновативните производи и услуги што ги развиваат? Можеш ли да ни посочиш пример?

Два месеци откако започнав да работам за Стартап Македонија се запознав со стартапи кои се веќе профитабилни и кои успешно ги имаат позиционирано своите услуги и производи на меѓународен пазар. ЕlevateGlobal, Brainster, EmbedSocial се неколку. ЕlevateGlobal  е стартап фокусиран на предиктивно моделирање и вештачка интелигенција, чии клиенти и партнери се T-Systems, IskraTel, EVN, Netcetera, DriveBox Automation, GotSolutions. EmbedSocial  имаат  платформа за визуелен маркетинг која лесно се интегрира со Facebook a нивни клиенти се National Geography, CNN, а присутни се и на јапонскиот пазар. Brainster e стартап од  секторот технологија и образование, фирма која успеа во време на Ковид да ја отвори својата прва  канцеларија на европскиот пазар во Виена, Австрија. Во текот на неделата на претприемништво за време на настанот кој го организира Стартап Македонија говорниците сами дојдоа до заклучок дека потребно е повеќе да ги истакнеме македонските успешни стартап приказни и дека креативниот потенцијал на македонските претприемачи треба да добие уште поголема видливост.

Како жена менаџер, сметаш ли дека младите жени во Македонија се доволно охрабрени да основаат сопствен бизнис и да се занимаваат со претприемништво бидејќи чувствуваат страст за истото, а не од неопходност?

Лично тука мислам дека има простор за работа. Сметам дека треба и може жените уште од најрана возраст да се поттикнат да бидат креативни и да научат како да ја монетизираат својата креативност. Тој пристап на размислување во Македонија мислам дека се` уште не е присутен. Ете токму тука мислам дека има простор за значително подобрување. Статистички гледано академските резултати на жените во Македонија се подобри од оние на мажите. Тоа треба да се искористи и надогради со цел младите жени да се охрабрат и да стекнат знаење и соодветни вештини за отпочнување на свој бизнис, што значи преточување на идејата од хартија во производ кој е спремен за пазар.  Кога некој ќе научи уште од најмала возраст дека една идеја може да се монетизира и се запознае со инструментите кој ја овозможуваат таа монетизација тогаш мислам дека и начинот на размислување се променува.

Каде го гледаш македонскиот стартап екосистем во следните 10 години?

Искрено мислам дека се направени навистина многу храбри чекори во изминативе 5 години. Со тоа што се формира Стартап Македонија која начелно беше само една група на стартап ентјузиасти кои разменуваа мислења за реализација на креативни идеи, а денес е асоцијација за развој на стартапи и стартап екосистемот и беше исклучителен момент за развојот на домашниот екосистем. Бидејки организацијата е постојано во комуникација со стартапите кои се срцето на екосистемот, членовите на Стартап Македонија презедоа конкретни иницијативи и успешно ги реализираат денес, што пак резултира со јасна слика за сегашната состојбата на  стартап екосистемот. Во дослух со останатите членови на стартап заедницата сите целиме да имаме македонски глобален производ. Мислам дека и покрај тоа што е доста амбициозна цел, со оглед на досега постигнатото и постоечкиот расположлив потенцијал, македонски глобален производ не е недостижна и неостварлива желба. Напротив, потребно е само поттик да продолжиме во инвестирање на креативни и иновативни бизнис идеи и воведување на нови инструменти со што опсегот на услуги за раст на стартапи ќе се зголеми и ќе придонесе до успешни македонски стартап приказни.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Парадоксот на обучувањето

На врвот на кој било вид потфат, ќе откриете дека најефикасните луѓе имаат обучувачи (коуч), пишува Сет Годин, еден од најизвиканите автори...
- Advertisment -