Симона Чаминска: За сопствен бизнис потребно е знаење, ресурси и визија за предизвикот што треба да се реши

Глобалната недела на претприемништвото (GEW) се одржува кај нас од 2008 година, а од 2018 година наваму во организација на Стартап Македонија. Манифестацијата, која е овозможена од Фондацијата Кауфман и на светско ниво започна да се одржува во 2008 година, сега е присутна во над 170 земји каде се вклучени над 20,000 партнерски организации што „сега служат како ‘рбет за градење заедница на GEW“.

Во нашата земја, оваа година Глобалната недела на претприемништвото ќе се одржува од 16 до 22 ноември, а разни видови настани ќе се одржуваат во Скопје, Велес, Битола, Дебар и Штип. Настаните се поддржани од 52 партнерски организации, меѓу кои: USAID, SECO, Swiss EP, CIPE, EFSE, GIST, ФИТР, PwC и Oracle во партнерство со Startup Macedoniа, UNDP С. Македонија, Македонска Берза, МАСИТ, ГиЗ, ИМЕ, Асоцијација за е-трговија на Македонија, Бизнис Акцелератор УКИМ и Иннофеит, University American College Skopje – School of Business Economics and Management, Универзитет Гоце Делчев – Економски Факултет, Интернационален Балкански Универзитет, X Фактор Акцелератор, Seavus Accelerator, CEED Hub Skopje, Диг-Ед, CEFE Macedonia, Образовен Центар М6, Фондација АРНО, Опсерваторија за социјално претприемништво, Асоцијација First Five, Creative Hub, Womenpreneurs, Women In Tech Macedonia, Здружение на бизнис жени, Synapsis World, Клуб Ко-Креатори, Галексиа, InnoTech Club, Дуел Консалтинг, Фондација Преда Плус и Силк Роад Банка АД Скопје, Нети, DigiCube, МојВоздух, Kiimo, Upshift, EmbedSocial и WorldChicago. Маркетинг и медиумски партнери на неделата се порталите Иновативност, Фактор, Women In Adria, Лице в лице и Дигиталната Агенција Monday.

За неполна недела започнува Глобалната недела на претприемништвото, што пак подразбира дека ќе бидат организирани јавни настани чија цел е зголемување на соработката на чинителите во претприемачкиот екосистем кај нас. Кои се според тебе најефикасните начини да се подигне свеста за претприемништвото и да се охрабрат младите да основаат сопствен бизнис?

За да се започне сопствен бизнис е потребно да се поседува знаење, ресурси во определен обем, како и да се има визија за предизвикот што е потребно да се реши. За да се поттикнат млади лица да основаат сопствени бизниси, потребно е да постојат стабилна регулативна рамка, предвидливи даночни решенија, идеално и поддршка од специјализирани тела за пружање на стручна помош и ефикасна јавна администрација. Од голема помош се програмите за менторство, каде младите кои немаат претприемачи или лица кои би им помогнале со основањето и водењето бизнис во своја непосредна близина, би нашле простор за лоцирање на таков вид ресурси.

Со оглед на Ковид-19 и неможноста да се организираат физички настани, што беше најголемиот предизвик во организацијата на манифестацијата годинава, но и што те прави најгорда како еден од организаторите?

Најголем предизвик оваа година беше составувањето на квалитетна програма поради ограниченоста за реализација на Глобалната недела на претприемништвото исклучиво онлајн, со оглед дека постои презаситеност од вебинари и онлајн активности. Се гордеам со бројот на партнери кои изразија интерес да се вклучат со свои настани и поддршка, со оглед дека откако ја презедов улогата на Национален координатор во партнерство со Стартап Македонија како домаќин организација, од само еден настан во 2018 година, стигнавме до 40 активности во 2020 година. Дополнително, за некои од партнерите помогнавме и да се изградат тесни соработки што претходно не биле случај, што сметам дека е додадена вредност за самите партнерски организации. Така на пример, Здружението на бизнис жени и Women In Tech Macedonia одлучија да ги спојат активностите и да направат повеќечасовна работилница за предизвиците на жените претприемачи во Македонија.

Темите годинава покриваат различни области: дигитална трансформација, технологија и иновации, инвестициски предизвици, совети од еминентни претприемачи, социјално претприемништво, лидерство, охрабрување и поддршка на жените претприемачи… На што се фокусиравте кога го правевте изборот на области што сметате дека треба да бидат опфатени годинава во рамки на Глобалната недела на претприемништвото?

Глобалната мрежа на претприемништвото, од каде всушност потекнува иницијативата Глобална недела на претприемништвото, секоја година одредува неколку глобални теми кои треба да се обработат во рамки на неделата. Тие теми оваа година се стекнувањето на претприемачки вештини во рамки на формалното и неформалното образование; инспирирањето на заедниците и организациите да остваруваат подобра соработка која ќе овозможи основа на претприемачите за скалирање на нивните бизиси; намалување на бариерите за основање на бизниси особено за младите и жените, т.е. поттикнување на инклузивноста во бизнисот, како и квалитетно креирање политики како соработка меѓу екосистемот и Владата. Покрај овие теми, ја проширивме агендата и со дополнителни теми за кои со партнерите проценивме дека ќе бидат од додадена вредност за публиката.

Еден од настаните е поврзан со проектот на ЦЕЕД Хаб Скопје и УСАИД а се однесува на охрабрување и овозможување деловна поддршка на жените претприемачи и менаџери кај нас. Предвидени се различни работилници за развој на сопствен бизнис, менторска поддршка,  можности за вмрежување но и формирање Клуб на жени претприемачи и менаџери како заедница на рамноправни колешки, подготвени да го разменуваат личното искуство и знаење. Дали сметаш дека ваква организација е потребна кај нас и какви би биле придобивките од членство во истата?

Концептот за Клуб на жени менаџери каде би се разменувале искуства и контакти меѓу членството ќе овозможи поголемо вмрежување и градење на поквалитетни врски. Ваквите Клубови постојат во многу земји, заради што сметам дека е одлична идеја и се надевам дека ќе им помогне на членовите во истиот полесно да ги развиваат своите бизниси. Воедно, верувам дека настанот на ЦЕЕД Хаб Скопје ќе биде почеток на идни партнерства и ќе овозможи квалитетна дискусија меѓу присутните.

Твојот ЛинкедИн профил зборува за големо искуство во ИТ индустријата како менаџер за развој на производи од областа на сајбербезбедноста на ИТ апликации на Дојче Телеком, што значи дека си одговорна за процесот на развивање нови функционалности во производите во комуникација со клиентите, на секои две недели. Но имаш поминато релативно долг период како раководител на одделенија во меѓународни младински асоцијации за претприемништво. Кој е твојот мотив и предизвик да работиш со млади, зошто баш со оваа категорија лица?

Моето интернационално искуство во младински организации од областа на претприемништвото започна во септември 2017 година, кога бев ангажирана како проектен координатор во Асоцијацијата за млади претприемачи на Европската Унија, што пак ми овозможи подетално да се запознаам со проектите на ЕУ кои поттикнуваат, финансираат и промовираат младинско претприемништво. Да се работи со млади претприемачи е многу креативно и интересно искуство и бара добро познавање на технологиите и на странските пазари, со оглед дека оваа Асоцијација градеше мостови меѓу организации со седишта во и надвор од Европската Унија. Тоа искуство пак, ме доведе до Глобалната мрежа на претприемништвото од каде ме контактираа да ја преземам улогата на национален координатор на Глобалната недела на претприемништвото во Македонија, по што започнавме организација на оваа иницијатива заедно со Стартап Македонија како домаќини на неделата. Мотивот да се вклучам во организација во овој потфат, беше да помогнам во создавање на препознатлива иницијатива која ќе го позиционира македонскиот екосистем на мапата на светските најдобро развиени и поврзани екосистеми.

Бидејќи си добро запознаена со претприемачкиот екосистем, кои се според тебе позитивните мерки што се преземени и од државни институции, и од останатите, независни организации, а во кои области сметаш дека се потребни дополнителни напори за да се развие претприемништвото кај нас?

Генерално, одвојувањето на средства од страна на државата за реализација на инвестиции во компании преку повиците на Фондот за иновации и технолошки развој, особено повиците за доделување на иновациските ваучери, помагаат за поттикнување на претприемништвото, не само од страна на компаниите како апликанти, туку и ја поттикнуваат академскиот сектор да размислува во насока на материјализација на истражувачките трудови. Сметам дека врската меѓу академијата односно науката и технологиите може да помогнат во справување со многу предизвици кои моментално постојат во Македонија. Сметам дека е потребно ревидирање на наставните програми што предвидуваат предмети поврзани со претприемништвото; каде во основните школи би се предавало преку гејмификација или креативна работа меѓу учениците, додека во средните училишта може да стане збор за основање на клубови на млади претприемачи како дополнителни секции. Во однос на високото образование, сметам дека би било корисно генерално сите струки да имаат предмети поврзани со обработка на податоци и вовед во дигиталните технологии (во обем кој го дозволува областа на студирање), со оглед на лекциите кои беа научени за време на Ковид-19 кризата каде дигитализацијата неколкукратно го зголеми развојот на одредени бизниси, додека за други се наметна како услов за преживување.

Која категорија граѓани сметаш дека се среќава со најтешки бариера во поглед на започнување и развој на сопствен бизнис, и што би била твојата препорака за нив?

Постојат повеќе категории на лица кои се соочуваат со бариери за основање бизниси, но тоа зависи од аспектот од кој се анализираат самите бариери. На пример, дел од ромското население често се соочува со проблеми во делот на формализација на бизнисите. Заради тоа, постојат специјализирани организации кои преку разни програми помагаат за основање и водење на бизниси меѓу оваа популација. Таков е примерот на иницијативата РЕДИ која имплементира Ромска програма за помош при добивање на заем без камата. Мојата препорака во овој случај е да се поддржат повеќе иницијативи од ваков вид кои директно би работеле со засегнатата група.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -