Катарина Георгиевска: Неопходни се лидерки со современ пристап за да се промени општеството

Катарина, односно Ката е ко-споственик, заедно со нејзиниот сопруг Ванчо на „ранчо“ во село Оморани, каде успева со невидена грижа и посветеност да привлекува посетители и гости, не само од Македонија, туку и од целиот свет. „Ранчо и Ванчо“ на Ката е едно оригинално и егзотично место кое ја приближува македонската традиција до гостите, но нуди и шанса за себе-пронаоѓање, близок контакт со природата и секако, незаборавно искуство. Повеќе за ранчот можете да дознаете на овој линк, но повеќе за Ката, жената која прегрнува столетни дрвја и се грижи за секоја пчела што ќе го посети нејзиниот двор, како и за нејзината мотивација и инспирација што ја прави успешна во својата мисија, прочитајте во продолжение.

Катарина, во последно време Ранчо и Ванчо на Ката стана вистински бренд за селски туризам во земјата, но и пошироко. Бизнисот се чини дека цвета, дури и во време на светска пандемија, а препознатливи сте по личниот труд вложен во задоволството на вашите гости. Но кажете ни нешто повеќе за себе. Која е Ката? Што ја тера да се стане наутро од кревет? Што ја мотивира?

Јас сум една обична, скромна жена, која во своите зрели години се повеќе ја сфаќа суштината на живеењето на своите сништа, реализирањето на себеси во реалноста. Иако повратната реакција од околината честопати е сосема поинаква од овој мој опис за себеси 😊, јас сум само една романтична душа која сака да ужива во „радоста на моментот“. Најубавите утра ми се оние кога се будам во мојата спална соба во куќата во Оморани: првиот допир со денот е цвркотот на птиците а по отворањето на очите, погледот ми паѓа на убавите црвени рози кои се надвиснуваат над прозорците. Кога го чувствувам и допирот на Ванчо покрај мене, будењето ме води кон спознанието дека сите радости и таги, убави случки и препреки, имам со кого да ги споделам или да ги пребродам. Ете тоа е мотивацијата да се стане од креветот, да се направи утринскиот чај и ако нема итни обврски (појадок за гости, он-лајн работни состаноци), да му се насмевнам на денот и синото небо. Да се живее во моментот е токму тоа: неколку слободни минути да прошетам низ градината и да го разбудам умот со вежби од типот „што да правам дента“ и „какви обврски или хоби да реализирам“. Притоа, одново и одново проверувам кое растение колку пораснало или како напредуваат плодовите и им упатувам пофалба за нивниот напредок. Кога сум во градот, утрата се сосема поинакви и тогаш, тажно или не, нема некоја мотивација: бучавата, гужвата и сивилото едноставно го потсетуваат умот дека мора да се стане и да се реализира сето она што сакале или не, се наоѓа на дневниот ред. Тоа што самата сум свесна за своите задачи и го создавам сопствениот план и распоред за тоа како да помине денот, неделата, месецот …. за мене е слобода на живеењето.

Еден од апартманите на Ранчо и Ванчо на Ката

Како дојдовте на идеја да се занимавате со селски туризам, што ве поттикна да купите стари селски куќи и да одлучите дека во Оморани може да се случат прекрасни нешта?

Јас сум од оние поретките деца, кои растеле во град (Скопје). Јас немав баби и дедовци, ниту пак други роднини на село. Моите родители не правеле излети и викенд-прошетки во село. Ме носеле на море, на излетничко-рекреативни места во природа, покрај езера, реки, на планина, но не и во некое старо село. Мојата прва средба со старо македонско село беше кога имав 27 години при посета на селото Маково, Мариовско. Речиси напуштеното село, обраснатите ниви, падини, а особено специфичниот мир на безграничното постоење кој ништо не го нарушува, ги доживеав како допир со Вселената. Животните искуства кои следуваа потоа ми покажаа дека она што ќе го помислиш со чист ум (состојба во чисто постоење, овде и сега) некогаш подоцна, кога е тоа најдобро за мене, ќе се манифестира во објективниот, материјален свет. Од денешна перспектива претпоставувам дека конечната мисла која протекувала низ моите ум и тело при таа посета била: „вака се живее“, алудирајќи на волшебниот мир. Еве, 22 години подоцна, мислам дека таа манифестација се случува, преку иновативна идеја за т.н. селски туризам, кој овозможува доволно приходи за едно фино и опуштено семејно живеење во природа. Доволно е силно да посакаме нешто, а Вселената ќе се потруди тоа да го организира на најдобриот можен начин за нас, во соодветно време и во специфичен сплет на околности.

Што ве прави препознатливи и уникатни, и како успевате секоја година да имате што поголем број посетители, вклучувајќи го и овој период на Ковид-19?

Дегустатција на разни видови сирење

Без многу дилеми, тоа се 2 главни нешта: атрактивна („препознатлива и уникатна“) понуда и квалитетна услуга (која води кон пораст на бројот на посетители, па дури и во интересниот период на Ковид-19). Но ова се многу општи и широки поими, односно, за еден критериум за квалитет вие можете да дадете оценка 3 а јас 5. Во суштина, јас сум човек со многу високи критериуми, вклучително и за квалитет. Во 21от век, туризмот е најбрзорастечка индустрија на глобално ниво. Европа дури и нема капацитет да го прими претпоставениот број на туристи од Азија. Во такви услови, уникатната понуда може да се развие на некое недопирливо место, онаму каде нема конкуренција, а ја имате целата креативна слобода да создадете нешто автентично и „барано под дрво и камен“. Од денешна перспектива, мило ми е што во 2020 година „Ранчо и Ванчо на Ката“ конечно е препознаено од домашната јавност како уникатно место. Постојано повторувам дека градежните активности можат да се реализираат и за неколку месеци, доколку некој поседува добар финансиски капитал. Но, за да ја смените кармата и енергијата на едно место, растенијата да почнат да живеат со мојата душа, и ластовичките да се огнездат токму на влезот од нашата куќа, еееее за тоа треба време, под услов постојано да се вложува во градинарските работи и во „чистењето“ на куќата. Овде не мислам само на обичното чистење на собите и бањите по заминувањето на гостите – тоа постојано чистење е неопходно за да се исчистат вековите на заеднички живот со животните, сиромаштија и ропство на македонските села и народ. Од друга страна, кога престојувам во мојата куќа, за мене е тоа живот исполнет со радост на создавањето на разни нешта, среќа на собирањето на плодовите од градината, задоволство при  подготвувањето на храната и леснотија на спиењето, со еден збор, љубов.

Кога велиме „квалитетна услуга“ тука спаѓаат еден мал милион работи, почнувајќи од менаџирањето на резервациите на Booking.com, AirBnb и сите пораки кои ги добивам преку разни комуникациски канали, па се` до, на пример, сувите декоративни цветови оставени во бањите. Помеѓу овие две „работи“ стојат уште огромен број „ситници“ кои треба да се осмислат, да се организираат и да се реализираат. Осмислувањето на овие ситници всусшност е една постојана, рутинска креативност на мојот ум.

Враќање кон традиционалните вештини и вредности

Покрај овој бизнис, вашиот сопруг и вие имате редовни работи во главниот град. Колку е тешко да се постигне вистинскиот баланс помеѓу обврските? Како успевате да постигнете се`?

Да, ние сме сепак луѓе од стариот ков. Ние бевме образувани во општество во кое не постоеше терминот „претприемништво“. Ниту пак некој не` учеше што значи ризик, дали си подготвен да го преземеш и како да го намалиш или пак целосно избегнеш истиот. Оттука, ние се` уште гледаме на туристичкиот бизнис како на хоби и како на дополнителна хонорарна активност. Реално, поинтензивен пораст се случува последниве 3 години, откако јас престанав да работам една те иста работа 20 години и всушност одлучив повеќе да се посветам на едно ново поле, туризмот. И ете, сфатив дека е тоа активност која ме прави многу поопуштена, посреќна, повесела. Всушност, за разлика од административната канцелариска седечка работа, ова е нешто што ме движи физички, но и ментално, бидејќи туризмот е високо динамичен процес, доколку сакате да сте во постојан раст (со исполнет капацитет).

Познатите светски менаџери велат дека човек може да го постигне сето она што го сака: зависи што ќе постави како приоритет за реализација. За некоја жена приоритет е во четврток денот да се помине по козметичко-фризерски салони, а во сабота денот да се помине во неколку кафулиња со разни друштва и „размена на информации во врска со градските случувања“. Јас пак, би се радувала тоа време да го поминам во градината со цвеќињата, да прочитам некои „информации во врска со туристичките трендови / атракции во светот“ или пак да создадам некоја нова рачна изработка/декорација. Зависи што сакате да постигнете, што ви е целта на постоењето.

Кога престојувам во мојата куќа, за мене е тоа живот исполнет со радост на создавањето на разни нешта, среќа на собирањето на плодовите од градината, задоволство при  подготвувањето на храната и леснотија на спиењето, со еден збор, љубов

Можете ли да повлечете паралела помеѓу она што ве тера да го развивате ранчот и она што ве задржува на работното место?

Бидејќи двете ќерки ми студираат во Словенија, неопходни се повисоки месечни трошоци за студентскиот живот таму. Релативно добриот месечен надомест кој го остварувам низ годините ми овозможи не само да инвестирам во селскиот туризам, на кој гледам како на работен ангажман во позрелите години од животот, туку и да ги покријам трошоците за студии на децата, а по нивното дипломирање, се надевам дека ќе бидам во можност целосно да преминам на живеење од професијата туризам. Најтешко ми паѓа кога од длабокиот сон ќе ме разбуди алармот и со едно око забележувам дека надвор е тмурно, магливо утро, а јас треба да станам од топлиот јорган. Бидејќи сум биолог по образование, мојата најголема желба е да живеам како што и биолошки сме создадени: во трите зимски месеци да се хибернира, а со доаѓањето на пролетта да се будат и животните активности. Електричната струја е голем пронајдок, но таа треба да ни го олесни животот, а не да ни „овозможи“ да работиме и во темнина, кога природно, организмот треба да се одмора. Филозофски гледано, мислам дека ова нарушување на природниот биоритам на човекот е најголемиот проблем на 20от и 21от век. Затоа и се залагам за нова парадигма на живеењето, односно враќање на нашите природни биоритми и живот во заедништво со природата.

Сметате ли дека развојот на селскиот туризам во Македонија е на прав пат? Што треба да се направи за да се развие овој сектор?

Не, сметам дека сме се` уште многу далеку од развиен селски туризам. На прсти може да се избројат давателите на вакви услуги во целата земја, а зборуваме за период од 15-20 години. Тоа не е во ред. Погледнете што се случува во светот, па еве и потесно, во нашиот балкански регион. Сместувачките услуги, а со нив и подготвувањето на разни специјалитети храна, пијалаци, активности, се во пораст со многу поголем интензитет. Кај нас се препознаваат само „земјоделски активности“ како подобни за разни видови субвенции, но не и селскиот туризам. Освен програмата ИПАРД која го вреднува селскиот туризам како економска активност на село, како и еднократна субвенција од Министерството за економија за адаптација на селско домаќинство (но истата е со вредност од само 3,500 евра) други, државни субвенции на годишно ниво не постојат. Ако на земјоделците им се нудат годишни субвенции за садење тутун или одгледување овци, нормално дека тие ќе одберат такви активности, а не туризам. Втора причина е менталитетот на луѓето во Македонија: оние кои живеат во градовите – на крај памет не им е „да се вратат“ и да живеат во село, особено ако во нивната меморија се` уште има слики од „мачниот“ живот на село. Со помладите пак, образовани луѓе, проблемот е што немаат друг избор, освен живот во град: инфраструктурата на селата во Македонија, каде би можело да се развива туризам е катастрофална: недостаток на патишта пристапни за лесни возила, но и за автобуси (групи на туристи), недостаток на услуга за собирање на цврст комунален отпад, па дури и недостаток на квалитетна вода за пиење. Јавниот транспорт вообичаено не постои во селата, жителите се снаоѓаат кој како знае и умее. А ако се прашувате каде ќе посетуваат децата основно и/или средно училиште, е тогаш дефинитивно ќе се откажете од таквите идеи. Ете затоа, македонските села се или целосно или во процес на до-изумирање. Се додека некој не постави квалитетно образование (притоа не мислам само на наставнички кадар, туку и на инфраструктурата, воопшто), се додека некоја политичка опција сериозно не посвети силни финансиски програми за т.н. рурален развој, кај нас само ќе се зборува напразно за „потенцијалите“ за развој на селата, земјоделието, туризмот.  И на крајот, неопходни се и таргетирани, специфични и постојани едукативни курсеви / програми и за младите невработени луѓе, но и за оние кои живеат на село, за преквалификација и свртување кон мали, туристички бизниси на село, во кои ќе се опфатат и индивидуални менторски сесии.

Велигденски појадок

Соработувате со локалните жители. Од нив набавувате свежи јајца и други намирници што ви се потребни. Кажете ни нешто повеќе за тоа како се одвива оваа соработка како модел на самоодржливост и зошто мислите дека овој вид соработка е важна?

Свежите домашни јајца, перфектното козјо сирење, лебот печен на дрва, ливадскиот мед, вргањите, капините и разни други производи од природата се она што ги скокотка непцата на посетителите и го прават нивниот престој дополнително незаборавен. Ако моето семејство се посветува на гостите кои престојуваат кај нас, вклучително и ангажманот околу подготвување на појадокот и вечерата, се` со што другите локални жители можат да придонесат, за нас е добредојдено. Неспоредлив е вкусот на овие производи со оние кои ги купуваме во маркетите во градовите, или што се произведени во фабриките. Второ, се елиминираат параметрите како што се транспорт и временски ангажман за пазарење. Не постои ниту отпад од амбалажа, бидејќи се` се предава во кошница / кутија која потоа се враќа. Ова е всушност принципот на одржлив развој, кој беше обид на крајот од 20от век да се превоспита светот за спас на планетата Земја, но се покажа како утописки концепт поради отсуството на хуманост во капиталистичкото профитабилно општество и доминантноста на желбата за материјално богатење кај најголемиот број луѓе во светот (алчноста).

„Се залагам за нова парадигма на живеењето, односно враќање на нашите природни биоритми и живот во заедништво со природата.

Дали чувствувате дека како жена претприемач, предизвиците на пазарот се поголеми поради вашиот пол?

Не. Не се сеќавам дека некогаш сум се соочила со некој таков проблем, или барем не сум го перцепирала така. Напротив, сум имала одлични ментори и соработници од машки пол, како и жени кои ме попречиле или ме омаловажиле, и обратно. Значи, или си продуховен, или не си, без оглед на родот. Зборувано со јазикот на биологијата, женскиот род носи свои биолошки предности и слабости. Предностите треба да се искористат, а слабостите треба да се дефокусираат (инаку би претставувале проблем). Физички и душевни повреди може да нанесат единки од двата рода, а како ние ќе се избориме да опстоиме, останува на нас. Биологот Чарлс Дарвин, во тој поглед е ненадминлив. Постои „Борба за опстанок“ и „Органска еволуција“ па тој во овие свои дела многу логично објаснува дека во природата успева да преживее не посилниот (ако мислиме на пример дека машкиот род би бил физички посилен), туку оној кој успева најдобро и најбрзо да се адаптира на надворешните промени (а за адаптацијата, родот и не прави некоја суштинска разлика). Со други зборови, мене најголемиот предизвик ми е како да реализирам „невозможна мисија“, а мислам дека родовите немаат никаква врска со тоа. Не треба да се докажуваме (кому?) што и колку можеме како жени, само треба да го живееме и правиме она што го сакаме и за што сме надарени. Во првите години кога почнаа да доаѓаат гостите а јас спиев во куќата за да подготвам појадок следното утро, имаше гласини во селото дека е срамота сама жена да спие во куќата со машки гости. Или, кога разни познаници од градот ќе слушнеа дека инвестирам во селски туризам, се распрашуваа дали во ментален поглед се` е во ред со мене. Јас на таквите „предизвици“ само се насмевнувам и се чувствувам тажно колку има заостанати и необразовани луѓе во земјава. Конзервативноста е страшна работа, нема напредок во општеството, води кон уназадување и изумирање на заедницата. А конзервативни единки има во двата рода подеднакво.

„Конзервативноста е страшна работа, нема напредок во општеството, води кон уназадување и изумирање на заедницата. А конзервативни единки има во двата рода подеднакво.“

Во последно време се става голем акцент на придонесот на жените претприемачи во економијата, а кај нас одредени институции прават напори да се развие тој сегмент од претприемништвото. Што според вас треба да се направи за жените кои се основачи на бизниси да имаат фер шанси за успех?

Сметам дека жените прво треба да ја извршат својата основна (природна, генетска) улога, а тоа е да го воспитуваат добро своето потомство (доколку го имаат). Ако мене мојата мајка ме воспита да се ценам себеси, верувајте дека истиот архетип / модел на однесување го имам и јас кон моите ќерки. Ако една жена трпи омаловажување од страна на сопругот и спроведува „покорност“ во секаква смисла, секако дека нејзините синови ќе постапуваат по истиот модел и иако живеат во 21от век, ќе ги омаловажуваат своите колешки, пријателки, деловни партнерки, женски авторитети.

Што се однесува до институционалните обиди, доволно е да се разгледаат стотици т.н. програми кои ја „омоќнуваат“ жената и барем нешто да применуваме и кај нас. Постои на пример и една финансиска помош за жени – земјоделки на годишно ниво, која се доделува од страна на Министерството за земјоделие, а е за оние земјоделки кои располагаат со имот (обработуваат ниви/земјоделие) на сопствено име. И тоа е одлично, но реално, многу малку се користи оваа можност, затоа што генерално гледано, во нашите села се ` уште се живее крајно конзервативно и жените „нормално“ не располагаат со сопствен имот. Џабе финансиската можност, кога не се работи на промена на конзервативниот менталитет.  Затоа лидерки, кои со современ пристап и низ сопствениот пример ќе станат идоли на однесувањето на жените, се неопходни во се` поголем број, за да се создава критична маса која ќе ги овозможи промените и еволуцијата на општеството. Се надевам дека јас сум една од тие жени, бидејќи првенствено го користам „моментот“ за лобирање за т.н. нова парадигма на живеењето, отколку само на личната материјална добивка.

Кој е вашиот совет или препорака за жените претприемачи кај нас?

Живејте го својот сон. Никогаш не трошете време и сопствена енергија на тоа што мислат другите за вас; фокусирајте се исклучиво на креативни содржини. Читајте, учете нови работи, истражувајте го светот, пак читајте и пак учете сенешто, патувајте и (повторно) учете од другите. Второ, на жените честопати им се случува од разни причини да подзаборават на своите најдлабоки внатрешни потреби и ги потиснуваат подолго време емоциите. Тогаш телото реагира со разни знаци и „лекчиња“ кои обично се манифестираат или преку болести или преку неочекувани пресврти во бизнисот. Депресијата, тагата и разочарувањето се најголемите непријатели на животот. Што и да ви се случи, колку и да мислите дека сте паднале и дека се` сте изгубиле, знајте дека е тоа најдоброто што можело да ви се случи во тој момент. И колку побрзо излезете од кошмарот, толку побрзо ќе ве огреат светлите зраци на новиот живот кој воопшто не сте го ни очекувале. Ова го велам од моето лично животно искуство, особено оваа 2020 година која за мене е најпресвртливата година во досегашниот живот. Жените не треба да развиваат лоши емоции на лутина, бес, омраза, кон оние кои ги омаловажуваат само затоа што се жени. Напротив! Продолжете да го чекорите својот пат, одронетите камења може само малку да ве забават, но никако и да ве вратат назад!

Фото кредит: Ангела Стојковска


поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -