Како претприемачките способности можат да им помогнат на младите кои се соочуваат со можна невработеност

Овие денови лошите вести никако не поминуваат, без разлика дали станува збор за нови варијанти на Ковид-19, затворање на бизниси или растечка невработеност. Особено голема грижа е невработеноста кај младите. До ноември 2020 год, невработеноста кај лицата на возраст меѓу 16 и 24 години во Велика Британија се зголеми за 13% од почетокот на пандемијата. Ова значи дека 68 000 млади луѓе сакаат да работат но не можат да најдат работа, пишува Стивен Кан, уредник во британскиот бизнис портал The Conversation.

Но има уште повеќе млади луѓе кои ја изгубиле работата и кои можеби во моментов престанале да бараат, бидејќи бројот на вработени луѓе падна за 231 000 во периодот од март до ноември 2020 год. Иако статистиките сега не се толку лоши како што беа за време на финансиската криза во 2009 год, оваа есен невработеноста создаде вистински стравови дека Ковид-19 и неговите ефекти можат да доведат до изгубена генерација. Претходните истражувања покажуваат дека невработеноста кај младите може да доведе до долготраен страв од барање работа и заработување.

Знаеме дека дури и релативно кратките периоди на невработеност водат кон губење на самопочитта, самодовербата и ги зголемува проблемите поврзани со менталното здравје, додека подолги периоди на невработеност можат да водат до уште пострашни ефекти врз менталното здравје. Ова особено важи за младите луѓе.

Со оглед на горе кажаното, која било мерка или инструмент што обезбедува работно искуство, дали преку програми за стажирање или преку програми за основање бизнис, е клучна. Ваквите можности им овозможуваат на младите лица да стекнат работно искуство, да ги подобрат нивните вештини и самодоверба, но и спречуваат загрозување на менталното здравје. Од наша перспектива, владините интервенции да ја подобрат вработливоста кај младите би можеле да бидат поефикасни со тоа што предвид ќе се земат начините за развивање претприемачки способности, како и понудата за стекнување работно искуство.

Претприемачки способности

Претприемачките способности се знаењето, вештините и ставовите што му помагаат на еден млад човек да основа компанија. Овие способности го ставаат во рамка начинот на размислување и практичното знаење поврзано со идентификација на можности, креативно решавање проблеми, преземање иницијативи, комуникација, размислување, приспособување, и животни ставови како што се љубопитност, отвореност, проактивност, флексибилност, одлучност и отпорност. Додека некои веруваат дека претприемачите се раѓаат, сепак постојат солидни докази дека таквите претприемачки способности и „претприемачкиот начин на размислување“ може да се научат.

Не секој сака да биде претприемач, но претприемачките способности не само што им помагаат на луѓето да основаат бизниси, туку ја зголемуваат и нивната вработливост. Претприемачките способности се преносливи вештини што им помагаат на луѓето да успеат во различни кариери. Тие ги оспособуваат луѓето да бидат проактивни и успешно да пловат низ несигурнои времиња и да ги надминуваат ограничувањата во ресурсите, што се елементи кои се карактеристични за бизнисите и организациите во сегашната средина.

Негување претприемачки начин на размислување

Најпрво, важно е да се понуди работно искуство во мали бизниси, така што добро е мерките за основање бизнис за време на пандемија да продолжат. На овој начин, младите луѓе кои стекнуваат работно искуство, истовремено се запознаваат со пофлексибилни работни средини во малите фирми што вообичаено нудат покомплексни и интересни работни задачи, бидејќи работата не е централизирана и поделена во сектори како во големите фирми.

Второ, постоечките инструменти можат да се дополнат со интерактивни модули за обуки што ги развиваат претприемачките способности. Обуките не би требало да се фокусираат на „започнување бизнис“, туку на овозможување помош на младите самите да ги развиваат и продаваат нивните идеи, да го разберат претприемништвото како процес и како пристап кон решавање проблеми и реализација на проекти. Сите овие способности се корисни за вработувањето.

Трето, проширувањето на постоечките мерки и инструменти е потребно за да се препознае основањето на одреден бизнис или социјално претпријатие како вредно образовно искуство по себе и да обезбеди поддршка за младите лица кои имаат идеја што сакаат да ја реализираат. Пред Ковид-19, околу 8% од лицата на возраст помеѓу 18 и 24 години во Велика Британија биле инволвирани во процес на започнување сопствен бизнис и голем број други имале идеи за стартап компании што можат да понудат можности за учење. Навистина, младите лица кои започнале претприемачки проекти и бизниси за време на пандемијата велат дека тоа им овозможило чувство за контрола и им помогнало со менталното здравје.  

Нашата цел не е да ве убедиме дека секој треба да стане претприемач и да го создаде сопственото работно место. Доказите посочуваат дека притисокот врз невработените лица да основаат бизнис често пати резултира со стартап компании со низок квалитет и дека голем број млади, исто така би имале корист ако стекнат работно искуство пред да започнат бизнис. Сепак, има и потенцијално позитивна страна на опремувањето на голем број млади луѓе со претприемачки способности: тоа им овозможува да водат поисполнети животи и на работа и приватно; организациите и бизнисите имаа пристап до поголем број талентирани професионалци; додека пак потенцијалот за создавање нови работни места кога лицата со развиени претприемачки способности чувствуваат дека се склони да основаат сопствени организации или бизниси расте.

Но, најголемата придобивка е избегнувањето на создавање изгубена генерација и ограничување на проблемите поврзани со менталното здравје, бидејќи невработеноста, дури и во кратки периоди, на млада возраст не е само економска грижа, туку е грижа од областа на јавното здравје исто така.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот: тоа што навистина не` прави...

Пронаоѓањето на вистинската рамнотежа помеѓу личниот и професионалниот живот воопшто не е нов проблем во нашето општество. Но, тензијата помеѓу двата аспекти...
- Advertisment -