Менаџерските стилови на емоционално интелигентни лидери

Со оглед на новата ера на работа и непостојаниот економски напредок, типичните стратегии за планирање што ги тераат компаниите кон опстанок и одбрана веќе не се доволни. Стратешкото планирање промовира методолошко, аналитичко размислување што ги охрабрува лидерите да се држат до статусот кво. Стратешката агилност, од друга страна, се карактеризира со тоа што целата организација редовно нуди согледби со цел да се обнови или одново измисли вредносната пропозиција на компанијата. Тоа е еден дел од стратешкото лидерство, односно способноста на лидерот да ја изрази визијата на неговата/нејзината организација и да ги води вработените кон неа.

Постигнувањето стратешка агилност е тешко бидејќи се заснова на промена на начинот на размислување и е вкоренета во емоционалната интелигенција. Но негувањето таков начин на размислување се исплати: истражувањата покажуваат дека стратешкото лидерство, под чија капа е и стратешката агилност, е најважната лидерска карактеристика. Како форензички испрашувач и бихевиорален аналитичар, верувам дека лидерите треба да ја направат стратешката агилност приоритет во компаниската култура за да може организацијата да продолжи да се приспособува, подобрува, менува и еволуира на таков начин што секогаш ќе приредува изненадување за конкуренцијата. Тој е креативен и флексибилен мисловен процес што им помага на лидерите проактивно да одговорат на промена. И не станува збор само за стекнување ново знаење, туку и целокупен ментален и физиолошки пристап кон размислувањето и однесувањето.

Кога лидерите постојано практикуваат навики што се вкоренети во стратешката агилност, тие ги охрабруваат нивните тимови и организации да го направат истото. Идентификувани се четири клучни навики во процесот на стекнување повисок степен стратешка агилност.

Создадете ситуациона свесност

Успешните лидери создаваат ситуациона свесност со тоа што се во дослух со трендовите во индустријата додека истовремено внимаваат и на пулсот на компанијата. Ова им дозволува да предвидат кои стратегии треба да се имплементираат во блиска иднина. Лидерите имаат потреба од култура и стратегија што се ориентирани кон пазарот, добро развиени чувство за пазарот, способност да учат, како и процес што се фокусира на клиентот.

Јасноста и широката перспектива се клучни кога станува збор за одење во чекор со трендовите на пазарот. Наместо да бегаат од несигурност, стратешките лидери се потпираат на комплексните ситуации и односи за да извлечат некаква смисла од нив. Можете да извлечете значење од хаос со тоа што ќе поставувате прашања од типот на: Какви шеми гледам? и Како можам да одговорам на ова?

Прашањата што почнуваат со „Ако“ исто така можат да ви помогнат да идентификувате клучни информации. Со предвидување и откривање на условните околности, можете да го процените начинот на кој ќе одговорите на новите настани. На пример, ако владата на САД нареди втор период на карантин за време на гужвата на крајот на сезоната, дали вашата компанија би можела да ја одржи вообичаената продажба?

Фокусирајте се на насоката во која се движи компанијата

Кога го анализирате статусот на вашата компанија, запрашајте се неколку важни прашања. Каде оди вашата компанија? Кои се вашите краткорочни и долгорочни цели? Вашиот тим треба да има јасна визија за организацијата со цел да преземе дејства или да биде стратешки агилен.

Употребете податоци за да ги поставите приоритетите на компанијата и комуницирајте ги тие приоритети со вработените. Според една анкета од 2021 година, податоците поттикнуваат само 24% од напорите во компанијата, што значи дека ќе стекнете блага предност пред конкуренцијата со самото интегрирање на податоците во плановите за поставувате цели и воспоставување врски помеѓу минатите, сегашните и идните настани.

Употребете податоци од реално време за да го водите фокусот на вашата компанија. Годишните извештаи нудат многу информации, но понекогаш тие не се доволни. Секое истражување на пазарот пред март 2020 год брзо стана застарено поради пандемијата. Во средина во која се случуваат брзи промени, одберете ја брзината наместо широчината. Вашите вработените ќе го забрзаат развојот на компанијата кога имаат времени насоки за преземање дејство.

Соработувајте со други тимови за да дојдете до решение

Запрашајте се себеси дали способноста за агилност во вашата компанија почива во луѓето или на страниците на стратешки документ? Одговорот би требало да биде кај луѓето бидејќи стратешката агилност е вештина, не процес. За да успеете, целиот ваш тим мора да работи заедно.

За да негувате колективно носење одлуки, треба да водите со личен пример. Поканете повеќе чинители да учествуваат во процесот на носење крупни одлуки со користење на модел на аквариум. Кога сите кои носат одлуки дискутирате за болни точки и откриваат можни решенија тогаш се отфрлаат хиерархиските модели на менаџментот и се појавуваат подобри решенија.

Протокот на информации е клучен за соработката. Кога имате колективна посветеност, информациите течат слободно. Лидерите и поединците со повисоки емоционални количници се поефикасни бидејќи ги гледаат тимовите како капитал. Од друга страна, лидерите со ниски емоционални количници ги гледаат тимовите како закана за нивните ресурси и способност за контрола на информациите. Оваа перспектива создава силоси, трибализам и празнини во протокот на информации.

Бидете подготвени да го промените првичниот план

Кога пандемијата настапи, новите регулативи натераа речиси една третина од малите бизниси да направат промена во привлекувањето клиенти со физичко присуство. За да одбегнат привремено (или трајно) затворање, агилните лидери мораа да се приспособат брзо и креативно.

За да го одржите чекорот со пазарот, морате да бидете подготвени одново да ги алоцирате вашите ресурси. Одржувањето на моментумот е клучен аспект на стратешката агилност, и лидерите кои практикуваат промена на иницијалната идеја или бизнис план можат подобро да се прилагодат на неочекувани ситуации. Проценете ја вашата способност да го промените првичниот план со поставување на следните прашања:

  • Без разлика на околностите, дали гледам можности за мојата организација?
  • Дали критички размислувам за тоа како настаните ќе влијаат на мојата организација?
  • Дали го наградувам соодветното преземање ризици, што овозможува психолошка безбедност и заемна доверба?
  • Дали сакам да напуштам дел од бизнисот за да ги фокусирам ресурсите на можностите што сега се појавуваат?

Откако ќе ги одговорите овие прашања, одберете една до три области за подобрување. Ако сте подготвени да ги искористите можностите за раст и да направите промена кон долгорочните иницијативи, тогаш ќе бидете подготвени за успех на пазарот.

Луѓето се одлучувачкиот фактор што одредува колку добро вашата компанија може да идентификува и искористи стратешките можности за да остане агилна. Наместо да се потпирате на документи, процеси, хиерархија, верувајте му и охрабрете го вашиот тим. Од вас зависи дали како лидер ќе го насочите тимот да оди напред со агилен начин на размислување.

Кери Гојет е претседателка на Aperio Consulting Group, корпоративна консултантска компанија што користи аналитика на процесите на работното место и имплементира стратегии засновани на истражувања за да создаде култура на висока ефикасност. Таа е исто така автор на „Не-очигледниот водич кон емоционална интелигенција“.

Извор: Fast Company

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -