Интерактивна средба со фокус на важноста на менторството за деловниот развој одржана со членките на ЦЕЕД Клуб на жени претприемачи и менаџери

Споделувањето лично искуство на екперстки претприемачи, менаџери или лидери, длабокото познавање на пазарот, конекциите, и пласманот на нови производи и услуги како клучна придобивка од односот ментор – менторирано лице беше во фокусот на месечниот состанок на ЦЕЕД Клуб на жени претприемачи и менаџери, што се одржа вчера на платформата Зум.

Целтна на настанот, во организација на ЦЕЕД Хаб Скопје и Македонија 2025, беше да ги запознае жените претприемачи и менаџери со користа што можат да ја добијат за развој на сопствениот бизнис преку менторската поддршка, односно конкретните насоки за понатамошен развој, подобрени деловни вештини, можност за поголемо вмрежување и создавање партнерства, како и лична самодоверба при процесот на носење деловни одлуки.

Искусни претприемачки со македонско потекло од САД, Вера Ставров и Невенка Димитрова, и двете сопственички на приватни бизниси со големо корпоративно искуство, како претставници на организацијата Македонија 2025 ги споделија нивните професионални искуства и деловните области за кои можат да обезбедат експертиза и менторска помош.

Ментори од мрежата на ЦЕЕД Хаб Скопје исто така се претставија пред учесничките на настанот и зборуваа за нивните искуства и можности за поддршка на жените претприемачи и менаџери. Менторска поддршка за личен раст и развој, мотивација, тим билдинг, социјално претприемништво, организациски вештини се дел од понудата на ЦЕЕД Хаб Скопје.

„Преку деловната соработка со Алкалоид и производство на органски хербални чаеви, како и со Тиквеш, работам на тоа да ги промовирам македонските чаеви и вина на пазарот во Северна Америка. Можам да обезбедам професионално мислење по однос на вашата линија на производи, да ве запознаам со чинителите во вашата индустрија зависно од видот на бизнисот, и можам да ви помогнам со истражување на пазарот за здравје и добросостојба,“ посочи Вера Ставров која меѓудругото, работи и како извршен директор и претседател на Алкалоид САД.

Една од областите кои беа посочени како аспекти во бизнисот за кои е потребна најголема поддршка беа маркетингот и зголемувањето на продажбата, бидејќи дел од компаниите во сопственост на или раководени од жени истакнаа дека поради пандемијата на Ковид-19 потребни им се нови или свежи маркетинг техники за привлекување поголем број клиенти.

„Јас не го двојам маркетингот на дигитален и традиционален. Сметам дека сите видови маркетинг треба да се користат во бизнисот во зависност од потребите и пазарот кој сакате да го освоите. Затоа верувам дека со добро планирање и инвестиција во маркетинг активности ќе остварите сигурен успех,“ истакна Блета Бегу, консултант за комуникации и маркетинг, дел од мрежата на ЦЕЕД Хаб Скопје, со опсежно искуство во работа на меѓународни проекти и со интернационални институции, вклучително и УСАИД и Европската банка за обнова и развој.

Месечниот состанок „Важноста на менторството за развојот на бизнис“ е дел од Проектот за подобрување на жените претприемачи и менаџери, во имплементација на ЦЕЕД Хаб Скопје, со поддршка од Aмериканската амбасада. Целта на проектот е овозможување разни видови услуги за жените претприемачи и менаџери со цел брзо и ефикасно надминување на последиците предизвикани од Ковид-19. Во рамки на Проектот, оформен е и Клуб за жени претприемачи и менаџери.

Новина во спроведувањето на овој проект е и создавањето на локални ограноци во региони надвор од Скопје, односно во Крива Паланка, Битола и Кавадарци. Овие ограноци функционираат преку одржување разни настани за вмрежување и координација. Покрај, месечните средби за поддршка на жените претприемачи со фокус на одредени актуелни теми, се работи и на подигање на свеста за важноста на женското претприемништво во целокупната економија, и на обезбедување конкретна, реална и постојана помош за жените претприемачи и менаџери.

Проектот се фокусира на креирање специјална програма за градење на капацитетите на жените претприемачи, дизајнирана во согласност со потребите на претпријатијата во сопственост на или кои се раководени од жени.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -