Когнитивна флексибилност – клучна за учењето и креативноста

Коефициентот на интелигенција (IQ) често пати се смета за клучен фактор за успех, особено во области како што се науката, иновирањето и технологијата. Всушност, многумина имаат бесконечна фасцинација со резултатите за коефициентот на интелигенција на познати луѓе. Но, вистината е дека некои од најголемите достигнувања на нашиот вид примарно се потпираат на квалитети како што се креативност, имагинација, љубопитност и емпатија.

Голем број од овие карактеристики се вкоренети во она што научниците го викаат „когнитивна флексибилност“ – вештина што ни овозможува да анализираме и промислуваме различни концепти, или да го приспособуваме нашето однесување за да постигнеме одредени цели во нова или променлива средина. Во основа станува збор како се учи да се учи и за способноста да сме флексибилни во однос на начинот на кој учиме. Ова вклучува менување на стратегии со цел оптимално носење одлуки. Во нашето тековно истражување, се обидуваме да сфатиме како луѓето најдобро можат да ја подобрат нивната когнитивна флексибилност, пишуваат професорката по клиничка невро-психологија, Барбара Жаклин Сахакијан, асистентката на постдокторски истражувања за когнитивна неврологија, Кристел Лангли и Викторија Леонг, вонреден предавач по психологија, сите од Универзитетот Кембриџ.

Когнитивната флексибилност ни обезбедува способност да согледаме дека она што го правиме не води до успех и не` тера да направиме соодветни промени за да го постигнеме тоа. Ако вообичаено одите по ист пат на работа, но сега на тој пат се извршуваат некакви градежни зафати, што ќе правите? Некои луѓе остануваат здрвени и се држат до првичниот план, и покрај одложувањето. Пофлексибилните луѓе ќе се приспособат на овој неочекуван настан и ќе го решат проблемот.

Когнитивната флексибилност е поврзана со тоа како луѓето се справуваа со карантините за време на пандемијата – промени што создадоа нови предизвици поврзани со професионалниот живот и образовниот процес. На некои од нас им беше полесно да ги приспособат рутините за да обавуваат голем број активности дома. Таквите флексибилни луѓе можеби исто така ги менуваа рутините од време на време, обидувајќи се да најдат подобри и поразновидни начини да ги завршат дневните обврски. Други пак, се бореа со сите ограничувања и на крај станаа уште поригидни во начинот на размислување. Тие се држат до истите рутински активности, со малку флексибилност или промена.

Огромни предности

Флексибилното размислување е клучот за креативноста – со други зборови, способноста да се смислуваат нови идеи, да се прават нови врски меѓу идеите, и да се дојде до нови изуми. Тоа исто така поддржува академски и работни вештини како што е решавање проблеми. За разлика од работната меморија – колку многу можете да запомните во одредено време – флексибилното размислување е во голема мера независно од коефициентот на интелигенција, или „кристализирана интелигенција“. На пример, голем број визуелни уметници можеби имаат просечна интелигенција, но се високо креативни и создале ремек дела.

Спротивно на верувањата на многумина, креативноста е исто така важна и во науката и во иновациите. На пример, откривме дека претприемачите кои создале повеќе компании се когнитивно пофлексибилни отколку менаџерите на слична возраст и со сличен коефициент на интелигенција.

Па дали когнитивната флексибилност ги прави луѓето попаметни на начин што не секогаш се отсликува на тестовите за интелигенција? Знаеме дека таа води до подобра „ладна когнитивност“ која е не-емотивна или до „рационално“ размислување, во текот на целиот животен век. На пример, кај деца таа води кон подобри способности за читање и поголем успех на училиште.

Исто така, когнитивната флексибилност помага во заштитата од голем број предрасуди, како што е склоноста да се толкуваат нови докази како потврда за постоечките верувања или теории. Луѓето кои се когнитивно пофлексибилни се подобри во препознавање на можните маани кај самите нив и користат стратегии да ги надминат тие маани.

Когнитивната флексибилност исто така се поврзува со повисока отпорност кон негативните животни настани, како и подобар квалитет на живот кај повозрасните поединци. Дури може да донесе корист и кај емоционалната и социјалната когнитивност: истражувањата покажуваат дека когнитивната флексибилност е силно поврзана со способноста да се разберат емоциите, мислите и намерите на другите.

Спротивното од когнитивната флексибилност е когнитивна ригидност, што е случај кај солиден број нарушувања на менталното здравје, вклучително и опсесивно-компулсивно нарушување, масивна деперсија и нарушувања на аутистичкиот спектар.

Истражувањата во областа на невровизуелизација покажуваат дека когнитивната флексибилност зависи од мрежа во фронталниот и базичниот дел од мозокот. Фронталните региони се поврзани со повисоки когнитивни процеси како што се носење одлуки и решавање проблеми. Регионите во основата на мозокот се поврзани со системот за доделување награди и мотивација.

Има неколку начини на кои објективно може да се процени когнитивната флексибилност кај луѓето. Станува збор за различни научни алатки и методологии.

Засилување на флексибилноста

Добрата вест е дека може да се тренира когнитивната флексибилност. Когнитивната бихевиорална терапија на пример, е психолошка терапија заснована на докази која им помага на луѓето да ги сменат нивните шеми на размислување и однесување. На пример, лице со депресија кое не било исконтактирано од некој пријател цела недела може да мисли дека повеќе не му се допаѓа на пријателот. Во овој вид психо-терапија, целта е да се реконструира нивното размислување за да се земат предвид пофлексибилни опции, како што е зафатеноста на пријателот или неможноста да го контактира.

Структурираното учење – способноста да се извлекуваат информации за структурата на некоја комплексна средина и да се дешифрираат првенствено неразбирливи серии сензорни информации – е уште еден можен пат напред. Знаеме дека овој вид учење вклучува слични фронтални и базични мозочни региони како со когнитивната флексибилност.

Во соработка со Технолошкиот универзитет во Нанјанг, во моментов работиме на експеримент од „реалниот свет“ за да одредиме дали структурираното учење навистина може да доведе до подобрена когнитивна флексибилност.

Истражувањата ја покажуваат користа од тренирањето когнитивна флексибилност, на пример кај аутистични деца. По тренирањето на когнитивната флексибилност, децата не само што покажувале подобрени перформанси кај когнитивните задачи, тие исто така имале и подобрена социјална интеракција и комуникација. Дополнително, тренирањето когнитивна флексибилност е корисно и кај деца кои не се на аутистичниот спектар и кај повозрасни лица.

Како што ја надминуваме пандемијата, ќе треба да се осигураме дека при учењето и тренирањето нови вештини, луѓето исто така ќе научат како да бидат когнитивно флексибилни и во начинот на кој размислуваат. Ова ќе им обезбеди повисок степен на отпорност и добросостојба во иднина.

Когнитивната флексибилност е клучна за општеството да може да цвета. Може да помогне во максимизирање на потенцијалот на поединците во насока на создавање иновативни идеи и креативни изуми. На крај, токму тие квалитети ни се потребни за да ги решиме големите предизвици на денешницата, вклучувајќи го и глобалното затоплување, зачувувањето на природниот свет, чиста и одржлива енергија, и безбедност во исхраната.

Извор: The Conversation

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -