Работилница за корпоративни иновации преку Design Thinking методологијата одржана со членките на ЦЕЕД Клуб на жени претприемачи и менаџери

За да се воведат иновации во работењето на една компанија, со цел зголемување на ефикасноста, ефективноста, стекнување поголем број клиенти, или подобрени производи или услуги, прво треба да го прифатиме начинот на размислување според кој иновирањето е континуиран процес, а не активност што еднаш ја спроведуваме во нашата компанија. Потоа, воведувањето иновации мора да започне од врвот, од лицата кои се на највисоките позиции и мора сите сектори и вработени да бидат запознаени со тоа што ги чека во тој процес, и таквите промени да бидат општо прифатени по хоризонтална и вертикална линија. Трето, воведувањето иновации претставува стратешки пристап, во кој првично се идентификуваат областите во кои е потребно и во кои можат да се воведат новини, да се дефинираат најголемите предизвици во тие области и да се создадат услови таа стратегија за воведување иновации да се спроведе.

Ова беа заклучоците до кои дојдоа учесничките на интерактивната работилница за воведување на Design Thinking методологијата во една компанија чија цел е подобрено работење, односно имплементација на нови и иновативни можности за раст и развој.

Фокусирајќи се на главните елементи од пристапот Design Thinking, преку практично и врсничко учење, околу 40тина учеснички, членки на ЦЕЕД Клуб на жени претприемачи и менаџери,  имаа можност подобро да се запознаат со користа од воведувањето на овој пристап во компаниите и да се запознаат меѓусебно, создавајќи прилика за идни партнерства и соработки.

„Станува збор за процес кој не е стихиен, туку обмислен и постепен. Откако ќе се уверите дека сите сектори во компанијата го поддржуваат процесот на воведување иновации, и ги имате дефинирано улогите и задачите на иновацискиот тим за што одлучува менаџментот, можете да започнете со имплементација на процесот кој е насочен кон задоволување на нешто посакувано, т.е. крајниот резултат треба да е посакуван од вашите клиенти, корисници, партнери. Но исто така, пред да се втурнеме во креативно решавање на проблемите на вашата компанија, мораме да знаеме дека можеме реално да го оствариме процесот и дека нема да банкротираме по пат, бидејќи овие процеси можат да бидат скапи бидејќи бараат ресурси во време и во финансии,“ посочи Елена Хаџи Пецова, проектен менаџер во ЦЕЕД Хаб Скопје и експерт од областа.

Пристап базиран на емпатија кон корисникот

Design Thinking подразбира севкупен процес чија цел е, на емпатичен начин, да се разбере корисникот на производот или услугата на дадената компанија, да се предизвикаат и надминат субјективните претпоставки на раководните лица и да му се пристапи на проблемот од поинаков агол. Фокусот на овој тип методологија е самиот процес на изнаоѓање решенија за проблемите. Design thinking е начин на размислување и работа исто колку што е и практична примена, а процесот на дизајнирање има поголема додадена вредност од креирањето услуги и производи. Овој процес на размислување може да се примени на системи, процедури, протоколи и кориснички искуства.

Активност во рамки на Проектот за подобрување на вештините на жените претприемачи и менаџери

Интерактивната работилница „Размислувај креативно, управувај корпоративно“ е дел од Проектот за подобрување на жените претприемачи и менаџери, во имплементација на ЦЕЕД Хаб Скопје, со поддршка од Aмериканската амбасада. Целта на проектот е овозможување разни видови услуги за жените претприемачи и менаџери со цел брзо и ефикасно надминување на последиците предизвикани од Ковид-19. Во рамки на Проектот, оформен е и Клуб за жени претприемачи и менаџери.

Новина во спроведувањето на овој проект е и создавањето на локални ограноци во четири различни региони надвор од Скопје. Овие ограноци ќе се креираат преку одржување разни настани за вмрежување и координација. Покрај, месечните средби за поддршка на жените претприемачи со фокус на одредени актуелни теми, се работи и на подигање на свеста за важноста на женското претприемништво во целокупната економија, и на обезбедување конкретна, реална и постојана помош за жените претприемачи и менаџери.

Проектот се фокусира на креирање специјална програма за градење на капацитетите на жените претприемачи, дизајнирана во согласност со потребите на претпријатијата во сопственост на или кои се раководени од жени.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -