Создадете си кариера што ќе го отсликува вашиот карактер

Колку често го сметате вашето работно место како пат за станување најдобра морална верзија од себеси? Според нас, преку креирање на работното место, односно со активно повторно конципирање, редефинирање и одново дизајнирање на работното место, работната средина може да стане морална лабораторија за развој на личниот карактер. Ова е особено важно кога предвид ќе се земат илјадниците часови што најверојатно ќе ги поминете на работа, а целата приказна почнува со одново врамување на вашиот пристап кон работата како можност да станете подобра личност, во сите аспекти од вашиот живот. Оваа теза ја изложуваат Исак Х. Смит и Марјам Кучаки, асистент професор по организационо однесување и човечки ресурси на факултетот за бизнис Мариот, и доцент професор за менаџмент и организации на факултет Келогс при Северозападниот Универзитет.  

Иако речиси сите луѓе сакаат да одржуваат слика за себе како добри и морални битија, една неодамнешна студија предлага дека голем дел од нас не му даваат приоритет на моралот кога станува збор за личниот развој. Кога 800 додипломци биле замолени да ги рангираат промените во карактерот што најверојатно ќе ги видат кај себе во текот на нивните животи, не-моралните карактеристики (како што се способност за социјализација, продуктивност и креативна фантазија) добиле приоритет пред моралните карактеристики (како што се сочувство, искреност и општ морал). Додека е возможно овие наоди единствено да рефлектираат социјална анксиозност, грижи во поглед на кариерата или фокус кон себе што е честа појава кај студентите на факултет, ние веруваме дека кај голем број лица пристапот кон сопственото чувство за морал се одликува со преголема самодоверба и самозадоволство што ненамерно го спречува развојот на карактерот. Токму поради ова, ги поттикнуваме луѓето да развијат чувство за морална понизност и да ја препознаат потребата за проактивен фокус на станување најдобрата морална верзија од себеси, дури и на работа, посочуваат авторите.

Работната средина како морална лабораторија

За многу луѓе, искуствата од работното место обезбедуваат многу можности за развој на храброст и самоконтрола што се неопходни за избегнување на однесувањата што не` искушуваат и се неетички, како што е лажење на клиентите, плаќање мито, „шминкање“ на трошоците или манипулирање со сметководствените документи. Сепак, личност со добар карактер не само што избегнува да прави лоши нешта, туку исто така цели кон добри. Работното место служи како уникатна средина каде може да се практикува сочувство и љубезност (дури и кога можеби се чувствуваме необврзани да го правиме тоа, како што би бил случајот со семејството и пријателите). На работа можеме уште повеќе да ги развиеме доблестите поврзани со вредното работење (продуктивност и напорна работа), храброст (да се зборува отворено кога нешто не е како што би требало), или фер однос (во начинот на кој ги третираме подредените или клиентите). На кратко, колаборативните, социјалните, хиерархиските, аспектите насочени кон ефикасноста, па дури и поттикнувачките аспекти на нашето работно место често пати создаваат средина што е подобна за тестирање на нашиот карактер и што ни помага да ги рафинираме нашите доблести. Но, со цел да се извлече целосна корист од оваа морална лабораторија, потребно е да се вложи фокусиран напор од наша страна, потребно е да го креираме работното место.

Креирање на работното место за развој на карактерот

Ејми Врзешниевски од Универзитетот Јејл и Џејн Датон од Универзитетот во Мичиген првично ја презентираа оваа идеја и ја изнесоа тезата дека луѓето можат да ги креираат нивните работни места најпрво со промена на начинот на кој што размислуваат за нивната работа (когнитивно креирање); второ, со промена на обемот и видот обврски за кои се ангажирани (креирање задачи); и трето, со менување на природата на нивните врски и интеракции со другите луѓе на работа (релационо креирање). До денешен ден, повеќето истражувачи и практичари го испитуваат овој концепт како начин да се направи работата позначајна и задоволителна, и начин за зголемување на поединечната ефикасност кај вработените. Но ние предлагаме дека можете исто така да се впуштите во одново креирање на работното место за да станете подобра морална верзија од себеси.

Прво и најважно, искористете го когнитивното креирање за во основа да го промените начинот на кој и` пристапувате на вашата работа, препознајте го фактот дека работата е пат за развој на карактерот. На крајот на секој ден, запрашајте се себеси дали сте подобра личност од личноста која се разбудила и станала од кревет тоа утро, поради вашиот придонес на работата. Потоа, на почетокот на следниот ден, запрашајте се себеси што можете да направите за да станете уште подобра личност до крајот на денот? Кој би можел да ви помогне или да ве поддржи? Што можам да придонесам на работа што ќе направи позитивна разлика (за колегите, клиентите, мојата организација, општеството во поширока смисла)?

Второ, ангажирајте се во креирање задачи што ќе дадат форма на вашите дневни активности на начин што истовремено ви овозможува да ги одбегнете етичките предизвици и ви дава можност да бидете позитивно влијание. Инкорпорирајте заштитни мерки во вашите рутини за да се заштитите себеси од искушенија. Идентификувајте ги задачите што сметате дека би направиле најголеми позитивни разлики и ангажирајте се во нив почесто. Вбризгајте љубезност, саможртва или други благородни цели во задачите што ги обавувате. Развијте храброст за да создадете навика од редовно изложување на вашето мислење во вашиот тим или организација (за да предложите значајни подобрувања или за да посочите нефер односи, неправда или дискриминација).

Трето, употребете го релационото креирање за да изградите силна мрежа на пријатели, колеги и ментори на работа кои ги поддржуваат вашите напори да живеете според вашите вредности. За да си помогнете да го „избегнувате лошото“, испратете сигнали до вашите колеги и супервизори дека сте посветени на етичко однесување на работа, и најдете ментор кој е желен да ве води низ етичките предизвици. Со цел „следење на доброто“, обидете се да и` пристапите на секоја интеракција со другите луѓе како можност да охрабрите, поттикнете и поддржите. Поминете повеќе време со луѓето кои ве прават да се чувствувате како да го давате најдоброто од себе, и ограничете ја интеракцијата со оние кои ве влечат надолу (иако понекогаш токму на тие луѓе најмногу им е потребна вашата љубезност, сочувство и услуга).

Кога креирањето не е доволно

Одредени професионални позиции, организации, па дури и индустрии не се подредени на вашите лични морални вредности. Сите ние сме оформени од нашата средина во голема мера, и покрај моќта на креирањето работни места, контекстот во кој работиме сепак може да го спречи нашиот морален развој. Оттука, бидете проактивни кога станува збор за наоѓање работа што ви обезбедува најголемо морално совпаѓање. Кога проценувате одредено работно место, обрнете внимание на мисијата на организацијата, и бидете сигурни дека можете да ги прифатите нејзините вредности. Стекнете разбирање за културните норми на компанијата, особено во поглед на етиката. Зборувајте со сегашни и минати вработени и запрашајте ги какви се нивните секојдневни искуства на нивните позиции. Прашајте ги со какви етички предизвици се соочиле, доколку имало такви, и како работното место или организацијата им помогнала да растат и да се развиваат како личност. Запрашајте се себеси дали се ова типовите луѓе со кои би сакале да работите, и дали ја отсликуваат личноста која целите да ја отелотворите. Накратко, обидете се да најдете работа што е во согласност со вашите лични морални вредности и што ќе ви овозможи да го креирате вашето работно место на начин што ќе ви помогне да го развиете моралниот карактер.

Без разлика дали ја гледате вашата работа само како плата, како чекор погоре на кариерната скала, или дури и како животен повик, ве охрабруваме да му пристапите на вашето работно место како на пат на кој ќе станете подобра личност – како на лабораторија за рафинирање на вашиот карактер. Тоа ќе ви помогне не само да станете доблесни, туку и да им помогнете на другите. Истражувањата во психологијата за елевација – моралната емоција што се доживува кога сме сведоци на доблесни дејства кај другите што води до желбата да станеме подобри личности – предлагаат дека моралноста може да биде заразна. Креирањето на вашето работно место на начин што води кон исклучителни однесувања може да резултира со морална зараза од која и другите во вашата организација ќе имаат корист. Како малечко камче фрлено во голема бара, вашето едноставно креирање на работното место може да се пренесе низ целата организација. Обидете се со оваа практика за да го направите светот подобро место – и започнете со вашиот живот.

Извор: Harvard Business Review

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Парадоксот на обучувањето

На врвот на кој било вид потфат, ќе откриете дека најефикасните луѓе имаат обучувачи (коуч), пишува Сет Годин, еден од најизвиканите автори...
- Advertisment -