Создадете нови мозочни врски за претприемачки успех

Ако 2020та година не` научи една работа, тоа е дека работите се менуваат. Или, кажано уште подиректно: работите мора да се променат ако целта е да останат успешни. Очигледно, минатата година беше брутална за многу од нас низ целиот свет. Но, и покрај сите тешкотии, гледаме неверојатен прогрес и промена на првичната идеја, што пак докажува дека и најтешките околности можат да ни отворат нови можности. Каде е тајната? Ако можеме да преминеме преку нашите вообичаени методи и шеми на правење нешто, и да ја искористиме која било ситуација во која ќе се најдеме, тогаш можеме да пронајдеме нови нивоа на успех, пишува Ренди Гарн, страствен претприемач, говорник и меѓу најпродаваните автори според Њујорк Тајмс, експерт во областа на привлекување нови клиенти, маркетинг и продажба.

Но, сакав подлабинкси да ја истражувам тајната и да дојдам до неколку конкретни чекори што можете да ги имплементирате во вашиот живот. Така што, разговарав со д-р Алок Триведи, експерт по здравје и човечко однесување кој исто така е и автор на книгата „Бркајќи го успехот“ и основач на Институтот за подредена ефикасност (Aligned Performance Institute). Го прашав дали има некаков совет за претприемачите во овие напорни и изискателни времиња, а тој ми одговори дека најдобриот начин да се справиме со промена е да се промениме самите ние. Или, како што вели насловот: да создадеме нови мозочни врски, посочува Гарн.

Д-р Триведи вели дека надворешните фактори на светот во принцип се вон наша контрола, но како ќе се приспособиме на нив ја прави разликата помеѓу успешно истакнување од другите и одење напрец, и стоењето во место, без да стигнете некаде. Иако добиваме чувство на безбедност кога опуштено се одмораме во нашите комфорни зони, секој вистински претприемач знае дека ништо нема да се случи ако стоиме во место. Успехот, по дефиниција, бара постојана состојба на промена и приспособување. Но, не е секогаш лесно да се знае како да се започне и каде да се стигне кога еднаш ќе започне промената. Додадете пандемијата во комбинацијата, и посолете го тоа со малку екстремна несигурност, менување на првично зацртаниот план и создавањето нови умствени врски може да изгледа речиси невозможно.

Добрата вест е што новите мозочни врски не се невозможни! Д-р Триведи ја потврдува идејата дека сите ние можеме да се справиме со нашите лични приспособувања додека истовремено ги менуваме нашите мисли и дејства за да бидеме поуспешни. Всушност, ние навистина можеме да создадеме „нови мозочни врски“ на клеточно ниво за да размислуваме и да се чувствуваме поинаку. Можеме да почнеме со реформа на едно основано ниво на тоа кои сме ние навистина и да се реконфигурираме себеси за да бидеме опремени за успех. Додека овој метод може да делува дека е тежок за реализација, неговото практикување е релативно едноставно. Д-р Триведи ми предочи пет чекори, специјално наменети за претприемачите, што ќе им помогнат одново да почнат да чекорат на подобар пат.

Чекор 1: Одново формулирајте ги вашите очекувања

Овој основен чекор е камен темелник на процесот на создавање нови мозочни врски. За некои анализирањето на сопствените грешки и создавањето притисок за минатите неуспеси може да биде лесно. Оваа вина од минатото предизвикува губење на самодовербата во сегашноста и не` држи настрана од патот напред. Иако ова може да е наследно кај сите нас, важно е да разбереме дека можеме да го надминеме.

Она што треба да го сторите е свесно да ги слушате вашите мисли и повратните информации што тие мисли ви ги даваат. Би требало да сте целосно реални и да разберете дека секогаш ќе има пречки на патот и дека нема да бидете совршени. Така што, во ред е ако се збуните или направите мал хаос. Сепак, наместо да се фокусирате на тие грешки, фокусирајте се на она што сте го постигнале и начинот на кој можете да продолжите напред. Славете го успехот и кога ќе се сопнете, прифатете ја научената лекција. Колку повеќе го правите ова, толку повеќе вашиот мозок ќе може да се реконфигурира, до таа мера што успехот ќе биде ваш вообичаен начин на функционирање. Успехот ќе стане дел од вашата природа, односно ќе можете со леснотија да се навраќате на минатите победи, што пак ќе ви дозволи да остварувате успешни потфати со намалена смисла за страв.

Чекор 2: Користете тродимензионално размислување

Следно, би требало да ја прилагодиме скалата и опсегот на нашите амбиции. Во светот од 9ч до17ч, голем број вработени размислуваат за нивните дневни задолженија и кариерни патишта како прилично права линија, додека задачите А-Б-В служат како нивни референтни точки на патот. Добиваат насоки од претпоставените и продолжуваат да ги извршуваат задачите што некој друг им ги задал. Понекогаш добиваат шанса да додадат нивен удел и креативност. Понекогаш не. Овој вид на работа од ден за ден е она што д-р Триведи го нарекува дводимензионално размислување.

Но, вистинските претприемачи не можат да размислуваат на овој начин. Напротив, претприемачите треба да можат да размислуваат на нозе и да се справат со се` што им носи судбината без авторитет кој може да презема одговорност за нивните неуспеси или успеси. За некои, оваа средина може да биде интензивна и да оптоварува, но ако сакате да растете и да се развивате, тогаш треба да бидете сигурни дека размислувате во три димензии. Постојано кажувајте си себеси дека мора да ги проширувате хоризонтите и да размислувате за прашањата на подлабок, тродимензионален начин.

Што значи тоа? Мораме да сме способни да изградиме или да отфрлиме нови структури и да се приспособиме на секоја ситуација во која ќе се најдеме. Продолжете да го правите тоа што функционира, но никогаш не станувајте до таа мера самозадоволни за да не можете да видите што доаѓа следно. Продолжете да ја засилувате мислата дека можете да се справите со секој и со се`, но запомнете дека секогаш има простор за подобрување и учење. Никогаш не престанувајте да растете. Никогаш не престанувајте да бидете креативни.

Чекор 3: Влезете во зоната на инспирација

Зоната на инспирација е магично место. Таму се засадени семињата на нашите сништа. Таму вашите амбиции почнуваат да се трансформираат во дејствија, и потоа во реалност. Сепак, лесно е да се излезе од зоната, како што е лесно да се влезе. Деталите од вистинскиот живот почнуваат да пречат, и го претвораат она што некогаш било светла и возбудлива можност во досадна и фрустрирачка мелница. Ако ова ви се случи, тогаш време е да создадете нови мозочни врски.

Сакате да ја доловите првичната инспирација што ве натера на претприемништво и да ја засилиме идејата што стои позади вашиот бизнис. Оваа инспирација може да дојде од каде било: ви се допаѓа тоа што можете да го направите за вашите клиенти или слободата што доаѓа со жртвите што сте ги дале. Дозволете си да се вратите назад во зоната на инспирација; таа ќе ви помогне да кажете: „Го обожавам ова! Горд сум поради тоа што го правам!“.

Чекор 4: Станете огледало

Огледалните неврони се вклучуваат во мозокот кога правиме некакво дејство што гледаме дека и другите го прават. Тие ни помагаат да разбереме како се поврзуваме со она што другите го прават. Кога сме деца на овој начин учиме голем број вештини и разбираме како треба да се однесуваме. Има ли подобар начин како да ја откриеме нашата смисла за успех, од повторувањето на дејствијата на успешно лице? Концептот дека треба да набљудуваме за да научиме нешто, не е нов, но идејата станува малку подлабока кога влегувате во светот на возрасните.

Замислете се себеси како ги поседувате успешните елементи на успешно лице кое го набљудувате. Всушност, дозволете си себеси да го почувствувате успехот и дозволете тој да биде дел од вас, без притоа да се изгубите себеси.

Чекор 5: Прашајте „зошто да не?“

Зошто – е одлично прашање. Тоа прашање е мотика која откопува скриени грутки знаење, но тоа исто така може да допре и до длабочината на сомнежот. Не треба да дозволиме „зошто“ да стане негативно прашање. Кога почнувате да се запрашувате „зошто?“, во врска со нешто позитивно, како што е на пример прашањето: „зошто треба да продолжам со овој бизнис?“ или „зошто мислев дека можам да го направам ова?“, претворете го тоа прашање во „зошто да не!?“. Чувајте ја идејата во вашиот ум. Запомнете дека нема нешто што би можело да ве сопре. Зошто би требало да сум претприемач? Зошто да не!?!?

Комбинацијата на овие пет чекори е навистина лесна. Јас чувам листови хартија на кои се запишани сите овие пет чекори на место каде можам да ги видам, споделува Гарн. На почетокот, морав постојано да се поправам себеси и да ги применувам овие чекори. По некое време, ми стана полесно. Потоа, откако помина релативно долг период, сфатив дека ги правам сите овие работи речиси без размислување. Морав да создадам нови мозочни врски и гледав како животот ми се менува на подобро. Иако оваа промена бара одреден напор, новите мозочни врски чија цел е успех е релативно едноставен процес.

Извор: Entrepreneur

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -