РАБОТНИОТ ПРОЦЕС ВО УСЛОВИ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Имајќи ја предвид глобалната ситуација во врска со пандемијата од вирусот COVID-19, како и мерките, препораките, заклучоците и други акти кои што нашата држава ги презема во насока на спречување на ширење на пандемијата и намалување на штетните последици, како од здравствен, така и од економски карактер, неизбежно е дека сето тоа влијае и ќе влијае врз компаниите и работниците.

Поврзано:

Со оглед на тоа, се наметнува прашањето, кои се правата и обврските на компаниите и работниците при една ваква ситуација, како сето тоа ќе влијае врз работниот процес, кои дејствија може да се преземат од страна на компаниите, дали може и во колкав обем може да има прекин на работниот процес, кои се правата на работниците кои се засегнати со одлуките на компаниите и др.

1. ПРЕКИН НА РАБОТНИОТ ПРОЦЕС ОД ДЕЛОВНИ ПРИЧИНИ

Во Законот за работни односи се споменува прекин на работниот процес како основ за право на надоместок на плата, при тоа, во законот не се предвидени дополнителни одредби и/или услови кои го регулираат прекинот на работниот процес, во смисла кога може да се определи, кој може да го определи, спрема кои работници може да се определи и сл.

Работниот процес може да прекине поради причини на страната на работодавачот во ситуации кога работодавачот ќе процени дека поради деловни причини треба да запре процесот на работа во целост или пак одделни делови од компанијата (подружници, погони, дел од производствен процес, стручни служби и сл.).

Прекинот на работниот процес најчесто е условен од немање на суровини за производство на одредени производи, непланирано остварени дополнителни залихи, драстично намалена материјално-финансиска состојба на работодавачот, за која што е потребно да се намалат трошоците како би се одржала ликвидноста, немање на неопходни материјали за работа, оштетување на некои основни средства и сл.

При прекин на работниот процес од деловни причини, работникот има право на надоместок на плата во висина од 70% од просечната плата која ја остварил во претходните 12 месеци.

1.2. ПРИВРЕМЕН ПРИНУДЕН ОДМОР КАКО ОСНОВ ЗА СТЕКНУВАЊЕ ПРАВО НА НАДОМЕСТОК НА ПЛАТА ВО ВИСИНА ОД 70%

Во Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанстовото, во главата паузи и одмори е предвидена одредба, односно можност која што не е предвидена во ЗРО, а тоа е привремен принуден одмор.

Привремениот принуден одмор претставува еден од правните основи за стекнување на надоместок на плата поради прекин на работниот процес од деловни причини и испллата на 70% од платата во траење од 3 месеци во тековната година.

1.2.1. Кои акти треба да се донесат од работодавачот

Програма, Одлука за организирање привремен принуден одмор, План за спроведување на привремен принуден одмор и одлуки за привремен принуден одмор за секој работник посебно.

1.2.3. Времетраење на Привремен принуден одмор

Привремен принуден одмор на ниво на работодавач може да трае онолку време колку што е потребно за надминување на потешкотиите при работењето, односно онолку време колку што работодавачот проценил и тоа го навел во Програмата, а времетраењето на привремениот принуден одмор за секој работник посебно, исто така не е лимитирано, но надоместокот на плата на работникот за време на прекин на работниот процес од деловни причини изнесува 70% од неговата плата за период до 3 месеци во тековната година.

2. ПРЕКИН НА РАБОТНИОТ ПРОЦЕС ПОРАДИ ВИША СИЛА

Виша сила е вонреден настан кој не е предизвикан од работодавачот или работникот, а кој настан спречува да се извршува работниот процес.

Како би можело да се смета дека настапиле околности кои може да се карактеризираат како виша сила, потребно е да се исполнети кумулативно следните елементи,и тоа:

– да постои вонреден настан кој не можел да се предвиди, спречи, избегне или отстрани;

– вонредниот настан да не е предизвикан од ниту една од договорните страни;

– исполнувањето на обврската да станало невозможно;

2.1. Согласно член 112 став 7 е предвидено дека: „Ако работникот не може да ја врши работата поради виша сила, има право на половина од платата, на која инаку би имал право, ако би работел.“

Имено, со оглед на мерките, препораките и заклучоците кои ги презема Владата на РСМ, многу работодавачи, особено во секторите туризам, угостителство, транспорт и др., се принудени во целост да го прекинат работниот процес. Оние работодавачи кои што не може да го преструктуираат работниот процес на начин на кој нема да биде во спротивност со мерките/препораките на Владата, практично не може да ја вршат својата дејност, а со тоа работниците не може да ја вршат работата.

На пример, фитнес клубовите, спортските обложувалници, затворените трговски центри, кафетерии и сл., не може на ниту еден начин да продолжат да ја вршат својата дејност, ниту со преземање на одредени мерки на преструктуирање на работниот процес во насока на исполнување на барањата со мерките/препораките.

По однос на времетраењето на прекинот на деловната активност поради виша сила на ниво на работодавач, може да трае се додека не престане вишата сила (во конкретниов случај, времетраењето треба да се определи врз основа на времетраењето на мерките/препораките од Владата, односно се додека таквите мерки/препораки не се укинати), а времетраењето на прекинот за секој работник посебно, може да трае додека не престане вишата сила и за целиот тој период додека не се донесе одлука за продолжување на работниот процес и враќање на работниот на работа, работникот има право на надоместок во висина од половина плата на која би имал право ако би работел.

3. ПРАВО НА НАДОМЕСТОК НА ПЛАТА ВО СЛУЧАИ НА ПРЕКИН НА РАБОТНИОТ ПРОЦЕС ОД ДЕЛОВНИ ПРИЧИНИ И ПРИЧИНИ НА ВИША СИЛА

3.1. Висина на надоместок на плата

Висината на надоместокот на плата зависи од тоа дали ќе се прекине работниот процес поради деловни причини, или пак поради причини на виша сила. Висината во првиот случај е 70% од неговата просечна плата во последните 12 месеци, а во вториот случај 50% од неговата плата која би ја добил кога би работел.

Тоа подразбира дека доколку работникот не работи 20 дена, има право на надомест на платата само за тие денови, во висина од 70% од просечната плата на работникот во последните 12 месеци, односно 50% од платата на која би имал право ако би работел.

3.1. Основица за исплата на надоместок на плата и за пресметка на придонеси

3.1.1.За прекин на работниот процес поради виша сила е тековниот износ на платата која би ја добил доколку би работел (основна плата зголемена за додаток на минат труд).

3.1.2. За прекин на работниот процес поради деловни причини е просечната плата на работникот во последните 12 месеци (основна плата, дел за работна успешност, дел за деловна успешност, додаток за минат труд и додатоци по основ на распоред на работно време (ноќна работа, прекувремена работа)).

3.1.3.Основицата за пресметка и плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и данок на личен доход во ситуација кога има прекин на работниот процес поради виша сила, односно деловни причини, претставува исплатениот износ на надоместок на плата.

3.2. Висината на минималната плата согласно Законот за минимална плата во врска со висината на надоместокот на плата.

Со оглед дека согласно одредбите од ЗРО, правото на надоместок на плата се стекнува во ситуација кога работникот не работи, а кога правото на плата го стекнува кога работи, неспорно произлегува дека правото на надоместок на плата на кој има право работникот при прекин на работниот процес од виша сила, односно од деловни причини, не може да се подведе под општата формулација на минимална плата согласно ЗМП. Тоа од причина што ЗМП го утврдил најнискиот износ на плата, (а право на плата работникот има кога работи), а не и најнискиот износ на надоместок на плата (право кога работникот од оправдани причини не работи).

4. ЗАКЛУЧОК

Секој работодавач треба да изврши соодветна проценка пред да пристапи кон организирање на прекин на работниот процес поради деловни причини или поради причини на виша сила, со оглед на тоа што мерките, препораките и заклучоците на Владата на РСМ, не ги засегаат подеднакво сите работодавачи, а со тоа и работниот процес.

Потребно е да се разграничи дали со примена на сите расположливи активности би можела да се одржи ликвидноста, од една страна, и дали со нивна примена би можел да продолжи работниот процес имајќи ги предвид мерките, препораките и забраните на Владата, од друга страна. Поради тоа, секој работодавач треба да направи претходна анализа, па потоа да презема мерки во насока на организирање и спроведување на прекин на работниот процес. Имено, најпрво треба да се утврди дали некоја мерка на Владата директно му забранува на работодавачот да ја врши својата дејност во целост или во дел (пример, забрана за работа на затворени трговски центри, фитнес центри, спортски обложувалници, кафетерии, угостителски објекти и сл.) или пак некои од мерките создаваат потешкотии при функционирање на работниот процес, а тоа директно резултира со намален обем на работа. Во првиот случај, најчесто се работи на прекин на работниот процес поради виша сила, а вториот случај најчесто претставува прекин на работниот процес поради деловни причини.

Овој текст е резиме на статијата која во целост е објавена на веб страницата на Адвокатска канцеларија Чакаровска и можете да ја прочитате на следниот линк.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Стартап компаниите треба да научат да лобираат

Стартап фирми се` повеќе заглавуваат во некои строго регулирани индустрии, и крајно време е да почнат да ги сфаќаат тие одредби сериозно....
- Advertisment -