Од каде доаѓа довербата на вработените во лидерот

Новината од онлајн состаноци врамени со нашите новонарачани книги за време на карантинот во позадина на местото каде работиме дома одамна помина. Голем број поединци кои се обврзани да седат дома ги чувствуваат ефектите на долгорочната изолација поради пандемијата. Иако има случаи кога работењето од дома ги прави вработените попродуктивни, нему сепак му недостасува спонтаната интеракција што се случува за време на часкањето во канцеларија, пишува Ајтекин Танк, основач на компанија за креирање онлајн формулари JotForm.

За добро или за лошо, таа спонтана интеракција често пати ја создава плодната почва за позитивни и спонтани повратни информации, брзо искажани на случајните средби во ходниците – „Хеј, одлично ја сработи презентацијата“. Сабина Наваз, искусен директор во голема корпорација напиша во Harvard Business Review: „Заглавена сум бидејќи не знам како да се поврзам со мојот менаџер за помалку формални работи како порано“.

Живееме некој вид парадокс бидејќи комуницираме на ниво што не се видело никогаш претходно, преку Slack и емеил, а истовремено се чувствуваме се` помалку поврзани. И претходно сум пишувал за начинот на пренесување важни повратни информации за време на работата на далечина. Но создавањето култура на споделување позитивни повратни информации е исто така клучно за успехот на бизнисот, и треба да биде редовен дел од комуникацијата со вработените.

Практиката на споделување позитивни повратни информации претворете ја во навика

Има разлика помеѓу повратните информации што се дадени како да се вграден дел од компаниската култура и повратни информации што се споделуваат само кога менаџерот треба да ги пречкрта од листата на задолженија на крајот на месецот. Првиот начин на постапување создава средина што е ориентирана кон раст, што значи повисока продуктивност и вработени кои се чувствуваат ценети.

Пренесувањето на вашата почит кон вработените секогаш било важно, но никогаш повеќе од сега кога работата на далечина стана норма. Се` уште сме насред глобална пандемија, и луѓето имаат потреба од препознавање на нивните квалитети и потврда дека работат добро. Одвојувањето време на крајот на секој ден за да обезбедите конкретни, промислени повратни информации игра голема улога во одржувањето на задоволството на вработените.

Во мојата компанија, вели Танк, редовно имам виртуелни кафе паузи со членовите на тимот за да им дадам шанса да ми кажат како им е и за да го потенцирам фактот колку многу ги ценам нивните напори. Ова не значи дека вработениот треба да е кутнат на земја од вашите повратни информации пет дена неделно, туку станува збор за искажување почит за квалитетно сработена работа што е подеднакво важно како и прославувањето голема победа.

Психологот Карол Двек од Универзитетот Станфорд вели дека фалењето на вложениот напор, дури и неуспешните обиди, создава чувство на отпорност. Истражувањата покажуваат дека најефикасните тимови поседуваат однос на пофалба и критика 5:1. Оттука, позитивните повратни информации би требало да се споделуваат пет пати повеќе од критиката. Ова создава вид перниче за добросостојба, така што кога се споделува критика, ќе има што да ја амортизира.

Создадете доверба

Дури и најдобронамерните повратни информации нема да имаат одзив ако не се производ на компаниската култура. Со цел да се создаде таа култура, луѓето мораат да стекнат чувство на безбедност и доверба. Џуди Вилс, невролог и едукатор, истакнува дека ова не значи дека треба да одбегнувате конфронтации или поддршка; напротив, ова значи дека сте на иста бранова должина со подготвеноста на вработените за предизвик, и како тие се чувствуваат во одредена интеракција.

За да го направите ова, морате да ги запознаете луѓето. Не треба да сте премногу лични, но одвојте време да се распрашате како некој вработен го поминал викендот или споделете приказни за вас самите. Скорашна анкета на Culture Amp откри дека за време на Ковид-19, луѓето имале силна желба да „престанат да разговараат за работа за момент“, вели Стивен Хуанг, одговорниот за рамноправен дизајн и импакт. Тој вели дека ако менаџерите редовно ги потпрашуваат работниците за активности што не се поврзани со работата, вработените имаат за 35% поголеми шанси да се приспособат на промените во работните услови. Без оваа поддршка, само 26% од вработените чувствуваат дека можат да се привикнат на промените во работните услови.

„Силните врски помеѓу менаџерите и вработените се клучниот фактор за диференцијација на способноста на тимовите да се приспособат,“ вели Хуанг. „Менаџерите кои претходно одвоиле време да ги запознаат нивните вработени ,надвор од работа’ ги жнеат бенефитите бидејќи тие веќе имаат претстава како да им помогнат на нивните вработени во тешки времиња“.

Во канцеларијата, овој вид интеракција често пати се случува неформално. Важно е да ги одржите овие разговори, дури и без митскиот кафемат.

Јавна пофалба

Очигледно одредени разговори треба да се случуваат еден-на-еден, но кога споделувате позитивни повратни информации, обидете се со отворен, јавен пристап. Повеќето луѓе уживаат да се чувствуваат ценети пред нивните колеги и надредени: анкета на Галуп од 2016 година открива дека јавното добивање награда, сертификат или пофалба е една од формите за оддавање признание што испитаниците најмногу ја паметат.

Боб Нелсон, авторот на „1001 и еден начин да се наградат вработените“ вели дека видното оддавање признание на вработените може да се движи од неформална пофалба до креирање специјални награди – она што е најважно е повратните информации да бидат искрени и пропорционални на големината на постигнувањето.

„Иако парите им се важни на вработените, она што ги мотивира да бидат поефикасни и да бидат поефикасни на повисоко ниво е промисленото, лично оддавање признание што значи вистинска почит за добро завршената работа,“ пишува тој. Ова може да се постигне на неколку начини, и помага во учењето на желбите на вашите вработени. Ако јавно признание би ги засрамил, тогаш можеби емеил до сите вработени е вистинскиот начин да не се чувствуваат посочени со прст.

Уште повеќе, оддавањето признание на вработените за нивната работа е чин што вас ќе ве охрабри, бидејќи луѓето се склони да бидат поефикасни кога има воспоставена таква култура. Во време кога вработените можеби се чувствуваат како да лутаат, потсетете ги дека сте свесни за нивниот придонес и дека се важни.

Извор: Fast Company

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот: тоа што навистина не` прави...

Пронаоѓањето на вистинската рамнотежа помеѓу личниот и професионалниот живот воопшто не е нов проблем во нашето општество. Но, тензијата помеѓу двата аспекти...
- Advertisment -