Како да негувате повисока емоционална интелигенција кај вашите вработени

Емоционалната интелигенција има моќ да го трансформира целосно работната средина. Со повисока емоционална интелигенција како лидер, ќе можете да практикувате повисок степен трпение. Ќе имате интуитивно разбирање за тоа што луѓето го мислат и чувствуваат. Ќе практикувате повеќе сочувство и ќе ја стекнете довербата на вашиот тим. Дури ќе бидете во можност смирено да ги анализирате сопствените емоции, што значи дека ќе носите пологични одлуки и ќе останете мирни и ослободени од стрес дури и кога ќе се најдете под притисок, пишува Тимоти Картер, директор за справување со ризици во SEO.co.

Но, вашите вработени исто така ќе почувствуваат корист од високата емоционална интелигенција. Ако сте имале цел тим луѓе со висока емоционална интелигенција и постојани нивоа на емоционална контрола и сочувство, хипотетички значи дека уживате поголема продуктивност, посилни врски меѓу членовите во тимот, подобри односи со клиентите и повеќе придобивки.

Прашањето е, како можете да негувате повисока емоционална интелигенција во вашиот тим?

Разберете ги елементите на емоционална интелигенција

Емоционалната интелигенција може да се дефинира и разбере на многу различни начини, но овие се некои од најчестите обележја:

  • Свесност и разбирање. Емоционално интелигентните луѓе се способни да практикуваа свесност за себе и разбирање на сопствените емоции;
  • Себе-регулација. Тие исто така имаат способност да ги регулираат и контролираат емоциите;
  • Емпатија. Луѓето со повисока емоционална интелигенција лесно практикуваат емпатија и сочувство, се поврзуваат со луѓето околу нив и чувствуваат што тие чувствуваат.
  • Позитивна социјална интеракција. Емоционалната интелигенција исто така им овозможува на луѓето лесно да влегуваат во позитивни социјални интеракции. Тие слушаат кога другите се „олеснуваат“, обезбедуваат конкретен и значаен совет, искажуваат сочувство и ги прават и другите луѓе да се чувствуваат добро за нив самите.

Практикувајте активно слушање

Практикувајте активно слушање во рамки на тимот. Активното слушање подразбира насочена внимание на тоа што лицето го кажува, со повремено вмешување само за да проверите дали добро сте разбрале. Тоа е токму спротивното од ситуација во која луѓето се надвикуваат на состанок.

Активното слушање во пракса значи дека ги минимизирате прекините на состаноците. Можете исто така да ги обучите вашите вработени како да поставуваат значајни прашања и да се фокусираат на тој кој зборува.

Со време, вашите вработени природно ќе станат подобри слушатели. Тогаш, тие ќе бидат способни подобро да ги разберат нивните мисли и чувства и ќе можат да практикуваат повеќе трпение.

Охрабрувајте експлицитни емотивни изрази

Некои канцелариски средини патат од потиснати негативни чувства како што се љубомора или презир. Луѓето практикуваат пасивно агресивно однесување, се лажат едни со други и бараат можности за суптилна одмазда. Но, сите овие проблеми често пати можат да се одбегнат ако луѓето се чувствуваат удобно во отвореното и експлицитно искажување чувства.

На пример, охрабрете ги вашите вработени да кажуваат работи од типот: „Се чувствувам под стрес поради зголемените задолженија што ги добив неодамна. Можеш ли да ми помогнеш со тоа што ќе преземеш неколку од моите задачи?“, наместо: „Зошто еднаш не скокнеш да помогнеш?“. Тоа помага во создавањето поздрава средина и води кон многу побрзи решенија.

Бидете флексибилни

Емоционалните проблеми не можат секогаш да се решат со сочувство или брзо дадено извинување. Ако некој е под голем стрес, или ако постои личен проблем, ќе треба да преземете посериозни дејства. За подобро да одговорите на потребите на вашите вработени и да ги охрабрите и тие да одговорат на потребите на другите, обидете се работната средина да ја одржувате автономна и флексибилна што повеќе. Како дополнителен бонус, автономните работни средини се посреќни.

Препознајте и одговорете на стрес

Едно од најважните емотивни искуства е да се препознае стресот во работното место. Кога човек е под стрес, тогаш е склон да биде помалку фокусиран, помалку продуктивен, помалку љубезен и помалку ефективен. Ако вашите вработени станат подобри во препознавањето на раните знаци на стрес, и кај себеси и кај другите, ќе стекнат повеќе контрола врз тие чувства.

Подобрете ги врските меѓу членовите на тимот

Емоционалната интелигенција е ефективна само ако се практикува конзистентно. А ќе биде постојано практикувана само ако вашите вработени искрено се грижат едни за други. Затоа, една од најдобрите стратегии за подобрување на емоционалната интелигенција во вашиот тим е олеснување на процесот на создавање врски меѓу членовите на тимот. Организирајте настани за тим билдинг и охрабрете ги вашите вработени подобро да се запознаат меѓусебно.

Поставете пример

На крај, работете на сопствениот пример. Вие сте лидерот на организацијата, или барем, имате влијание меѓу членовите на тимот. Што и да правите, луѓето ќе внимаваат и, без разлика дали се свесни или не, најверојатно ќе ве имитираат. Ако постојано практикувате трпение, емпатија, самоконтрола и разбирање, и тие ќе го следат тој пример. Ова е тешко да се постигне ако имате проблеми со емоционалната интелигенција или ако немате многу практично искуство во полето – но ќе морате да го направите ако сакате членовите на вашиот тим да ги следат овие навики.

Емоционалната интелигенција не значи само дека треба да бидете фини и да создавате удобна работна средина. Со подобрена емоционална интелигенција, вашата организација исто така ќе заработи и повеќе. Станува збор за бавен и повторлив процес, особено ако вашата организација не постигнала многу во областа на емоционалната интелигенција во минатото, но секако е инвестиција што вреди да се направи.

Извор: Entrepreneur

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -