Методологијата за креативно размислување ќе ви помогне полесно да се справите со обемот на работни обврски

Дизајнерите вообичаено веќе се запознаени со концептот за применето креативно размислување и го инкорпорираат тој пристап во нивните дизајнерски проекти. Но колкумина од нас размислувале да ја применат методологијата на креативно размислување во сопствените професионални обврски што често ни се трупаат во текот на денот?

Ефикасен и ефективен тек на работните обврски може да им овозможи на дизајнерите да работат побрзо и да бидат среќни додека работат. Додека пак, доколку во обемот на работните обврски се појават т.н. тесни грла, кога се чувствувате дека набрзо се` ќе се распадне, тогаш најверојатно ќе чувствувате дополнителен стрес и беспотребно одложување на обврските, вели Камерон Чапман, уредник, блогер, автор, дизајнер, копирајтер, маркетер, претприемач и говорник.

Примената на методологијата за креативно размислување во организацијата на работните обврски чија цел е подобра организација и помало ниво на стрес, ќе доведе до тоа сите проекти на кои сте ангажирани да ги работите на полесен и поефикасен начин. Во оваа статија ќе ги истражиме начините како можете да ја искористите методологијата за креативно размислување во организирањето на вашите работни обврски за да ја зголемите сопствената продуктивност, но прво ајде да видиме за што точно станува збор.

Што претставува методологијата на креативно размислување (design thinking)?

Методологијата за креативно размислување опфаќа повторлив процес што совршено одговара за справување со лошо дефинирани проблеми. Фокусот на овој начин на размислување е ставен на корисникот, не на дизајнот по себе.

Според дефиницијата, методологијата за креативно размислување претставува пристап изграден врз основа на личноста за која е наменет процесот и содржи пет фази што можат да се применат на нелинеарен начин. Тие се: емпатија, дефиниција, идеација, прототипирање и тестирање.

Иако вообичаено оваа методологија се применува на специфични дизајнерски проекти, во принцип може да се аплицира на буквално се`, вклучително и обемот на работните обврски, со цел создавање подобрен краен производ што одговара на потребите и на желбите на корисникот.

„Една од придобивките на користењето на методологијата на креативно размислување за време на работата на вистински проект е што ниту една од нашите одлуки не се заснова на нечие мислење. Секогаш можеме да ја објасниме логиката позади нашите идеи и лесно е да се движиме напред бидејќи не постои креативна борба или потреба за инспирација“ – Дмитри Цозик, директор за дизајн во Clay.

Емпатија

Првиот чекор во процесот на креативно размислување е да чувствувате емпатија кон корисникот. Во случајот кога ја применувате оваа методологија врз организирањето на работните обврски, корисникот сте вие самите. Во оваа фаза ќе ги истражувате сопствените потреби и желби.

Размислете што ви треба во поглед на вашите професионални обврски. Дали е тоа флексибилност, ефикасност, соработка, или пак нешто друго? Составете список од вашите потреби во врска со обемот на работа. Вклучете се` што можете да замислите. Овој список може да содржи и конкретни нешта, но и апстрактни размислувања, како на пример како би требало да се чувствувате додека работите.

Дефинирање

Откако ќе ги наведете сите ваши потреби и желби поврзани со обемот на работа, можете да почнете со дефинирање на реалните проблеми со вашите моментални работни обврски. Во кој дел проблемот со обемот на работа не се поклопува со вашиот идеал? Каде се тесните грла или вообичаените слаби точки? Што мислите дека треба да поправите?

Дефинирањето на проблемот е клучен чекор во наоѓањето решение. Ако се` уште не сте сигурни, тогаш размислете за опцијата да ги запишете сите професионални обврски за поврзани со работата на одреден проект, и направете белешка за сите делови што сметате дека не се идеални. Тоа ќе ви овозможи да имате појасна претставата за вашите проблеми.

Идеација

Сега веќе би требало да имате претстава што сакате од обемот на вашите професионални обврски. Имате претстава каде моменталниот обем на работа не се поклопува со вашиот идеал. Сега е време да смислите идеи за решение.

Искрено препорачувам примена на бура на идеи за секое можно решение за вашите проблеми, без разлика на тоа колку лошо, неконвенционално или непрактично тоа може да ви изгледа. Запишете ја секоја идеја што ќе ви дојде на ум. Понекогаш лошите идеи можат да ве одведат до многу добри.

Фазата на идеација исто така може да вклучи и одредено истражување за тоа како другите решаваат специфични проблеми поврзани со обемот на професионалните обврски. Дизајнерите често пати пишуваат за нивниот обем на работа и процесите низ кои поминуваат додека работат на одредени проекти, така што нивните сознанија и увиди можат да бидат вредна алатка за пронаоѓање идеи што можат вам да ви помогнат во конкретниот случај.

На крај, не плашете се да ги предизвикате претпоставките за тоа како би требало да се справите со специфични делови од процесот на воведување на методологијата на креативно размислување. Само поради тоа што вие или вашата компанија имате одреден востановен начин на работење, тоа не значи дека тоа е најдобриот начин да се сработи работата. Потребна е волја за да ја анализирате секоја фаза од процесот со критички ум и да дојдете до алтернативни решенија.

Прототипирање

Во оваа фаза веќе имате еден куп идеи како да ги решите проблемите поврзани со обемот на работните обврски. Сега е време да направите прототип. Одвојте време за да го анализирате списокот со потенцијални идеи и решенија за да ги идентификувате оние кои ви се чини дека најдобро би го решиле проблемот.

Потоа, создадете прототип за новосоздадениот обем работни обврски. Тој може да содржи некои минорни промени во вашиот досегашен начин на работа, но и големи чекори. Направете список со чекорите што ќе ги преземете во реализацијата на вашиот проект и како ќе се справите со секоја фаза. Во оваа фаза, важно е да ги нотирате сите детали, вклучително и софтверските или комуникациските процеси што ќе ги користите.

Тестирање

Кога имате нацрт или шема на прототипот на новата организација на вашите професионални обврски, тогаш е и време да го тестирате. Следете ја вашата шема што повнимателно, и забележете во кој дел таа не функционира глатко или каде би се појавиле неочекувани проблеми што можат да создадат дополнителни тесни грла или слаби точки. Исто така, забележете и во кои делови сте постигнале напредок.

Кога ќе наидете на дел каде новиот вид организација на обемот на работа не е доволно добар, ќе треба да се вратите назад во фазата на идеација за да видите какви алтернативи имате на располагање. Можеби ќе треба да смислите нови идеи што треба да ги инкорпорирате во протипот и да ги тестирате. Ако се појават сосема нови проблеми што настануваат со новата организација на обемот на работа, тогаш би требало да се вратите уште еден чекор назад во методологијата на креативното размислување за да ги дефинирате тие новонастанати проблеми.

Методологијата на креативното размислување е повторлив процес

Ретко се случува да поминете една фаза од процесот на креативно размислување и да дојдете до совршеното решение. Целата идеја позади концептот на оваа методологија е дека станува збор за повторлив процес и дека секогаш можете и би требало да се враќате до фазите што се потребни да се дојде до решение. Тоа е и една од најголемите придобивки на методологијата на креативното размислување бидејќи ви дозволува да продолжите да тестирате и да проценувате што функционира, а што не.

Извор: dribbble.com

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -