Совети што треба да ги примени секој совесен потрошувач

Како што економското влијание на пандемијата на Ковид-19 продолжува, потрошувачите веќе внимаваат како и каде ги трошат парите. Покрај купувањето производи поврзани со личното здравје и добросостојба, и набавката на основни намирници, голем број потрошувачи се подготвуваат за повеќе работа, учење и забава дома – купувањето на технолошки производи за користење во домот се зголеми за 23%, продажбата на сложувалки порасна за 370%, а производите потребни за печење леб и слатки, како и градинарските алатки стануваат многу популарни.

Во исто време, расте свесноста за тоа како изборите на потрошувачите влијаат не само на нивните животи, туку и на светот околу нив. Според едно скорашно истражување спроведено од глобалната консултантска фирма за менаџмент Кернеј (Kearney), околу половина од учесниците во студијата кажале дека пандемијата ги натерала повеќе да се грижат за животната средина и ги поттикнала да купуваат производи чие производство не ја нарушуваат истата.

Но дури и најсовесните потрошувачи можат да се соочат со тежок избор.

„Секоја одлука да се купи нешто е можност да се создаде влијание,“ вели Елен Јацковски, раководител на секторот за одржливост и социјално влијание во Хјулит Пакард. „Но, за купувачите некогаш е вистински предизвик да направат разлика помеѓу компании кои делуваат на автентичен начин и такви што се рекламираат како одржливи бидејќи едноставно кажано, тоа е последниот тренд“.

Така што, како можете да бидете сигурни дека го правите вистинскиот избор кога станува збор за она што треба да се купи?

Сработете ја домашната задача

Доколку сакате да пронајдете брендови што се посветени на одржливост, тогаш имајте на ум дека тој процес бара многу поголем ангажман од читање на етикетите – можеби ќе треба да „копате“ малку подлабоко. Јацковски предлага да барате компании кои користат или преминуваат кон користење 100 % обновлива енергија, имплементираат практики поврзани со ефикасно користење енергија и штедење на потрошувачката на вода, и ги намалуваат емисиите на стакленички гасови и отпад. Таа додава дека потрошувачите треба да бараат компании што покажуваат голема посветеност на одржливоста со станување партнери на независни организации, како што се Светскиот фонд за дивина (World Wildlife Fund) или Пластика СледенБран (NextWave Plastics) на различни иницијативи за одржливост во разновидни индустрии.

Препорачливо е како потрошувачи да дознаете повеќе информации од оние содржани на официјалниот вебсајт на компанијата и на нејзините профили на социјалните медиуми, со цел да најдете конкретни податоци за нејзините цели и напредокот што таа го постигнува за да ги оствари. Документ кој би требало да го консултираат совесните потрошувачи е годишниот извештај за одржливост на компанијата. Барајте конкретни информации за тоа како компанијата ги набавува репро материјалите, дали работи директно со малите фармери или луѓето во локалните заедници каде функционира, и како ги направи сопствените операции што поефикасни. „Дознајте како компанијата менаџира со производите пред, за време на и по продажбата, “ вели Јацковски. „Одговорен бренд ќе води сметка за целосниот животен циклус на неговите производи“.

Проверете ги квалификациите

Најверојатно сте сретнале производи што се рекламираат како „природни“, „зелени“ или „одржливи“, но овие привлечни зборови во суштина не кажуваат многу. За да биде појасно, барајте сертификати за еколошки етикети, што доаѓаат од веродостојни, независни организации, за да можете да идентификувате производи и брендови што прават значајни чекори кон целосна одржливост.

Просудете го производот според пакувањето.

Само САД произведува 80 милиони тони отпад од пакувања годишно, но оваа година, порастот на онлајн пазарењето поради глобалната пандемија предизвика зголемување и во испорачаните производи.

Некои компании истражуваат иновативни пристапи кон отпадот од пакувањата. Хјулит Пакард најави дека ќе елиминира 75% од пластиката за една употреба што се користи за пакување на нивните производи до 2025 година, и дека ќе ја намали употребата на пластична пена во пакувањата во замена за специфично обликувани влакна што доаѓаат од рециклирани и одржливи извори. Како алтернатива за пластичните ќесиња што се користат во малопродажбата, модниот дизајнер Херон Престон, кој има голема еколошка свест, неодамна стана партнер на Ха-Пе за да создадат компостирани торбички направени од дрвени пулпи и испечатени на дигитална преса на Ха-Пе.

Основана во 2010 год, израелската компанија ТИПА произведува целосно компостирани био-пластични амбалажи за храна и модни брендови, вклучувајќи обвивки, торби, и ќесиња за компании како што е британскиот ланец на супермаркети Waitrose & Partners и модната икона Стела МекКартни. За да се заменат пластичните прстени што ги загадуваат океаните и им нанесуваат штета на птиците и морскиот живот, данската компанија за пиво, Carlsberg, почна да ги произведува пакувањата од четири и шест лименки поврзани меѓу себе со рециклирачки лепак, наместо со пластични прстени.

Купувајте пластика од океаните

Секоја година, над 17,6 милјарди фунти пластичен отпад завршува во океанот. Заедниците низ целиот свет кои живеат на брегот трошат десетици милиони долари годишно за да ја исчистат морската пластика, која пак ослободува отрови во ланецот на исхрана, предизвикува поплави и го намалува приходот на локалното население од туризам.

За да не се дозволи пластиката да стаса до океаните, се` повеќе компании прават пренамена на искористената пластика за да создадат нови производи. На пример Нортон Поинт создава очила за сонце направени од пластиката од океанот и работи заедно со Пластичната банка за да му исплати на локалното население месечна плата доколку работи на собирање на пластиката.

Бидете во тек

Идејата за произведување во затворен систем во основа значи да се создадат нови нешта од стари работи, за да нема отпад. На пример, Адидас развива патики за трчање имајќи ја повторената употреба на ум. Новата линија патики се создадени од еден единствен материјал, а за да се состават деловите користен е лепак. Кога потрошувачите ќе бидат подготвени да се отарасат од еден пар, ќе ги вратат назад во Адидас, каде ќе бидат испрани, сомелени во пелети, и стопени за да се создаде нов репро материјал за нови патики.

Ха-Пе има сличен пристап – преку 80% од мастилото во тонерот на еден принтер, 100% од тонерот за ласерските принтери и нови производи како HP Tango Terra Printer користат рециклирана пластика од таков затворен систем.

За да го подигне и повторно употреби материјалот од 250 милијарди хартиени чаши што се произведуваат секоја година, Старбакс и МекДоналдс се здружија и го создадоа конзорциумот Следна генерација, и заедно со други глобални брендови одлучија да развиваат материјал што може одново да се користи и што може да послужи и за ладни и за топли пијалаци, како и систем за подигање на искористени чаши за да се произведат нови.

Посветете внимание до самиот крај

Стартап компанијата Loliware која користи морска трева за нејзините производи го поставува прашањето: „Ако нешто е наменето да се користи само еднаш, зошто тогаш е создадено да трае со векови?“ Пред да купите нешто, размислете за животниот век на производот и што ќе се случи откако еднаш ќе завршите да го употребувате. Јацковски вели дека потрошувачите треба да го проверат вебсајтот на брендот за да видат дали постојат опции за поправка, надградба и рециклирање, што ќе помогне искористениот производ и неговите составни делови да влезат назад во кругот и да не стигнат до депониите и водните патишта.

„Правењето едноставни, информирани избори за тоа што го купуваме може да помогне во сочувувањето на конечните извори на нашата планета и да има одржливо влијание на здравјето и добросостојбата на луѓето и на заедниците,“ потенцира Јацковски.

Извор: garage.hp.com

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -