Како да се справите со лош шеф

Ако сте еден од многумината кои сметаат дека работат за тежок и непријатен шеф, не сте сами. Според еден скорашен извештај на 15Five, една третина од вработените би се чувствувале подобро ако дознаат дека нивните менаџери ја напуштаат компанијата. А менаџерите би биле првите кои ќе признаат дека не се совршени. Според истиот извештај, 75% од менаџерите би сакале да одат на повеќе обуки за тоа како да бидат добри шефови, известува Џудит Хемфри, основач на Групацијата Хемфри, компанија фокусирана на лидерска комуникација со седиште во Торонто и автор на неколку книги од областа на лидерството и менаџментот.

Замислете дека навистина имате надреден кој не ви се допаѓа. Дали треба да заминете на друго место? Со оглед на тоа колку е пренатрупан пазарот на работни места, најверојатно би ви било подобро ако направите пауза и соодветно ја анализирате ситуацијата. Во продолжение се неколку начини како да ја надминете ситуацијата во кој не ви се допаѓа шефот.

Шефот не е пријателски настроен

Ако чувствувате дека вашиот шеф не ве сака, тогаш можеби тоа се должи на фактот дека барате нешто што тешко се наоѓа во овој нов виртуелен простор. Топлината што вообичаено ја добиваме од контактот со луѓето едноставно не е тука во дигиталниот свет. Копнееме по она што недостига: човечки допир. Бараме поддршка и љубезност од нашите шефови.

Но ова можеби е преголема работа да се бара од менаџер кој се бори со сопствениот пренатрупан распоред што исто така вклучува нега за децата и менаџерски одговорности. Вашиот шеф можеби е еден од 58% американски работници кои патат од последиците на преоптовареност од работата предизвикана од пандемијата.

Така што, потрудете се да најдете разбирање да му простите на вашиот шеф за недостатокот на топлина. Направете се` што можете за да му го олесните животот на вашиот менаџер. Ова ќе ве направи да се чувствувате подобро, да бидете посилна личност и ќе ви послужи во животот.

На шефот му недостасува лидерство

Не секој шеф е одличен лидер. Ако имате старомоден шеф, кој сака да дава наредби и да контролира, тогаш можеби ќе станете фрустрирани.

Неодамна разговарав со вработен во оперативниот отсек кој имаше таков шеф, и кој ги сподели со мене маките и искуството да се работи со авторитарна фигура. „Добивав повици за време на викенд во кои ме прекоруваше зошто сум разговарал со вработените од средниот менаџмент во врска со компанијата и нејзините цели,“ ми кажа тој. „Мојот шеф вели: тие се мои луѓе, тие ми рапортираат на мене, така што нема ти што да зборуваш си нив. Голем број луѓе кои одамна беа во компанијата ја напуштија, бидејќи почнаа да губат самодоверба. Не можеа да го поднесат прекорот од вишиот менаџмент,“ додаде тој.

Ако вашиот шеф е лидер кој злоупотребува луѓе и ситуации, тогаш најверојатно е време да ја напуштите фирмата. Никој не треба да поднесува менаџерски стил што ве потценува и ви ја урива самодовербата. Но не дозволувајте му на вашиот шеф да го диктира датумот на вашето заминување. Почнете да аплицирате за нови работни места, и кога ќе добиете, оставете го вашиот лош шеф зад себе.

Шефот не ве почитува

Сите посакуваме почит, особено во овој период кога пандемијата ни дава причини да се сомневаме во себеси. Можеби не се чувствуваме толку фокусирани како порано.

Денес шефовите би биле мудри доколку би покажувале почит кон секој член во нивните тимови и секој вработен. Но, ако работите за токсичен шеф кој малку го цени вашиот придонес, наоѓа мани во вашата работа, и ви ги девалвира коментарите за време на состаноците, тогаш најверојатно е време да побарате нова работа. Причината позади ова, според една анкета на Галуп, е тоа што ако работите за шеф кој не се фокусира на вашите силни страни, тогаш шансите се помали да бидете ангажирани во текот на работата.

Ако се наоѓате во ситуација во која постојано сте потценувани од шефот кој се фокусира на она што не чини во вашата работа, наместо на добрите аспекти, тогаш побарајте нова работа во средина каде што знаат како да ги ценат другите.

Шефот е сексист, рацист или хомофоб

Нема изговор ако шефот не ги прифаќа сите полови, раси и сексуални ориентации.

Ако ја немате таа среќа да имате шеф кој ве третира на некој од овие дискриминаторски начини, зборувајте со него или неа, објаснете им зошто таквото однесување е неприфатливо и ве повредува, и споделете што очекувате да се промени. Ако мислите дека таквиот чекор ќе резултира со непријатен и агресивен разговор, обратете се во одделот за човечки ресурси и на одење, земете си го си-вито. Никој не треба да поднесува такво однесување.

Шефот ја нарушува вашата кариера

Уште една причина поради која сте можеби лути на вашиот шеф е што мислите дека тој стои на патот на вашиот кариерен напредок. Можеби ви ветил унапредување и никогаш не сте го добиле. Или уште полошо, ве деградира бидејќи позицијата што сте ја имале е елиминирана.

Лесно е да го кривите шефот кога кариерата не ви оди напред. Но можеби не е негова кривица. Пандемијата наметна тешки избори за менаџерите кои треба да го скратат бројот на вработени во една организација.

Не брзајте да дадете отказ кога имате негативни чувства и никакво ветување за нова работа. Ако се чувствувате анксиозни во поглед на развојот на вашата кариера, искористете ја сегашната ситуација најдобро што можете, и покажете ја вашата посветеност. Но, можете да го правите тоа додека мирно пополнувате апликации за други позиции што набрзина ќе ја придвижат вашата кариера по нагорен пат.

Шефот е тешка личност

Ако шефот ви задава тешкотии бидејќи има високи стандарди, може да посакате да го напуштите работното место. Можеби најдобро е да останете уште малку и да научите нешто ново од ваквиот тежок шеф.

На мојата прва работа, работев за потпретседател кој беше особено тежок со мене. Всушност, толку беше тежок што на интервјуто за работа бев сигурна дека нема да ја добијам позицијата. Згрешив – ме вработи (додека бев во осмиот месец од бременоста) и ме плаќаше повеќе од што побарав. Но исто така ме тераше да работам до срж и за мене ги имаше највисоките стандарди.

Иако неговите барања беа прекумерни, ме научи многу повеќе од кој било друг претпоставен. И во текот на мојата кариера, научив да ги ценам неговите високи стандарди. Мојот совет: не брзајте да го напуштите изискателниот шеф. Можеби тој е вашиот најдобар ментор.

Извор: Fast Company

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -