Ако се согласувате со шефот, тогаш постојат големи шанси да лажете за него

Генерално веруваме дека е добра работа да имаме длабоки односи со луѓето со кои работиме. Организациите и лидерите преземаат многу мерки за да ги негуваат тие односи: специјално конципирани кампови, состаноци лице-в-лице, ручеци, менторство… Но добрите односи на работа исто така можат да доведат и до неетичко однесување, велат Џенифер Џордан, професор по организационо однесување и лидерство на Меѓународниот институт за развој на менаџерство, и Тим Вриенд, професор по економија и бизнис на Универзитетот во Гронинген.

Во едно скорашно истражување со нивните колеги Рамзи Саид и Он Јансен, професорите откриле дека луѓето кои известуваат за посилни односи со нивните шефови имаат поголеми шанси да се впуштат во лошо однесување во име на нивните претпоставени. Ова вклучува нешта како несоодветно претставување на вистината, или криење негативни информации за нивниот менаџер за да направат тој да изгледа добро во очите на другите, иако ваквите постапки не им носат ниту очигледна, ниту директна корист.

Џордан и Вриенд, и нивните колеги, спровеле 2 истражувања. Едното истражување се фокусира на експеримент со 150 работници од САД, а другото на анкета со повеќе од 200 вработени од Европа. И двете истражувања покажуваат дека кога вработените веруваат дека неетичкото однесување му помага на нивниот лидер, и тие имаат поголеми шанси да постапуваат така доколку имаат изградено силен однос со него, во споредба со односите помеѓу работниците и нивните менаџери што се идентификувани како слаби.

Истражувачите исто така успеале да откријат зошто се случува тоа. Работниците постапувале неетички затоа што сакале да му вратат на нивниот шеф за неговата посветеност на нив. Ова очекување во ниту еден случај не било експлицитно истакнато од страна на нивниот шеф. Напротив, работниците едноставно постапувале според универзалното правило за неизговорен реципроцитет: ако направиш нешто добро за мене, и јас ќе направам нешто добро за возврат.

Слично на овој неформален закон, професорите кои работеа на истражувањата откриле дека ако луѓето немаат добар однос со нивниот шеф, ќе постапат спротивно. Поголеми се шансите тие да се впуштат во неетичко однесување за да се поддржат себеси, најверојатно на штета на нивниот шеф.

Мотивацијата е иста. Наместо да прават реципроцитет на добриот однос со нивниот шеф, во оваа категорија, луѓето ја почувствувале потребата да им се одмаздат на шефовите поради тоа што тие имаат лош однос со нив. Овие луѓе се повеќе склони несоодветно да ја претстават вистината за да направат самите тие да изгледаат добро, или нема да ја споделат вистинската но негативна информација за себеси пред другите лица во организацијата.

Претходни истражувања ни кажуваат дека овој вид однесување не е ограничен на односите на луѓето со нивните директни претпоставени, туку дека се однесува и на организацијата како целина. Други истражувања откриваат дека вработените кои силно се идентификуваат со нивната организација се повеќе склони кон несоодветно претставување на вистината, да чуваат за себе потенцијално штетни информации за неа, дури и тоа да значи делување спротивно од интересите на клиентот. Повторно, сево ова се случува поради чувството дека треба да и` се оддолжат на компанијата за која многу се грижат.

Претходноспоменатите студии посочуваат дека кога вработените силно се идентификуваат со организацијата за која работат, тие можат да станат заслепени од какво било погрешно делување и неетичко однесување поради нивниот позитивен став во однос на работното место.

Може да се извлече корист

Истражувањата покажуваат дека има огромна корист и за компаниите и за поединците кога вработените имаат добар однос со нивните менаџери, вклучувајќи и позитивен ефект на нивната физичка и ментална добросостојба. Исто така, поверојатно е луѓето кои имаат силни врски со нивните шефови да бидат поефикасни на работа, да шират добра волја низ целата организација, и да нудат поголема поддршка на нивните колеги. Секако овие лица искусуваат поголемо задоволство од самата работа и развиваат повисоко ниво на посветеност на нивната компанија.

Така што, шефовите мора да имплементираат мерки ако сакаат да развиваат силни врски со луѓето кои работат за нив и да се осигураат дека тие делуваат етички и се придржуваат до вредностите на компанијата. Лидерите мора јасно да кажат дека лажењето, мамењето или било што друго што би го заштитило нивниот менаџер ниту е дозволено, ниту се цени. Шефовите мора јасно да дадат до знаење дека ниту тие, ниту кој било друг во компанијата, не го гледа неетичкото постапување како позитивно однесување што покажува лојалност.

Кога шефовите навистина ќе забележат ваков вид однесување (дури и да е минимално), тие мора веднаш да му го предочат тоа на работникот и можеби дури и прекорот да го надополнат со важна санкција со цел да се покаже важноста на несоодветното однесување. Вработените би требало исто така да сфатат дека и тие имаат потенцијал да го направат погрешното нешто во знак на лојалност кон нивниот шеф, и да го одбегнат тоа однесување.

Силните односи на работното место се секогаш од корист, особено во сегашната атмосфера на анксиозност предизвикана од пандемијата на Ковид-19. Но, дури и во овие околности, односите помеѓу вработените и шефовите треба да се основата на едно етичко, не на неморално, однесување.

Извор: theconversation.com

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -