Како науката може да ви помогне да ја зголемите креативноста

Како можете да ја хакирате сопствената креативност?

Терминот „хакирање“ има лоша репутација. Произлегува од дисциплината на кодирање и се однесува на некој кој се обидува да стекне контрола врз компјутерски систем, вообичаено во нечесни цели. Отпосле зборот добива и малку поинакво значење, па така во популарната култура се користи како синомим за „брзо решение“ или „краток пат“.

Ниту една од овие дефиниции се применува во нашиот случај. Прво, системот врз кој сакаме да воспоставиме контрола е нашата сопствена невро-биологија. Второ, кога станува збор за одржување постојана висока ефикасност, не може да има краток пат до неа, пишува Стивен Котлер, авторот на книгата „Уметноста на Невозможното: Буквар за висока ефикасност“, еден од најдобрите автори според Њујорк Тајмс и еден од ретките експерти во областа на човечковата ефикасност, автор на девет бестселер книги.

Кога користам термин како „хакирање“ за да опишам одреден пристап, она што навистина го кажувам е „сфаќањето како вашата невробиолошка мрежа да работи за вас наместо против вас“. Оваа премиса веќе долго време е мојот пристап кон големите постигнувања.

Во продолжение на оваа статија се три стратегии засновани на научни сознанија што можат да ја засилат вашата способност да стигнувате до нови и креативни идеи.

Станете му пријател на вашиот преден кортекс

Кога истражувачите зборуваат за креативност, честа тема на разговор за феноменот е увидот. Сите го имаме почувствувано тоа – искуството на нагло разбирање, моментот на „а-ха“ кога ќе разбереме некој виц, ќе решиме загатка или некакви нејасна ситуација.

На преминот кон 21от век, Марк Биман истражувач невролог од Универзитетот Нортвестерн и Џон Куниос, когнитивен психолог од Универзитетот Дрексел, го обелоденија ова прашање пред светот. Тие ја замолиле нивната група испитаници да решат серија асоцијативни проблеми, односно им задале проблеми во врска со способноста да увидат, и потоа користеле ЕЕГ и магнетна резонанца за да ги набљудуваат нивните мозоци додека ги решаваат тие проблеми.

Асоцијативни проблеми се загатки со зборови. На пример, на испитаниците им се дадени 3 збора (бор/рак/сос), и се замолени да направат едно нешто: да го најдат четвртиот збор што ги надополнува сите нив. (Во овој случај, одговорот е „јаболко“. Ако предвид се земат англиските називи, pine/crab/sauce – pineapple, crab apple, and applesauce, односно ананас, вид јаболко за јадење, и сос од јаболка – заб. на преведувачот).

Некои луѓе го решаваат овој проблем на логичен начин, со едноставно тестирање на секој збор последователно. Други стигаат до решението преку увидот, што значи дека вистинскиот одговор едноставно им паѓа на ум. Мала група луѓе ги спојуваат двете стратегии.

Она што Биман и Куниос го откриле е значајната промена во функциите на мозокот што настанува при вакви активности. Пред луѓето да го видат проблемот што на крајот ќе го решат со увид, се гледа зголемена активност во предниот мозочен кортекс. Тој дел од мозокот игра улога во видливоста и извршното влијание, и е одговорен за поправање грешки преку детектирање конфликтни сигнали во мозокот.

„Тие вклучуваат алтернативни стратегии за решавање проблеми,“ вели Куниос. „Мозокот не може да искористи две различни стратегии во исто време. Некои се силно активирани бидејќи тие се најочигледни. А други се слаби и само далечно поврзани со проблемот – чудни мисли, далекусежни идеи. Овие идеи се креативни. Кога предниот кортекс се активира, тој може да ги забележи тие неочигледни, слабо активирани идеи и да му даде сигнал на мозокот да го префрли вниманието на нив. Тоа е тој „а-ха“ момент.

Биман и Куниос откриле дека предниот кортекс се активира кога мислиме на крајно невообичаени идеи.

Ова го поставува прашањето: што го активира предниот кортекс? Одговорот е: доброто расположение.

Кога сме во добро расположение, предниот кортекс е почувствителен на чудни мисли и невообичаени претчувства. Со други зборови, ако предниот кортекс е условот за увид, тогаш доброто расположение е условот за активен преден кортекс.

Спротивното е исто така точно, иако доброто расположение ја зголемува креативноста, лошото расположение го засилува аналитичкото размислување. Мозокот ги ограничува нашите опции за логичното, очигледното, сигурното нешто што знаеме дека ќе функционира.

Кога сме добро расположени, се чувствуваме безбедни и сигурни. Во можност сме да му дадеме на предниот кортекс повеќе време да обрнува внимание на слабите сигнали; и исто така сме повеќе желни да преземаме ризици. Ова е важно бидејќи креативноста е секогаш малку опасна. Новите идеи генерираат проблеми, а можат да бидат и целосно погрешни, тешки за имплементирање и загрозувачки по однос на естаблишментот.

Но ова исто така значи дека плаќаме двојно за негативност. Лошото расположение не само што ја ограничува способноста на предниот кортекс да ги открива тие слаби сигнали, туку ја ограничува и нашата желба да дејствуваме по однос на сигналите кои успеваме да ги детектираме.

Иако доброто расположение е почетната точка за зголемена креативност, дневното практикување благодарност, свесна присутност, редовното вежбање и квалитетен ноќен одмор се најдобриот рецепт до сега за зголемување на нивото на среќа. Сите четири активности се алатка за зголемување на креативноста што ги подготвуваат нашите способности да го претворат новото во корисно.

Благодарноста го тренира мозокот да се фокусира на позитивното, и ги менува неговите вообичаени филтери за негативни субјективни информации. Ова има влијание на расположението, но исто така ги зголемува и новоста. Бидејќи сме навикнати на негативното, позитивното често пати ни делува различно.

Свесната присутност го учи мозокот да биде смирен, фокусиран и да не реагира, па го зголемува извршното внимание. Таа исто така вметнува мал простор помеѓу мислата и чувството и му овозможува на предниот кортекс повеќе време да размислува на алтернативни можности.

Вежбањето го намалува нивото на стрес, го исфрла кортизолот од нашиот систем додека истовремено ги зголемува хемикалиите што не` прават да се чувствуваме добро, како што се серотонин, норадреналин, ендорфин и допамин. Овие хормони ја намалуваат анксиозноста и го зголемуваат доброто расположение, што значи ја засилуваат способноста на предниот кортекс да открива што подалечни можности.

Квалитетен ноќен одмор обезбедува дополнителна корист. Тој ги зголемува нивоата на енергија, и обезбедува ресурси за да можеме да се справиме со предизвиците. Чувството на безбедност што доаѓа по квалитетен одмор го подобрува нашето расположение и нашата волја да преземаме ризици, и обете ја засилуваат креативноста. Уште повеќе, сонот е најважниот инкубациски период. Кога спиеме, мозокот има време да пронајде секаков вид скриени врски меѓу идеите.

Разберете ја важноста на користа од поминато не-време со никој

„Не-време“ е мој термин за тој голем период на празнина од 4 часот наутро (кога почнувам да пишувам) и 7:30ч (кога останатиот свет почнува да се буди), објаснува Котлер. Овој период од денот е црна темница и ми припаѓа само мене.

Дневните грижи допрва треба да почнат да притискаат, така што имам време за врвниот луксуз: внимание. Ако ми се потребни два часа да напишам реченица, што е тоа важно?

На креативноста и` е потребно ова не-време.

Роковите често пати можат да бидат стрес фактори. Притисокот го присилува мозокот да се фокусира на детали, ја активира левата хемисфера и ја блокира големата слика да дојде во нашите мисли. Уште полошо, кога сме под притисок, често пати сме под стрес. Не сме среќни што мораме да брзаме, а тоа ни го скиселува расположените и уште повеќе го напрега нашиот фокус.

Мораме да вметнеме вакво не-време во нашите распореди. Не-време е време за мечтаење и психолошко дистанцирање. Мечтаењето и` овозможува на нашата потсвест да пронајде далечни асоцијации меѓу идеите. Не-времето исто така ни дава и мала дистанца од нашите проблеми. Тоа ни овозможува да ги гледаме работите од повеќе перспективи, да земаме предвид туѓи гледни точки. Ако немаме време да го добиеме тој простор подалеку од нашите емоции и да направиме пауза од светот, тогаш нема да го имаме луксузот на алтернативните можности.

И не станува збор само за не-време, туку и за време поминато со никој.

Осаменоста е важна. Секако дека висок степен на креативност бара соработка, но фазата на инкубација го бара спротивното. Правењето пауза од сензорното бомбардирање на светот му овозможува на мозокот повеќе причина да лута во далечни и скриени ќошиња. Истражување спроведено во 2012 год од страна на психолози од Универзитетот во Јута на пример, откри дека после четири дена поминати сами во природа, испитаниците оствариле за 50% поголем успех на стандардните тестови за креативност.

Обидете се да го започнете денот со 90 до 120 минути непрекината концентрација. Ова време ќе исплати значајни долгорочни дивиденди.

Размислувајте внатре во кутијата

„Размислувајте надвор од кутијата“ е точната изрека, но можеби ја сфаќаме наопачки. Ограничувањата ја поттикнуваат креативноста. Џез музичарот Чарлс Мингус еднаш има објаснето: „Не можете на ништо да импровизирате, морате да импровизирате на нешто“.

Во истражувања на Универзитетот Рајдер за врската помеѓу границите и креативноста, студенти добиле осум именки и биле замолени да ги искористат и да запишат парови стихови што се римуваат (слично како во честитки). Друга група не добила именки туку само требала да запише стихови што се римуваат. Работата на двете групи потоа подлегнала на проценка на креативноста од страна на независен панел експерти.

Одново и одново, учесниците во групата која започнала да пишува со ограничувањата од осум именки имале подобри резултати од другата група.

Поентата е дека понекогаш празната страница е премногу празна за да биде корисна. Затоа едно од моите главни правила за работата гласи: секогаш да знаете што е почеток а што крај. Ако овие близнаци референци се поставени соодветно, што и да е средината – книга, статија, говор – е едноставно поврзување на точките. Без точките за поврзување, можете да заглавите или да трошите време во периферна територија (можеби затоа ми беа потребни 11 години да го завршам првиот роман, додава Котлер).

Важно е да запомните дека многумина веруваат дека временските ограничувања, т.е. крајните рокови, се граница што ја овозможува креативност. Можеби. Можеби не.

Претходно, споменав дека чувството на отсуство на притисок во одреден период е клучно за негување на креативноста, и ова е точно. Сепак, исто така е точно дека роковите можат да спасат креативни проекти од тоа да се влечат на неодредено време.

Само поставете го рокот доволно далеку во иднината за да можете да вградите долги периоди на не-време во вашиот распоред. Креативните рокови би требало да бидат доволно тешки да ве натераат да се ангажирате дополнително, но недоволно тешки за да ве натераат да „откачите“.

Извор: ideas.ted.com

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Македонската Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот со национален...

Десет македонски компании, кои заеднички изложуваат свои производи на националниот павиљон, оваа година учествуваат на дигиталното издание на Хановер Месе, пренесува бизнис...
- Advertisment -