Како да размислувате како претприемач

Еве една вест: развивањето на претприемачкиот начин на размислување не бара магистерска диплома, вели Ким Перел, извршен директор на Perell Ventures и колумнист за Entrepreneur.

Некои луѓе се чини дека се родени со претприемачки дух што секогаш ги тера да почнуваат нови проекти, да решаваат проблеми што гледаат дека постојат во светот и да се осмелат самите да се впуштаат во различни потфати.

Други пак работат навистина напорно за да го развијат тој начин на размислување.

Без разлика дали се надевате дека ќе започнете сопствен бизнис во блиска иднина или за неколку години од сега, изострувањето на претприемничкиот начин на размислување може да има огромно влијание врз вашиот живот. Таквиот начин на размислување ќе ви помогне да продолжите да стекнувате нови знаења, да растете и да го искористите вашиот најголем потенцијал. А таквото искуство е секогаш позитивно, без разлика каде ќе ве одведе животот.

Во продолжение се неколку совети што помагаат во развивањето на претприемачкиот начин на размислување.

Стекнувањето нови знаења и растот треба да се приоритети

Премногу е лесно да се земат успешните претприемачи како пример и да се претпостави дека тие имаат сфатено се` што треба. Но, најуспешните претприемачи подготвено признаваат дека тие никогаш не можат да знаат се`. Тие постојано целат кон стекнување нови знаења и развивање свежи идеи.

Перел вели дека би сакала да се смета себеси како доживотен студент. Секогаш чита нова книга, вежба развивање нови вештини или истражува ново поле кое ја интересира.

Личниот развој нека ви стане дел од животниот стил. Секој ден, одвојте време за читање блогови, статии и книги што ќе ви помогнат да го зголемите знаењето, изострите вештините, и да се чувствувате уште повеќе мотивирани и инспирирани за да продолжите напред.

Секој голем лидер чита многу. Некои од најуспешните претприемачи веруваат дека нивниот успех се должи на читање. Ворен Бафет е познат по тоа што троши дури 80% од денот во читање, и инсистира дека секој кој се надева дека ќе постигне сличен успех треба да си легнува малку попаметен секој ден и да чита 500 страници дневно. Елон Маск, Марк Зукенберг и Бил Гејтс исто така одвојуваат време за читање секој ден, дури и додека го водат сопствениот бизнис. Ако тие можат, можете и вие.

Поставете цели (и секојдневно работете на нив)

Успешните претприемачи не постигнуваат големи нешта случајно – тие поставуваат добро размислени цели за кои се грижат и работат на нивната реализација. Малите достигнувања на дневна основа остваруваат големи цели. И ништо не охрабрува повеќе од зацртана и постигната цел. Тоа ви помага да се навикнете на идејата дека имате контрола врз сопствениот живот и дека имате способност да постигнете се` што ќе замислите.

Поставувајте цели секој ден. Перел вели дека секоја вечер пред да си легне, прави листа од 3 најважни работи што треба да ги оствари следниот ден. Оваа листа може да содржи се`, од следење на напредокот на некоја зделка на која во моментот работи, до јавување на пријател со кого сака да оди на ручек или работи на нејзината нова книга. Голема или мала, професионална или лична, значајна или помалку луда, секогаш треба да имате неколку цели на кои работите. Ако поставите поголема цел, тогаш патот до нејзината реализација разделете го на неколку помали, остварливи реални чекори, такви кои ќе ви го овозможат дневниот напредок.

Перел го споделува личното искуство кога пред шест години, си поставила цел да ја продаде сопствената компанија. „Секоја вечер пред да си легнам, ја преиспитував целта и правев листа со задачи што треба да ги остварам следното утро. Бидејќи тоа не беше доволно голем потсетник, исто така запишував белешки и ги лепев на огледалото во купатилото,“ објаснува таа, и додава дека оваа практика е уште еден совет за успех, бидејќи истражувањата покажуваат дека луѓето кои ги запишуваат целите на лист хартија имаат 42% поголеми шанси да ги остварат од оние кои не го прават тоа. „Горда сум што можам да кажам дека ја постигнав таа цел! Не се потпирајте само на мислите, запишете ги!,“ потенцира таа.

Нека ви биде удобно кога ви е неудобно

Искрено? Нема ништо удобно во претприемништвото. Тоа подразбира голема доза одбивање, ризик, неуспех, срам, анксиозност, поднесување критики, солзи, сомнежи… работи во кои никој не ужива особено. Но тоа е цената за креативната слобода и исполнувањето што не може да се почувствува на друг начин. Ако дозволите чувството на неудобност да ве спречува да движите напред, тогаш ќе пропуштите многу, многу можности.

Ставете се себеси во нови и непознати ситуации што ќе ве натераат да пораснете. Обидете се да направите нешто што претходно никогаш не сте го направиле. Дозволете си да бидете одбиени. Страшно е, но истовремено е и возбудливо.

Џиа Џианг одлучи да го примени овој совет исклучително буквално. Откако сфатил дека стравот од одбивање го терал да стагнира, намерно потрошил 100 дена во добивање негативни одговори. Секој ден смислувал нов начин да биде одбиен – од барање 100 долари од непознат, до молба до неговиот сосед да засади цвеќе во неговиот двор. Не само што Џианг го надминал стравот, туку и научил моќни стратегии за претворање на „не“ во „да“.

Прифатете го ризикот

Секогаш кога треба да преземете ризик, имате два можни исходи: или ќе победите, или ќе научите. А неуспехот е најдобриот можен учител. Тоа е шанса да пораснете, да се приспособите, и да научите нови стратегии за следниот пат. Не го избегнувајте неуспехот, прифатете го. Дозволете си да искусите неуспех брзо и често. Тоа ќе ве подготви за успех на долг рок.

„Во животот, го користам неуспехот како репер – ако не доживувам неуспех или не сум доволно често одбиена, очигледно не преземам доволно ризици. Секако, неуспехот може да биде страшен, но жалењето за нешто што не сте обиделе е многу, многу пострашно.

Понекогаш, неуспесите делуваат како да дошол крајот на светот – но сигурно, голем број претприемачи не го виделе крајот. Џејмс Дајсон создал 5126 прототипи пред конечно да ја создаде функционалната правосмукалка Дајсон. Голем број претприемачи создале комплетни бизниси што доживеале целосен неуспех пред да преминат да го остваруваат следното големо нешто. Таков е на пример Еван Вилијамс, ко-основач на компанија за снимени радио емисии која пропадна со појавата на iTunes. Кога тој и неговиот тим сфатиле дека нема да можат да се натпреваруваат со Apple, почнале да размислуваат за нови идеи и да работат на истите… една од тие идеи која се разви во огромен бизнис е Twitter.

Поминувајте време со други претприемачи

Најважните фактори во вашиот живот се луѓето околу вас. Ако се опкружите себеси со негативни луѓе, кои се жалат дека не можат да направат ништо што би им ги подобрило околностите, на крајот и вие ќе се чувствувате така. Но ако околу вас има луѓе кои ви го зголемуваат нивото на енергија и ве инспирираат, тогаш и нивниот оптимизам ќе се „залепи“ за вас.

Градете односи со претприемачи кои веќе биле на ваше место. Учете од нивниот успех, но и од нивните неуспеси. Најдете ментори и други експерти од кои можете да учите преку курсеви или средби лице-в-влице. Вмрежувајте се, истражувајте, стапете во контакт со луѓе на кои им се восхитувате, разговарајте со некој непознат на LinkedIn – правете го сето тоа што е потребно за да се опкружите со луѓе кои можат да ви помогнат да развиете начин на размислување фокусиран на раст. Кој знае? Можеби истите тие луѓе еден ден ќе станат ваши бизнис партнери.

Токму ваков е примерот на ко-основачите на Rent the Runway, Џени Флеис и Џен Хајман. Тие се запознале додека студирале на факултетот за бизнис на Универзитетот Харвард и како пријатели, секоја недела оделе заедно на ручек со цел да размислуваат и да дискутираат за потенцијални бизнис потфати. Нивната идеја да изнајмуваат дизајнерски фустани оттогаш процвета во успешна компанија проценета на повеќе од 1 милијарда долари.

„Дефинитивно се сметам себеси за претприемач, можам да го почувствувам огнот во моите коски – но исто така открив дека примената на наведените навики ми помогна да ги изострам сопствените вештини и да ги зголемам сопствените шанси за успех,“ потенцира Перел.

Применувајте ги овие тактики за да го развиете претприемачкиот начин на размислување и гарантирано ќе се почувствувате посигурни во себе во однос на искористување на можностите што ќе ви се нудат.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Стартап компаниите треба да научат да лобираат

Стартап фирми се` повеќе заглавуваат во некои строго регулирани индустрии, и крајно време е да почнат да ги сфаќаат тие одредби сериозно....
- Advertisment -