Што ако угостител, маркет, превозник… не ги почитува здравствените протоколи?

Aко некој угостител, маркет, превозник, фабрика и друго, не ги почитува протоколите, надлежната инспекциска служба ќе има законско овластување на лице место да изрече забрана за вршење на дејност од 10 до 30 дена, поточно во истиот момент да го затворат објектот. Жалбата против решението со кое се изрекува ваквата забрана нема да го одлага неговото извршување. Со ова значително ќе се зголеми ефикасноста на инспекцискиот надзор, а ќе се намали шансата од ширење на вирусот,рече претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска – Грашкоска.

Со новите законски промени поголеми овластувања за инспекторите

„Изминатиот период сме сведоци на зголемена бројка на заболени од вирусот КОВИД-19, но и на непочитување на здравствените протоколи од одредени правни субјекти, што ја наметна и потребата да се разгледаат опциите за зголемување на надлежностите на инспекциските служби. Владата ги усвои измените на Законот за здравствена заштита на населението од заразни болести и предлог измените ќе бидат доставени до Собранието. Очекуваме во најскоро време овие измени да бидат изгласани и да стапат на сила и веднаш по донесувањето на измената на Законот за заштита на населението од заразни болести, инспекторите ќе имаат можност за изрекување на забрана за работа и парични казни/глоби за оние субјекти кои не ги почитуваат протоколите,“ изјави Филиповска – Грашкоска.

Согласно важечкиот Закон за заштита на населението од заразни болести, за непочитување на протоколите досега само Државниот здравствен и санитарен инспекторат имаше овластувања да изрекува мерки, а останати инспекциски служби можеа да поднесат кривични пријави за непочитување на протоколите согласно Кривичниот законик. Со новите законски измени вакво овластување за изрекување на забрана за работа и прекршочен платен налог добиваат и Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт и сите останати инспекциски служби на централно и локално ниво. Секоја од овие инспекциски служби ќе врши надзор во сопствениот делокруг на работење, така што ќе бидат опфатени сите релевантни субјекти – угостителски објекти, превозници, производствени капацитети и слично.

Во однос на висината на глобата, со измените, за микро претпријатие кое прекршило некој протокол се предвидува глоба од 2500-3000 евра во денарска противвредност, за мало претпријатие 5500- 6000 евра, за средно 17500-18.000 евра и за големо претпријатие 25000-30000 евра, како и соодветни глоби за одговорното лице на правниот ентитет (1.500 евра), 750 евра за трговец поединец и 250 евра за физичкото лице.

Се спроведуваат засилени контроли

„Дозволете ми само да дадам неколку информации во однос на извршените инспекциски надзори од страна на инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт, Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за лекови и медицински средства во текот на овој месец (од 01.10 заклучно со 05.10),“ додава таа.

Државниот пазарен инспекторат во период од пет дена (01-05.10) изврши вкупно 160 надзори во цела држава. Притоа, изречени се осум решенија и 22 платни налози, а поднесени се и 18 кривични пријави за непочитување на протоколот за работа на угостителските објекти. Од овие 18 кривични пријави, 10 се за правни субјекти во Скопје, две во Струмица, три во Битола и по една кривична пријава во Охрид, Струга и Гостивар.

Од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, реализирани се 44 вонредни инспекциски надзори, од кои осум надзори се извршени во здравствени установи, 35 во воспитно образовни и социјални установи и еден надзор за издавање на решение и спроводница за пренос на починато лице. Изречени се седум решенија за констатирани недостатоци. Дополнително од страна на ДСЗИ  во овој период издадени се 2.445 решенија од кои 932 за изолација и домашно лекување на лица позитивни на КОВИД-19 и 1.513 решенија за здравствен надзор и домашна изолација за лица кои биле во  контакт со лице позитивно на коронавирусот. Исто така, извршена е и јавна објава во печатен медиум на личните податоци на 86 лицата за кои не може да се изврши уредна достава на издадените решенија.

Од страна на државните инспектори за труд извршени се вкупно 228 надзори во правните субјекти во цела држава. Во исконтролираните правни субјекти во овој период беа опфатени вкупно 3.312 вработени и беше констатирано дека нема ослободени вработени по основ родител на дете до 10 години, двајца вработени се ослободени од работа по основ на хронична болест и три работнички се ослободени поради бременост. Дополнително е констатирано дека генерално се почитува обврската за носење на маски како заштитна опрема. Од страна на Државниот инспекторат за труд  донесени се 10 решенија и седум укажувања на работодавачите за неносење заштитни опрема, за користење средства за дезинфекција, проветрување, ослободување на вработените  од ризичните групи и сл.

Државниот инспекторат за транспорт изврши вкупно 42 инспекциски надзори, при што се поднесени четири пријави до суд и донесени се две решенија. Инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство извршија 160 контроли при што се изречени 22 мерки. Инспекторите од МАЛМЕД реализираа 33 вонредни инспекциски надзори врз субјектите од нивна надлежност, при што не се утврдени неправилности.

Следи период полн предизвици

„Периодот кој следи, е особено важен за сите нас. Донесените протоколи се важни за да се заштити здравјето на сите граѓани, но и да се обезбедат потребните услови за функционирање на компаниите, особено што надлежните најавуваат дека во овие есенски месеци се очекува зголемен број на новозаразени од коронавирусот. Затоа, би сакала да апелирам до сите правни субјекти и граѓани да ги почитуваат владините мерки и препораки во насока на превенирање и заштита од ширењето на коронавирусот КОВИД-19. Инспекциските служби со сите свои капацитети продолжуваат засилено да работат на терен и потенцирам дека нерегуларностите и непочитувањето на владините мерки и препораки најстрого ќе се санкционираат без исклучоци,“ изјави претседателката на Инспекцискиот совет.

Извор:biznisinfo.mk

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -