Зелена агенда, зелени економии и претприемништво

Софија Граматова Ристовска е еден од поистакнатите членови на ЦЕЕД Клуб на жени претприемачи и менаџери, вистински професионалец и жена која и приватно и професионално се труди да го направи светот позелено место за живеење.

Taa веќе две децении работи во сферата на одржливиот развој и стратешкото планирање (паралелено со архитектонско-инженерските дејности). Нејзината кариера во најголем дел ја остварува како консултант во повеќе општински проекти, невладини организации и консултантски куќи, а и во рамките на бројни национални и донаторски проекти посветени на поддршка на децентрализацијата, локалниот, регионалниот, урбаниот и руралниот развој, унапредување на социјалната инфраструктура и подобрување на животната средина.

Нејзиниот интерес за развојните предизвици и модели и принципот на одржливиот развој – (вклучително и интегрираното и инклузивното планирање, зелените, циркуларни (кружни) и био економии како ефикасни развојни модели, управувањето со природни ресурси) и од аспект на архитект и како граѓанин на една мала држава во развој, започна со нејзините први работни искуства со проектните активности за рурален развој во три македонски општини. Притоа, соработката со руралните жени и резултатите кои произлегоа како почетни чекори за развојот на руралниот туризам во тие краишта, стана нејзина континуирана инспирација, но и мотивација да ги продлабочи нејзините познавања и искуства во сите тие сродни области. Можноста за размена и примена на искуства во овие сфери, и со три фински општини, во периодот од 2003-2007, како и кратките едукативни престои во Израел во 1990 и 2015 – во израелскиот ВАЈЦ Центар за одржлив развој, придонесоа тоа и да се оствари, па тоа искуство денес го користи во работните ангажмани во рамките на нејзината семејна компанија.   

арх. Софија Граматова Ристовска – консултант за одржлив развој и стратешко планирање

Во продолжение следува нејзниот осврт на можностите за развој на претприемништвото преку воведување зелени иницијативи во работењето на домашните компании.

Што е тоа зелена економија? Зелена агенда,зелени работни места? Биоекономија и циркуларна економија? Какви се тие процеси и како го допираат нашето секојдневие, но и иднина? Каква е улогата на претприемачите и нивните предизвици? Овие и слични прашања и теми, верувам се веќе распространети меѓу македонските претприемачи,без разлика дали се на почетокот на својот развој или се веќе етаблирани и солидни економски субјекти на пазарот, во мали или пошироки регионални рамки.

Имајќи ги предвид постоечките општествени и развојни текови во светот,односно разните модели на развој и раст кои ги применуваат развиените земји, но и дел од земјите во развој, се доаѓа до заклучок дека последната деценија фокусот е ставен на овозможување на општествено-економски развој со што помал степен на деградацијата на животната средина. Всушност, тоа е тенденција за транзиција од линеарна кон циркуларна економија, односно од неодржлив  ˃ одржлив развој. Повеќето од развиените земји, уште пред една деценија веќе имаат изградено свои соодветни политики и стратешки документи, на национално, регионално или локално ниво, па зависно од нивните визии, цели и потреби, тие така и ги нарекуваат овие документи кои веќе се во фаза на имплементација. Такви примери се: Стратегија за зелен економски развој (Германија), Национална стратегија за зелен раст (2011, Израел), Стратегија за биоекономија (2014, Финска) или Стратегија за циркуларна економија (градот Париз). Ваквите развојни стратегии и модели веќе имаат покажано и докажано дека тоа е успешен начин истовремено да се овозможи развој и раст на економијата, со троен бенефит, економски, социјален и еколошки.

Во 2019 год,како резултат на општоприфатените заеднички развојни интереси, цели и политики, Европската Унија го носи својот најнов стратешки документ “European Green Deal” / Европски зелен договор, кој опфаќа нови и конкректни политики, мерки, програми и финансиски рамки за реализирање на зелена, одржлива и иновативна економија. Основната алатка за постигнување на овие цели се „зелените инвестиции”, преку поткрепа и заздравување на локалните економии.

Потенцијалот лежи во приватниот сектор

Нашата земја, во последните две децении релативно брзо и квалитетно ги има прилагодено и усогласено и регулативата и политиките во разни сектори следејќи ги европските примери, добрите пракси и препораки. Притоа, уште од 2010 год. е изготвена и усвоена Национална стратегија за одржлив развој во РМ (2010-2030). Важно е да се напомене дека три од седумте нејзини стратешки определби се однесуваат на насочување и зајакнување на трите клучни сектори: јавниот, банкарскиот/финансискиот и приватниот, врз основа на принципите на одржливиот развој, како и обезбедување средства за финансирање проекти и активности во сферата на одржливиот развој. За жал, динамиката и обемот на спроведување на целите на Стратегијата, заради повеќе причини, не се одвива според предвиденото и посакуваните резултати. Но токму затоа, проактивноста и ажурноста на приватниот сектор како главен чинител на општествените промени е нужно потребна, за потребните промени позабрзано да се имплементираат во сите сфери и сектори на општествено живеење, со цел креирање и овозможување што повеќе услови и процеси на одржлив развој.

Во октомври 2020 год, Европската Унија го усвои пакетот поддршка за Западен Балкан, резимиран во документот “Green Agenda for Western Balkans” / Зелена агенда за Западен Балкан, кој нуди соодветни, социјално-праведни и инклузивни механизми за имплементација, како и финансиски инструменти. Петте клучни сфери кои се поддржуваат како приоритети во регионот се: 1) декарбонизација: клима, енергија, мобилност; 2) циркуларна економија; 3) де-полуција (очистување) на воздухот, водата и почвата; 4) одржливи системи на храна & рурални региони; 5) биодиверзитет: заштита и реставрација на екосистемите. Финансиските инструменти покрај национални и локални извори на средства, вклучуваат и некои други како што се: ИПА 3 / ИПАРД, Европската банка за инвестиции (ЕIB) и Инвестиционата рамка за Западен Балкан (WBIF), Green for Growth Fund (GGF) и Регионалната програма за енергетска ефикасност (REEP).               

Конкретни чекори за бизнис секторот

Минатата година 2020 год, беше година со најголеми економски,социјални но и еколошки предизвици предизвикани од Ковид пандемијата.Фактот дека таквата состојба сѐ уште трае (и ќе трае), неминовно ја наметнува потребата од соодветна и брза реакција и одговор на приватниот сектор.Таа реакција на приватниот (бизнис) сектор, а пред сѐ на претприемачите, не треба да биде само насочена кон решавање на критичните состојби и обезбедување поддршка на најпогодените сектори, туку пред сѐ како можност за искористување на сите свои креативни потенцијали и ресурси во изнаоѓање алтернативни решенија, финансиски извори, иновативни модели на партнерства и инвестиции, механизми или форми на производство, управување или планирање. Бидејќи праксата досега покажала дека најуспешните решенија произлегуваат кога академската заедница, државните институции и бизнис секторот партнерски работат, секако приоритетно би било креирање на иницијативи што ќе резултираат со конкретни мерки и интервенции.

Согласно националната постоечка регулатива, на претприемачите им стојат на располагање доволно алатки за самоорганизирање, за здружено или партнерско делување и настапување пред другите актери и институции. Првите чекори би можеле да бидат насочени кон барање за поставување јасни правни рамки за зелен економски развој, и овозможување услови и/или директна поддршка на сите актери на локално и национално ниво. Исто така, значајни чекори би биле и промоција на идејата и лобирање за воведување соодветни одредби и принципи за зелена економија/ чисти технологии/ био-економија во одлуките на јавните набавки на државните институции / јавниот сектор, како и барање за интегрирање на заложбите и посветеноста на институциите за одржлив и зелен развој, во сите релевантни стратешки документи, во разни сектори.

Пример кој прилично сликовито ја опишува неповолната состојба со локалното планирање е фактот што повеќето општини (и урбани и рурални) немаат ажурирано или донесено свои нови развојни стратегии, или било какви други стратешки документи во контекст на одржливиот развој. Итноста и потребата од што поскоро промовирање и воведување на зелениот концепт во сите сфери на живеење, ја покажуваат и следните бројки: 15% од популацијата на нашата земја, живеат во објекти кои имаат статус на “дивоградба “, а тоа се приближно 320 000 граѓани. Тоа значи дека постои огромен потенцијал за обезбедување разни видови услуги и низа производи кои би биле лесно достапни за оваа категорија граѓани. Вториот пример, кажува дека во земјите на Западен Балкан, отпадот се рециклира до 3%, додека во останатите европски земји, тој процент достига и до 44%. Сите овие проблематични состојби останува да бидат дополнително препознаени од страна на претприемачите од релевантните сектори како економски потенцијал и предизвик, за да ги наменат или пренасочат своите инвестиции и/или иновации соодветно.

Клучни бенефити

Кои се клучните бенефити/резултати на зелената економија, или поточно кажано „позеленувањето” на одредените сектори? Тоа се: 1) економска корист – заштеди и иновации, 2) социјална корист – особено заради креирањето на нови работни (зелени) места, 3) подобрување на животната средина – заради намаленото негативно влијание врз истата, 4) подобрена безбедност, управување и одржливост на ресурсите.  

Како и да е, време е локалните актери да посветат внимание барем на неколкуте приоритетни области во кои може најбрзо да се интервенира и да се воведат принципите на зелениот развој, а тоа се: управување со пластичниот отпад, отпадот од храна, био-масата (вклучително од агро-секторот и шумскиот отпад), ретките суровини, градежните материјали и градежниот отпад, производи од био-маса итн.

Секако, најважниот сегмент за да дојде до исчекор и промена на состојбите е препознавање и креирање на финансиски извори и инвестициски модели, но и овозможување пристап до знаења, добри пракси и информации за зелен раст и одржлив развој.

На крај, би сакала да споделам еден добар пример, една успешна македонска приказна, токму како доказ дека добрата и навремена идеја секогаш може да се развие во успешен зелен бизнис, и да си го најде своето место на пазарот. Тоа е еко-платформата за зелена убавина и мода Beyondgreen.mk, која во моментов на пазарот нуди специфични производи од био-разградлив материјал, торби и маски за мобилни телефони. Да се надеваме дека многу наскоро, ќе бидеме сведоци на многу вакви и слични приказни.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Македонската Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот со национален...

Десет македонски компании, кои заеднички изложуваат свои производи на националниот павиљон, оваа година учествуваат на дигиталното издание на Хановер Месе, пренесува бизнис...
- Advertisment -