Експертите се сигурни дека циркуларната економија може да не` спаси

Глобалната економија се соочува со пад и поголемиот дел од светот се наоѓа во кризна состојба, па општата тенденција би можела да се сведе на гасење локални пожари, наместо да се согледа пошироката слика и вистинската закана – планета во сериозна неволја. Според Питер Ласи, ко-автор на „Прирачник за циркуларна економија“, овој вид економија е патоказот кон закрепнувањето, а ние немаме време за губење, пишува Ејми Браун, авторка со над 20-годишно искуство, специјализирана во областа на одржливоста.

Циркуларната економија им нуди на бизнисите начин да напредуваат

„Не можете да имате успешен бизнис во неуспешна економија и планета која пропаѓа. Глобалната економија се соочува со слободен пад во последните шест, седум месеци на начини што во економската историја не се забележани околу 200 години. Не би сакале сега да имаме таков пристап кон кризата, но таа отвори можности,“ изјавил Ласи за бизнис порталот TriplePundit. „Влеговме во една многу важна и критична точка во глобалната економија и можеби во човечката цивилизација, и бизнисот мора да фати чекор и тоа на одговорен начин, бидејќи тоа е и во негов интерес, но и во интерес на општествата низ целиот свет, па дури би рекол и човештвото“.

Ласи работи како виш извршен директор за Европа, Велика Британија и Ирска, во компанијата Accenture Strategy. Тој е исто така член на Глобалниот совет за лидерство и ги раководи проектите на неговата компанија со Светскиот економски форум. Според него, и ко-авторите Џесика Лонг и Весли Спиндлер, циркуларната економија е најисплатливиот начин на кој бизнисите можат да фатат чекор и да напредуваат. Нивното дело е сублимирана работа од истражувањето на 1500 случаи (300 од кои се наведени во книгата), со цел да им овозможат на компаниите практичен преглед како тие можат да преземат трансформативни чекори кон циркуларна економија и да создадат нови конкурентни деловни можности.

Во игра се 4,5 трилиони американски долари

Ризикуваме да изгубиме 4,5 трилиони долари до 2030 год ако не направиме радикални чекори за да се одвоиме од стандардното производство во стилот на „земи-произведи-фрли“ и потрошувачките системи, тврди книгата на Accenture Strategy од 2015 год – „Од отпад до богатство“. Ласи смета дека бизнисите во сегашната економска ситуација имаат три полиња на делување, и дека циркуларната економија е начин како да се справиме со тие предизвици:

„Првото нешто се моделите на глобализацијата и на капитализмот што се применуваат глобално и кои создадоа огромни нееднаквости и најверојатно создадоа ситуација во која токму сега е во една многу ранлива фаза,“ изјавува ЛЛаси. „Мораме одново да изградиме систем кој е фер, кој создава социјална правда и ги намалува нееднаквостите, но и кој се справува со голем број прашања за кои луѓето се грижат на начин што не е само од корист за неколкумина, туку за повеќето“.

Тој додава: „Втората работа е што Четвртата индустриска револуција се сведува на реторика во моментов, и тоа во многу аспекти. Постои потенцијал за неверојатен кластер на научни и технолошки повеќекратни пронајдоци што можат да предизвикаат индустриска револуција која навистина ќе создаде корист за различни категории граѓани. Но тие технологии не се искористени на начин што навистина би ја предизвикал Четвртата индустриска револуција и навистина да го оствари потенцијалот од кој целото човештво ќе има корист“.

На крајот, Ласи потенцира како последното овластување се однесува на чувството на итност: „Третиот дел е тоа што се` уште немаме создадено, или на макро или на микро ниво, модел што навистина ќе ја покрие севкупната глобална економија и начинот на кој работат компаниите, што пак апсолутно мора да се исполни според Целите за одржлив развој на Обединетите Нации следната деценија“.

Циркуларната економија е шанса одново да се реконфигурира постоечкиот неуспешен систем

Сега, пандемијата на коронавирус силно ги осветли и слабостите и можните јаки страни за начинот на кој функционира модерниот свет. Но сега постои можност економските системи да се инспирираат на досега невидени начини, како што е движењето Build Back Better, меѓу некои владини и бизнис кругови во САД.

„Одеднаш гледаме пресвртни точки што би требало да се случат во следната деценија што навистина не` подготвија за патот до одржлив развој во иднина,“ истакнува Ласи. „Циркуларната економија не е лек за сите проблеми, но е еден многу важен начин одново да се конципира и промисли односот помеѓу економијата и употребата на ретки или штетни природни ресурси, на начини што им овозможуваат на компаниите да иновираат и да размислуваат креативно за нивните бизнис модели, нивните производи и услуги, и партнерствата што им се потребни да ги исполнат тие цели додека истовремено се комерцијално успешни“.

Циркуларните иновации можат да создадат деловна корист

Компаниите кои успешни ги применија концептите на циркуларната економија имаат бројни бенефити, додава Ласи. „Растот на приходите доаѓа преку намалувањето на трошоците, преку менаџирање ризик, преку нематеријален имот, брендот и репутацијата, како и од мерлив материјал и влијанието врз одрлживоста“.

Еден пример е Winnow, технолошка компанија која работи според принципите на циркуларната економија, добитничка на две награди на Светскиот економски форум во 2019 година, една од која е престижната прва награда „Победник над победниците“. Целта на оваа компанија е да има глобално влијание врз процесот на намалување на отпадот од храна преку кујни од големи размери. Нивната технологија им обезбедува дигитални алатки на готвачите со кои тие можат на лесен и едноставен начин да го измерат отпадот и потоа аналитичкиот софтвер ги посочува можностите за намалување на истиот. Постоечкиот мануелен систем на компанијата веќе се користи од страна на илјадници готвачи во повеќе од 40 земји. Компанијата има изјавено дека нивните процеси помогнале да се зачува вредност од 30 милиони долари од храната која завршува во депониите.

Друга компанија што Ласи ја посочува како пример е глобалниот џин за производство на пиво AB InBev од Белгија. Оваа пиварница веќе оствари стапка на рециклирање од 98%, од материјалите за пакувањата. До 2025 год, 100% од нивниот производ ќе биде пакуван во материјал што можете да го вратите назад или што ќе биде рециклиран.

Тука е и Loop, компанија која нуди циркуларна платформа за купување, со фокус на пакувањето на секојдневните потребни нешта како шампони и паста за заби. Нивната услуга ги трансформира предметите за еднократна употреба во трајни дизајнирани амбалажи и мали садови кои можат да се користат повеќекратно. Пандемијата предизвика пораст во трошењето на пластика со еднократна употреба, делумно поради стравот дека предметите што можат да се користат повеќе пати се помалку хигиенски. Но Хедер Крафорд, глобален потпретседател на компанијата за маркетинг и е-трговија, тврди дека тоа едноставно не е така: „Еднократната употреба исто така не е стерилна“.

Инвеститорите треба да вложуваат во циркуларната економија

Додека Ласи и неговите колеги имаат увид во стотици примери како овие во сите индустрии опфатени во „ Прирачник за циркуларна економија“, не постои еден единствен пат што ќе му одговара на секој бизнис. Според еден цитиран извештај, циркуларната економија во светот е присутна само 9% во споредба со традиционалната. Поентата е дека мора да се преземе нешто. „Ако некогаш се створи вистинскиот момент за крупни системски промени, тогаш тој е сега,“ вели Ласи.

Она што него го прави оптимист е тоа што тој смета дека е добро заврешна работа до сега, и фактот дека некои влади, особено Европската Унија, ја користат пандемијата како утрински аларм за да се посветат на формирањето фондови за поддршка на циркуларната економија.

„Има силни шанси дека високи инвестициски средства можат да се пренаменат и да привлечат уште повисоки средства што се потребни. Секако не можеме да си дозволиме да не ја искористиме можноста, но сум внимателен оптимист дека владите бараат начин да ги искористат потребните средства за справувањето со Ковид за да ја стимулираат економијата и да ги охрабрат компаниите да ги искористат за да ја пренаменат нивната инфраструктура“.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Како да бидете лидер кој вработените го почитуваат

Само што сте го вработиле совршениот работник. Неговата или нејзината целокупна деловна моќ е голема колку и неговото или нејзиното функционално знаење....
- Advertisment -