Мама Органа – меѓу првите компании во државата со иновативен социјален бизнис модел

Мама Органа е првата еко-социјална компанија во С. Македонија чија цел е промоција на циркуларна економија, родова еднаквост и креирање работни места за најранливите категории.  Основач на компанијата е Наталија Бургиева, а до идејата дошла откако, како самохрана мајка дополнително се соочила со здраствени предизвици и останала невработена. Економист по професија, но со пасија за природата, почнала да се самоедуцира на темата „органска храна“ и во 2017 година ја основа Мама Органа- компанија која собира отпад од храна, произведува органски ѓубрива и вработува претежно, самохрани мајки под социјален ризик.

Активностите кои ги преземате, позитивно влијаат на климатските промени, а при тоа креирате и вредност – органски ѓубрива кои им помагаат на земјоделците во производство на здрава храна. Од каде идејата за ваков бизнис?


Пред неколку години, поради лични здраствени проблеми, самоиницијативно почнав да правам истражувања за храната што ја јадеме. Заклучоците до кои дојдов посочуваа дека покрај нутритивните вредности, конвенционално одгледаната храна во себе содржи и огромен процент на пестициди, хербициди и други токсични состојки кои наместо добробит, креираат директна штета на нашето здравје. Одлучив да го променам начинот на исхрана и да внесувам само органски производи кои во себе не ги содржат овие отрови, но наместо решение, се соочив со нови предивици. Поради генерално лош квалитет на почва, органските производи беа дефицитарни на пазарот, тешко се наоѓаа, а воедно и цената им беше неколку пати повисока од обичните, па не можев ни да си ги дозволам. Логичен чекор беше, да пробам да одгледувам сама. Едуцирајќи се на темата, осознав дека отпадот од храна е одлична база за производство на чиста почва и доколку тој правилно се разгради, наместо да загадува и негативно да влијае на климатските промени, може да служи за одгледување на здрава и чиста храна. Направив неколку опити кои дадоа изненадувачки добар резултат и тогаш дојдов на идеја дека моите сознанија и решенија за личните предизвици можат да се имплементираат на повисоко ниво и да послужат како позитивен пример за целото општество. Решив да основам компанија, која ќе работи на „женски“ начин, компанија која ќе има цврсти етички принципи, а воедно и ќе работи на економско зајакнување на жената.

Кои беа следните чекори? Дали имавте подршка за реализација на идејата, како го креиравте бизнис моделот?

Живееме во свет во кој се практикува линеарна економијa и каде што генерално бизнисите се ориентирани кон профит, па да се биде пионер, а особено жена која сака да наметне поинакви правила на работа е, и повеќе од предизвик. Од таа причина беше исклучително тешко да се развие и прифати бизнис модел кој како примарна цел го поставува производот и социјалното влијание кое тој производ го остварува. Банките засега не подржуваат вакви бизнис модели, а иста е ситуацијата и со другите институции кои нудат финансиска поддршка, па се пријавивме во акцелераторската програма на CEED Hub Скопје. Таму имаа разбирање за нашата цел и мисија и со нивна помош, развивме иновативен бизнис модел кој опфаќа дури 8 од 17те точки за одржлив развој на Обединетите нации, а воедно добивме и финансиска поддршка. Во исто време учествуваме и во програмата за самовработување на АВРМ и ја основавме компанијата. Победивме на неколку натпревари за стартап компании и учествувавме во инвестициската програма на Impact Hub во Виена, каде што дополнително го адаптиравме бизнис моделот кон циркуларната економија, родовата еднаквост и социјалниот импакт.

Што значи социјален импакт и која е разликата помеѓу компанија ориентирана кон профит и компанија насочена кон социјалното влијание која ги следи принципите на циркуларната економија?

Разликата е во пристапот кон нештата во животот и кон планетата Земја. За мене лично од исклучителна важност е грижата за планетата и холистичкиот пристап на живеење. Сметам дека за сё треба да се грижиме со огромна одговорност и љубов, како кон свое дете, и од таа гледна точка ја развивам и компанијата. Компаниите кои остваруваат социјален импакт, како што тоа го прави Мама Органа зборчето „его“, го заменуваат со „еко“. Профитот е важен, но не е приоритет. Приоритет е човекот, неговата благосостојба и грижата за планетата. Ресурсите со кои како човештво располагаме не се бесконечни и оттука практикувањето на циркуларната економија, односно искористување на еден ист ресурс повеќе пати (во овој случај отпадот) е од исклучителна важност за сите. Во Мама Органа целокупното работење ги почитува овие принципи. Како ресурс користиме отпад, производите ги пакуваме во био-разградлива амбалажа, а со приходите обезбедуваме материјална сигурност на жени-мајки и работиме на нивнен личен развој.

Кои се Вашите клиенти, каков е нивниот однос кон Вашиот принцип на работа? И Дали покрај органските ѓубрива, на пазарот нудите и други производи?

Нашите клиенти се претежно фармери. Во таа индустрија мнозинството се мажи од рурални средини, а јас жена од Скопје која треба да им каже како да прават нешто кое тие веќе со години го работат на свој начин. Наидував дури и на отпор, но не се откажував, знаев дека целта ќе ги оправда средствата  и навистина како поминува времето, така се помалку е важен фактот што јас сум жена, а сё повеќе е важен квалитетот на производите и услугите што Мама Органа ги нуди. Освен органските ѓубрива, произведуваме и други производи и се трудиме принципот по кој што делуваме да го имплементираме на што е можно повеќе аспекти од секојдневието. Исто така, постојано работиме на развој на иновативни производи кои нудат решение за одредени предизвици. Па така, го развивме нашиот производ еко-песок тоалета за домашни миленици, кој за разлика од вообичаените понуди на пазарот, не загадува и биолошки се разградува, како и  Fresh Air on-a-plate, декоративна комбинација од билки кои служат за прочистување на воздух во затворени простории.

Кои се Вашите идни планови, каква е Вашата мисија?

Нашата мисија останува иста, да се грижиме за планетата Земја и природните ресурси, да се бориме против гладта и сиромаштијата, креирајќи работни места и да го поддржуваме економскиот развој на жената како единка. Во иднина планираме да организираме работилници на кои би едуцирале за важноста на циркуларната економија, со што би се кренала свеста кај луѓето за овој вид бизнис модел.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -