SheCommerce: За успешен бизнис потребна е верба во себе!

Нови знаења поврзани со електронската трговија, актуелните трендови во дигиталната економија, патот до успехот пренесен од страна на четири успешни жени претприемачи и, корисни совети како да ги надградат сопствените менаџерски вештини и како да го подобрат работењето на компанијата беа во фокусот на вчерашната интерактивна панел дискусија насловена – SheCommerce: Иновирај и инспирирај: Започни ја твојата е-продавница.

Настанот, во организација на ЦЕЕД Хаб Скопје и Асоцијација за е-трговија на Македонија, имаше за цел да ги мотивира и инспирира жените претприемачи да отворат е-продавница и сериозно да размислат нивните деловните активности да ги префрлат онлајн. Како ретка можност каде жените претприемачи можат да најдат дополнителна поддршка за развој на сопствените менаџерски вештини и унапредување на деловното работење, како и помош и поддршка за започнување сопствен бизнис, беше претставен и ЦЕЕД Клуб на жени претприемачи и менаџери, кој е замислен да функционира како заедница на жени основачи на бизниси, но и искусни деловни жени кои се подготвени своето знаење и искуство да го пренесуваат на други.

Жените треба да бидат организирани и да бараат поддршка меѓу себе

Свое обраќање на онлајн средбата имаше претставничката на американската амбасада во Скопје – Шенон Ранјон, раководител на секторот за политики и економија, која истакна дека е особено важно да се поддржат жените претприемачи на државно ниво бидејќи во нив лежи огромен потенцијал за заживување на економија, а бизнисите во сопственост на или раководени од жени се особено погодени од кризата предизвикана од Ковид-19.

„Амбасадата го поддржува Проектот за поддршка на вештините на жените претприемачи и менаџери и активностите кои ги опфаќаат деловните жени во државата. Поради пандемијата, голем број индустрии се погодени, особено угостителството и малопродажбата, а жените се тие кои најчесто работат во овие индустрии и кои го носат поголемиот дел од товарот. И покрај вакцините, мислам дека нема да дојде промена кон нормала во брзо време, па затоа бизнисите мораат да се адаптираат, прилагодуваат и да работат според нови бизнис модели. А токму тоа е и целта на проектот на ЦЕЕД Хаб Скопје – да го ублажи ефектот од пандемијата кај жените претприемачи и да обезбеди плодна средина да можат тие да го растат и развиваат својот бизнис во овие околности. ЦЕЕД основа Клуб на жени претприемачи и менаџери каде членовите се поддржуваат, учат едни од други, и соработуваат. Членството подразбира работилници, обуки на разни теми – како да развиете бизнис во време на криза и да создадете отпорност, а нуди и менторски сесии, месечни состаноци за поддршка и можности за вмрежување,“ посочи Ранјон.

Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Нина Ангеловска, посочи дека нема подобро време за отворање на електронски бизнис од сегашното време на криза, бидејќи статистиката покажува дека дигитализираните бизниси се тие кои не само успеваат успешно да ги надминат препреките што се должат на пандемијата, туку и да остварат забрзан раст и поголем профит.

„Дигитализацијата и е-трговијата отворија повеќе можности, и е-трговијата е единствен начин да се успее во време на пандемија. Во Македонија, според истражувањето што Асоцијацијата го спроведе есеноска, е-трговијата бележи над 170% пораст во 2020 год, во споредба со претходната, а над 20% од 3000 испитаници во нашето истражување кажале дека за првпат почнале да користат дигитални услуги за време на Ковид или го зголемиле купувањето онлајн,“ посочи Ангеловска.

Упорност, истрајност, желба и љубов за работата

Учесничките во панел дискусијата, Теодора Филовска, сопственик на Vrootok – дигитална маркетинг агенција и Galeksia – Институт за дигитален маркетинг, Александра Евтимова, сопственик на mitra.mk, онлајн продавница што нуди различни видови производи, Даница Личанин Блажеска, сопственик на reptilmarketi.mk и Билјана Божиновска, сопственик на annifarm.com.mk, ги споделија нивните лични приказни, отворено зборуваа за препреките на патот до успехот, начинот на кој ги надминале, што е тоа што ги мотивира да истраат и како се справуваат во овој момент со развојот на сопствениот бизнис.

Теодора Филовска посочи на потребата да се понуди нов, интересен и квалитетен производ на пазарот и објасни како таа и нејзиниот тим ја увиделе потребата од неформална едукација за дигитален маркетинг на повисоко ниво. За таа цел, нејзината компанија сега соработува со институт за дигитален маркетинг од Ирска, и издава сертификати признати на светско ниво.

„На почетокот, многу се важни ентузијазмот и желбата. Кога ја отворив првата фирма имав 26 години и нула искуство со започнување бизнис, многу поважно ми беше да работам со странски клиенти и знаењето што го стекнав во странство да го применам кај нас. Морам да кажам дека не добив поддршка од околината како што очекував, но ризикот е дел од претприемништвото, особено за жените бидејќи на некој начин секогаш не` потценуваат, па затоа упорноста е битна, а поддршката барајте ја кај вас самите,“ истакна Теодора.

Таа додава дека во нејзиниот случај, каде е сопственик и на дигитална маркетинг агенција и Институт за дигитален маркетинг, најтешкиот дел е наоѓање доволно стручен кадар, бидејќи работат со клиенти од цел свет кои се многу понапредни од нас кога станува збор за дигитално работење.

Навраќајќи се на почетокот на создавањето на Рептил маркети пред 25 години, сопственичката на ланецот супермаркети Даница Личанин Блажеска истакна дека во овие долги години работа компанијата се соочила со секакви предизвици, од тоа како да се обезбедат средства за развој, до постигнување одреден степен на напредок и конципирање на патот напред.

„Не сме претприемачи ако предизвиците не не` тераат да одиме еден чекор напред. Никогаш не било лесно, особено на почетокот кога немаше интернет и достапност на информации. Тогаш беше голем предизвик да се отвори приватен бизнис, но со упорност успеавме да опстанеме 25 години и да бележиме континуиран раст. Во 2015 ја отворивме електронската продавница рептил.мк, следејќи ги трендовите на пазарот, а пресудна беше потребата од добра онлајн продавница што ќе замени супермаркет. Голем предизвик беа да се договорат испораките, да се стават сите производи на веб страницата и се` да е функционално, но сега сите сфаќаат дека е благодет да се пазари од дома. Затоа сакам да порачам дека не треба да се плашите, туку само да одлучите и да отворите е-продавница,“ ги охрабри присутните Даница.

Александра Евтимова, сопственик на www.mitra.mk истакна дека нормално е како претприемачи да се прават грешки, но дека тие чекори не` учат подоцна како да планираме, како да реагираме и да се координираме подобро. Според неа, најважен дел од започнувањето сопствен бизнис и неговото развивање е тимот што го имате околу себе.

„Најважен е тимот, без него не можете ништо да постигнете. Имав идеја дека треба да создадам кул продавница, со автентичен изглед и продажна платформа што ќе се разликува од другите. Не беше лесно да се реализира идејата, затоа е потребен тим од програмери, дизајнери, дигитален маркетинг тим, финансии, сметководство, правници итн. Но желбата и пасијата се исто така важни, бидејќи треба да направиме се` за да си го оствариме сонот инаку ќе бидеме несреќни. Трпението и времето се исто така важни, фокус на работата и брзото носење одлуки,“ истакна Александра.

Билјана Божиновска, сопственик на Анифарм, зборуваше за нејзината одлука да ја напушти работата во Зегин каде работела како шеф на аптека 10 години и за нејзината одлучност и смелост со уште една колешка да отворат нивна аптека, која сега после 11 години работа брои 13 вработени. Таа исто така ги откри и нивните планови за иден раст на бизнисот со вложување во дигиталниот маркетинг.

„Најголем предизвик според мене е носењето одлука дали сме решени да тргнеме по патот, но никогаш не е ништо тешко ако се работи она што се сака. Треба да сме свесни дека треба да се прилагодиме на новонастанатите услови, дека без дигиталните медиуми, нашата е-продавница немаше да има нарачки. Колку и да е добро организирана вашата веб страница, потребна е поддршка во делот на дигиталниот маркетинг, инаку никој нема да знае што продавате. Имаме нов проект, вложивме во јутјуб маркетинг па сега ќе изработуваме кратки видео инсерти со совети и насоки како да се препознаат првите симптоми на одредено заболување, предадени од стручни лица,“ посочи Билјана.

Раст на нарачки во време на криза

Сите панелистки се сложија дека кризата им донела нови муштерии, но дека вложуваат многу труд во промоција на нивниот бренд и обезбедување реален квалитет за нивните клиенти.

„Во време на корона, видовме како од пет до десет нарачки на ден, стигнавме до педесет и повеќе. Тоа претставува вистински забрзан раст за нас,“ сподели Александра Евтимова.

Според Билјана Божиновска, кризата и потребата да се купуваат суплементи, витамини и лекарства што го подобруваат имунитетот го направиле своето, па така, Анифарм во 24 часа имале и 20 нарачки, што за нив претставува релативно добар промет.

„За да го развиете онлајн бизнисот треба да имате добра поддршка од лицата кои работат дигитален маркетинг, да имате добро обработени, спонзорирани постови,“ додаде таа.

„Предизвиците се можеби финансиски, но сега немаме ограничување во поглед на физичката локација, можеби се соочувате со пречки од технички аспект, но важно е да учите во од, барем таква е нашата сфера, секој ден има нешто ново. Но, сите вреди да пробаат бидејќи финансиите некогаш не се пресудни, туку стравот може да преовлада,“ заклучи Теодора.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Како да бидете лидер кој вработените го почитуваат

Само што сте го вработиле совршениот работник. Неговата или нејзината целокупна деловна моќ е голема колку и неговото или нејзиното функционално знаење....
- Advertisment -