Професионалните Дедо Мразовци се прилагодуваат на Божиќ онлајн

Без разлика дали признаваме или не, повеќето од нас носеле долен дел пижами или тренерки на барем еден онлајн повик, и излегува дека и Дедо Мраз не е исклучок од ова правило. Во последните две години, 53-годишниот Мичел Скот работи како професионален Дедо Мраз, а во неговите услуги спаѓаат домашни посети и поминато време во макета на пештерата во која бил роден Исус. Оваа година, неговиот бизнис се дигитализира. Од септември, Скот има по два повика на Zoom дневно во неговиот костим на Дедо Мраз кој чини неверојатни 2000 фунти. „Понекогаш можете да мамите и да го облечете само горниот дел од костимот,“ изјавува тој за британскиот бизнис портал Wired.

Искрена посветеност

Кариерата на Скот како Дедо Мраз започнала кога го однел тогаш неговиот четиригодишен внук да види една таква пештера. „Тој беше најлошиот Дедо Мраз што сум го видел некогаш,“ се сеќава Скот. „Неговото одело буквално беше провидно, смрдеше на алкохол, и носеше црни пластични поклопци на неговите чевли“. Скот, кој веќе имал кариера во забавната индустрија и кој во моментот беше решил да ја пушти белата брада, одлучил тој да ја сработи работата на правилниот начин. Во нормална година, жителот на Норфлок одржува годишна претстава во таква пештера на локална фарма, работи тезги во фирми, и посетува домови за стари лица и деца во крајна фаза на болест. Но оваа не е нормална година.

Никој точно не знае колку Дедо Мразовци има во Велика Британија. Вообичаено, во овој период од годината, можете да ги видите во стоковни куќи, молови и градини, но коронавирусот ги запре сите овие активности. Како Дедо Мразовците во Британија се справуваат со Ковид-19, и како точно трговските центри се сигурни дека Дедо Мраз ќе остане на социјална дистанца?

Скот веќе три месеци работи онлајн, и има искусено неколку технички тешкотии (една бабичка заборавила да ги уклучи звучниците). Во рана есен, тој стана член на Фејсбук група за луѓе кои се исклучени од владината програма за финансиска поддршка и напиша пост за неговите економски проблеми. „Луѓето реагираа во стилот на: Не! Не! Не ми се верува! Дедо Мраз не може да биде невработен!,“ споделува Скот. По една бура на идеи, групата му предложила на Скот да почне да работи преку видео повици. Клиентите можат да бираат од повици кои траат меѓу 5 и 15 минути по цена од 10 фунти. Родителите дури и одговараат прашалник во врска со нивното дете со цел да го подобрат личното искуство.

Во текот на една недела во септември, Скот ја екипира неговата домашна канцеларија со потребните реквизити. Еден ѕид сега е покриен со божиќни слики и украси, а еден со електрични светла што личат на свеќи. Скот обоил една столица со златен лист, за да изгледа како таа на Дедо Мраз и закачил божиќни завеси на прозорецот. „Што се однесува до децата, кога сум на повик на Zoom, тие зборуваат со Дедо Мраз на Северниот Пол“.

Дедомразовски еснаф

Но Скот не е единствениот Дедо Мраз кој нуди ваков вид услуги. Во октомври, актерот Џејмс Бартлет го промовира сајтот Santascallingyou.co.uk, каде Дедо Мразовците и Баба Мразиците, и нивните работници – џуџињата во Британија се ангажирани како платени хонорарни работници. Бартлет соработува со 50 внимателно одбрани актери, а секој од нив има право да бира колку Zoom повици ќе направи во текот на денот. Поголемиот дел од нив имаат претходно искуство во улогата но им требало нов начин на заработка откако трговските центри во целата земја ја напуштија идејата да поставуваат џиновски макети на пештери, што пак е во согласност со насоките на владата да се почитуваат мерките за спречување на ширењето на Ковид-19.

Бартлет вели дека реакциите на клиентите по објавувањето на сајтот е за восхит и гледа потенцијал во неговиот бизнис дека ќе опстои и по отстранувањето на карантините и престанокот на важност на правилото за социјална дистанца. „Станува збор за различно искуство – не треба да чекате на ладно за да го видите Дедо Мраз,“ вели 32-годишниот актер, и додава дека едно дете добива 8 до 10 минути со Дедо Мраз за време на повик кој чини 24,99 фунти, но многу деца влегуваат и излегуваат од виртуелната пештера по неколку минути. „Мислам дека во поглед на тоа каде е светот сега и правецот по кој се движи технологијата, ова е искуство што ќе биде популарно и во годините што ќе следат“.

Секој од актерите на Бартлет добива двочасовна обука за користење Zoom, што е многу важно бидејќи требале да научат да ги сменат корисничките имиња за повикот секогаш да вели дека Дедо Мраз се јавува. Повеќето актери веќе имале нивни сопствени костими, а Бартлет се осигурал дека брадите се стандард. За разлика од Скот, актерите користат виртуелни позадини наместо да создаваат вистински сетови.

Но бизнисот на Бартлет има неочекувана конкуренција: основачот на Wikipedia, Џими Вејлс, ја промовира компанија Штабот на Дедо Мраз во ноември, која нуди услуги за видео повици што им овозможуваат на децата да се поврзаат со Дедо Мраз. Ако барате на интернет “Zoom Santa”, ќе видите дека има голем број опции.

Тешко се наоѓа квалитетна услуга

Човекот позади „Познатиот Дедо Мраз“, дефинитивно најдобро поврзаниот Дедо Мраз во Велика Британија, кој се појавува на позната телевизиска емисија секоја година и редовно ги посетува домовите на познатите личности, не секогаш ги одобрува ваквите услуги. „Гледам на Фејсбук, само се појавуваат голем број компании кои велат: Дедо Мраз ова, Дедо Мраз она; па одиш на нивниот вебсајт каде има генерички слики од Дедо Мраз па не знаеш точно како тој ќе изгледа,“ вели тој, и додава дека многу компании нудат Дедо Мразовци во позајмени костими, додека неговиот е автентичен и чини над 2500 фунти. „Луѓето го прават тоа само за брзо да заработат пари… Тоа е навреда за децата“.

Како и неговите конкуренти, Познатиот Дедо Мраз сега нуди видео повици во живо и исто така продава лични претходно снимени видеа. Тој има помалку од 50 години и вели дека за жал, многу постари професионални Дедо Мразовци немаат волја технички да се подготват за работа оваа година. Во моментов тој снима 5000 детски имиња што ќе бидат „залепени“ на претходно снименото видео. Родителите можат да нарачаат видео онлајн и да го одберат името на нивните деца од понуденото мени. „Во одредени моменти кога се спомнуваат имињата, не ја гледате устата на Дедо Мраз, така што сцената се доживува природно,“ објаснува тој. Од овој месец, Познатиот Дедо Мраз исто така ќе работи преку Zoom каде ќе има три повици во еден час во текот на 12 часа. „Работата е што не сакам да ги разочарам луѓето“.

Познатиот Дедо Мраз ја игра оваа улога веќе 10 години и има доволно искуство да коментира за разликата помеѓу виртуелните и реалните средби. „Малку разочарува бидејќи не можете да ја достигнете интеракцијата еден-на-еден,“ вели тој. „Ако сретнете некој во живо, тоа само додава магија на целото искуство,“ вели Скот, додавајќи дека „најлошото нешто е непознатото“.

„Кога мама и тато се во пештерата или јас сум на домашна посета, тогаш тие се склони малку да го водат детето, додека пак на повик на Zoom тие можат да кажат се` што сакаат,“ објаснува тој. „Едно момче минатата недела ми кажа дека има вознемирено меше, и ми раскажа дека имало дијареа и се`, а јас ги слушам баба и дедо како му велат: псст, нема потреба Дедо Мраз да го знае тоа“.

Познатиот Дедо Мраз исто така се жали дека „децата поминуваат многу време зјапајќи во монитори и онака и дека е штета што мора да го прават истото за да зборуваат со Дедо Мраз. Но некои бизниси се` уште нудат вистински пештери. Во САД, Братскиот ред на Дедо Мразовци со вистински бради јавно го истакна својот став дека Дедо Мразовците треба да бидат меѓу првите кои ќе ја добијат вакцината против коронавирус. Скот сепак ќе ја игра улогата на Дедо Мраз во неговата пештера поставена на локалната фарма, но ќе се придржува до сигурносните мерки: „Влегуваат и излегуваат низ различни врати и поминуваат на четири метри оддалеченост од мене а јас сум позади преграда од плексиглас“. Скот исто така нуди домашни посети и посети во градина но тоа ќе го прави само еден ден, ќе ги дезинфицира неговиот автомобил и костим пред и по посетите, ќе ги замоли децата да се држат на растојание од 2 метри, и ќе носи заштитен визир (а секако, Дедо Мраз и онака носи ракавици). Некои трговски центри имплементираат слични мерки, како центарот Трафорд во Манчестер.

За професионалните Дедо Мразовци, оваа ќе биде уникатна година. Тие не се подготвени да ги остават децата кои едвај чекаат да ги видат. „Не мислам дека луѓето сфаќаат колку голема одговорност е да бидеш Дедо Мраз,“ дополнува Познатиот Дедо Мраз. „И јас не го сфаќав тоа се` додека не почнав да го правам“.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

- Advertisment -