Менаџерски трикови и совети во рамки на ЦЕЕД Клуб на жени претприемачи и менаџери

Што го разликува успешниот менаџер од просечниот раководител? Во колкава мера ја почитуваме и цениме сопствената професија и зошто е тоа важно? Дали го поседуваме вистинскиот став кон професијата од која заработуваме за живот, т.е. дали погледот ни е вперен во иднината и како најдобро да ги искористиме вештините што ги поседуваме, или пак се осврнуваме кон минатото и жалиме зошто не работиме по струка?

Овие и серија други прашања беа дискутирани вчера на интерактивниот месечен состанок Management Tips and Tricks, во организација на ЦЕЕД Хаб Скопје, што редовно се одржува во рамки на Проектот за подобрување на вештините на жените претприемачи и менаџери, поддржан од американската амбасада.

Менаџерски трикови

Членките на ЦЕЕД Клуб на жени претприемачи и менаџери имаат можност да дознаат како практично да ги применат во сопствените компании советите и триковите на менаџментот, пренесени од страна на Јован Маџовски, директор на фондацијата ЦЕЕД Македонија, еден од најистакнатите експерти кај нас во областа на проектниот менаџмент, управувањето со човечки ресурси и зголемувањето на ефикасноста на работењето, со повеќе од 20 години искуство во приватниот сектор.

Тој истакна дека членството во ваков клуб овозможува незаменливо искуство и претставува еден од најефикасните начини за стекнување нови знаења, бидејќи не се учат сувопарни податоци како што би било случај во процесот на формалното образование, туку се учи од професионалци во бизнисот кои веќе го поминале тешкиот дел од патот на основање и управување со сопствен бизнис.

„Би сакал да ви препорачам максимално да го искористите времето што го поминувате со оваа група, бидејќи моќта на дејствувањето и учењето лежи во групата. Важно е да знаете на каква група припаѓате, а клубот за претприемачи на ЦЕЕД е таква група која ќе ви овозможи да го растете бизнисот и да ги продлабочите вашите лични знаења и вештини,“ им порача Маџовски на присутните.

Тој исто така посочи дека за растот на една компанија многу е важно и луѓето кои работат во неа да имаат можност да растат и да се развиваат, да учат нови работи, да ги пратат трендовите на пазарот и да имаат почит кон она што го работат.

„Претприемачкиот начин на размислување подразбира дека сте постојано подготвени да учите нови работи. Но тој начин на размислување треба да се примени и на вашите вработени. Денес е лесно да се стекнуваат нови знаења, не мора да се запишете на економски факултет на Харвард за да учите менаџмент од најдобрите кога можете да ги најдете книгите на најдобрите професори онлајн. Затоа учете постојано, додека ги завршувате домашните обврски слушајте подкаст за менаџмент, читајте ги книгите што сте ги набавиле а се` уште не сте ги прочитале, посетувајте вебинари, работилници, најдете соодветен ментор, членувајте во соодветни групи и ќе видите дека успехот е неизбежен,“ заклучи Маџовски.

Фокус на Проектот за подобрување на вештините на жените претприемачи и менаџери

Целта на Проектот за подобрување на вештините на жените претприемачи и менаџери е да обезбеди конкретна, реална и постојана помош за жените во бизнисот, преку разни тренинзи и обуки, учење од колеги, примена на креативно размислување и во поглед на работењето на компанијата, и како надградба на сопствените менаџерски вештини.

Новина во спроведувањето на овој проект е и создавањето на локални ограноци во четири различни региони надвор од Скопје. Овие ограноци ќе се креираат преку одржување разни настани за вмрежување и координација. Покрај, месечните средби за поддршка на жените претприемачи со фокус на одредени актуелни теми, се работи и на подигање на свеста за важноста на женското претприемништво во целокупната економија, и на обезбедување конкретна, реална и постојана помош за жените претприемачи и менаџери.

Проектот се фокусира на креирање специјална програма за градење на капацитетите на жените претприемачи, дизајнирана во согласност со потребите на претпријатијата во сопственост на или кои се раководени од жени.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Како да се истакнувате од конкурентите: креативни маркетинг алатки за вашиот...

Создавањето и растењето бренд што се истакнува од другите е полесно отколку што можете да си замислите. Но, тоа бара подготовки за...
- Advertisment -