Анализа: стартапите во Европа ќе отворат најмногу работни места по пандемијата

Бројот на вработени лица во технолошки стартап компании во Европа порасна за 43% во последните четири години, со тоа што секторот стана најбрзо растечки и најотпорен мотор за создавање работни места во целиот континент, вели извештајот што е дел од истражувањето на Европскиот стартап проект (European Startups project).

Истражувањето беше подготвено за самитот Not Optional, настан што ги поврзува водечките основачи на технолошки компании во Европа, инвеститорите, законодавачите и операторите, и е во организација на Index Ventures и Slush.

Инвестициите во стартап компании треба да се стратешки приоритет на Европа

Податоците го истакнуваат начинот на кој една генерација успешни основачи на технолошки стартап фирми во Европа помага во обезбедувањето рекордно високи финансиски средства и им овозможува на технолошките компании да креираат нови работни места и покрај пандемијата на Ковид-19, што предизвикува остар пораст на степенот на невработеност во поширокиот деловен пејзаж.

Бидејќи 2 милиони луѓе работат во технолошки стартап компании во Европа, проектот предвидува дека околу 3,2 милиони луѓе ќе бидат вработени во овие фирми до 2025 година. Тоа значи раст за 10% од година во година, а се очекува да се прошират индустриските гранки како е-трговијата, здравствената технологија, финансиската технологија и прехранбените вертикали.

Европските инвеститори на ризичен капитал се на пат да го продолжат неверојатниот рекорден тренд што трае од 2015 година, и се претпоставува дека тие ќе успеат да соберат вкупно 13 милијарди евра до крајот на оваа година.

Секогаш се потребни повеќе средства

Но, податоците на извештајот исто така покажуваат дека европските стартап компании имаат потреба од најмалку три пати повеќе капитал од оној што бил собран во последните неколку години од инвеститорите на ризичен капитал, што значи дека тие се поддржани од странски инвеститори. Европските компании имаат за цел да соберат вкупно 35 милијарди евра капитал до крајот на годината.  

Бидејќи се предвидува европските технолошки компании да растат во големина во следната деценија, празнината во финансиите помеѓу она што им е потребно на стартапите да го добијат како капитал и она што е достапно во Европа станува се` поочигледна.

„Немам никаков сомнеж дека Европејците ќе ги изградат некои од технолошките гиганти во иднина. Но мораме да направиме повеќе напори за да ја искористиме енергијата и креативноста на претприемачите, инвеститорите и законодавачите и да се осигураме дека сите тие работат заедно со цел да растат во европската иднина фокусирана на технологијата,“ вели Нил Ример, ко-основач на Index Ventures.

„Европа ќе има корист од иновацијата, растот и работните места што овој потфат ќе ги донесе, но само ако поддршката на стартап компаниите ја направи стратешки приоритет во целиот континент, што е клучно, не е работа на избор“.

Европа има шанса да биде претприемачки континент

Во продолжение се десетте најважни заклучоци на истражувањето.

Од 2005 година, Европа создаде 205 „еднорог“ компании (приватни компании чија вредност е над 1 милијарда долари), со основачи и првични вработени од некои од најголемите фирми во Европа, како што се Skype, Spotify, Lovefilm и Klarna, што овозможија да се создаде следната генерација старап компании, компании со брз раст и компании еднорози. Трендот искусните основачи да инвестираат како ангели во следната генерација технолошки компании, како и зрелиот технолошки екосистем, помага Европа да се етаблира како претприемачки континент, каде стартап компаниите се главниот мотор на создавање нови работни места.

Дури 73% од работните места во технолошката индустрија се создадени од нешто повеќе од 4900 стартап компании.

Во просек, секоја европска стартап компанија вработува 17 лица.

Младите компании создаваат работни места со стапка од 10% од година во година, и предничат пред компаниите од градежната индустрија, недвижниот имот, како и пред секторите информација и комуникација.

Десетте водечки технолошки компании создаваат 77% од вредноста на секторот, но вработуваат само 45% од лицата кои работат во индустријата. Помладите компании, особено стартап компаниите, овозможуваат речиси три четвртини порастот во вработеноста (73%).

И покрај рекордните суми капитал што се собира во Европа, компаниите се` уште зависат од странски извори на капитал, особено кога растат во обем. Како што инвестициските рунди опфаќаат се` повисоки финансиски средства, поголемиот дел од инвестициите најчесто доаѓаат од инвеститори надвор од Европа. На пример, во 2019 година, европските инвеститори на ризичен капитал подигнаа 13 милијарди евра, но 38 милијарди евра беа инвестирани во европските стартап фирми, а разликата во финансирањето беше покриена од страна на странски инвеститори.

Според истражувањето, 39% од средствата што се инвестираат во европските стартап компании доаѓаат од остатокот од светот. За инвеститорски рунди каде финансии надминуваат 100 милини долари, овој сооднос доаѓа до 60%.

Во светски рамки, 38% од капиталот што се инвестира во рана фаза се вложува во европски стартап компании.

Но, компаниите на кои им е потребен капитал да скалираат во компании од Серија Б и серија В, заземаат само 21%, односно 14%,  од глобалните средства. Ова е можност за европските инвеститори на ризичен капитал, но и поадотк кој исто така истакнува колку повеќе капитал им е потребен во подоцна фаза на европските технолошки компании, доколку сакаат да растат со иста стапка како и претпријатијата во САД.

Се` на се`, вредноста на десетте најразвиени технолошки компании во Европа скокна од 123 милијарди евра во јануари 2020 година, на 215 милијарди евра во октомври истата година.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Парадоксот на обучувањето

На врвот на кој било вид потфат, ќе откриете дека најефикасните луѓе имаат обучувачи (коуч), пишува Сет Годин, еден од најизвиканите автори...
- Advertisment -