Јакнење на капацитетите за поголема искористеност на средствата од инструментот ИПА

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, оствари средба со евроамбасадорот Самуел Жбогар и тимот од делегацијата на Европска Унија во Република Северна Македонија.

Евроамбасадорот Жбогар на министерот Бесими му го честиташе изборот за министер за финансии и му посака успех во работата.

Министерот Бесими му се заблагодари за досегашната поддршка и неговиот особен придонес во процесите кон евроатланскиот пат на земјата и му посака успех во неговите идни професионални ангажмани.

ЕУ поддршка во висина од 50 милиони евра

На средбата се разговараше за поддршката која ЕУ ја даде во изминатиот период во услови на пандемијата со Ковид-19, преку неколку инструменти кои Унијата ги стави на располагање на нашата земја, како што се Инструментот за социјална и економска отпорност во износ од 50 милиони евра. Се очекува до крај на месец септември да биде потпишана и Финансиската спогодба со што средствата ќе бидат ставени на располагање веднаш по потпишувањето.

Имено, 40 милиони евра ќе бидат директно насочени кон поддршка на приватниот сектор преку Развојната банка на Република Северна Македонија во форма на бескаматна кредитна линија, како и грант за поддршка на вработување на млади лица преку Агенцијата за вработување.

Исто така, дел од овие средства во износ од 10 милиони евра ќе бидат насочени за поддршка на здравствениот сектор и поддршка во процесот на приближување на земјата кон европските стандарди.

Обезбедени дополнителни 160 милиони евра

Воедно стана збор и за макрофинансиската поддршка од ЕУ во износ од 160 милиони евра за која Република Северна Македонија веќе ги има склучено потребните договори и испратено барање за повлекување на првата транша во износ од 80 милиони евра и која се очекува да пристигне до крајот на овој месец.

Министерот Бесими изрази задоволство од досегашната соработка која Министерството за финансии ја има со Делегацијата на ЕУ во Скопје, особено за поддршката во имплементацијата на Програмата за управување со јавните финансии за која ЕУ има одвоено 18,6 милиони евра и истата е во фаза на имплементација.

Воедно на средбата се зборуваше и за тековните проекти кои со помош на ЕУ се имплементираат во рамки на Министерството во насока на зајакнување на функциите за буџетско планирање, извршување и внатрешна контрола како и подобрување на наплатата на приходи и на даночната и царинска политика.

Евроамбасадорот Жбогар ја потенцира улогата на Министерството за финансии како клучна алка во системот за спроведување на ИПА проекти и посочи дека во иднина треба да се работи и на дополнително јакнење на капацитети во насока на поголема апсорпција на средствата од ИПА инструментот.

На средбата и двете страни ја потврдија јасната заложба на Република Северна Македонија за членство во Европската Унија.

Извор: biznisinfo.mk

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -