Сања Вељаноска: Сакав професија која ќе ми дозволи да се изразувам слободно

Запознајте ја Сања Вељаноска, млада, полетна и амбициозна девојка која по неколку години работа на дизајн на веб-страни и мобилни апликации својата креативност ја пренасочува кон изработка на свадбени покани, пригодни честитки, коверти и печатени материјали од различни видови. Ова ја поттикнува да се втурне во бизнис светот отворајќи сопствено креативно студио за графички дизајн-millow.mk.

Раскажете ни ја вашата приказна, како се роди идејата за вашиот бизнис millow.mk?

Millow е креативно студио за графички дизајн и изработка на свадбени покани и пригодни честитки. Идејата за основање дојде сосем спонтано, како резултат на потребата за нови професионални предизвици. По неколку години работа во ИТ секторот, како дизајнер на мобилни апликации и веб-страници, решив мојата желба за креативно изразување да ја насочам во нешто поинакво од она што го работев дотогаш. Целта ми беше да имам целосна креативна слобода и да создадам свои дела коишто ќе го отсликаат мојот сензибилитет, а воедно ќе имаат и практична примена. 

Приказната со Millow започна во Февруари 2017 година, кога ги создадовме нашите први пригодни честитки. Започнавме скромно со дизајнирање и изработка на првите роденденски честитки, честитки за свадби, новороденчиња, љубовни честитки и секако да не ги изоставиме празничните честитки. Набрзо решивме да ја прошириме нашата понуда, па така сосем природно почнавме да изработуваме и свадбени покани. Целта беше да создадеме пред се’ квалитетен дизајн кадешто секоја илустација е во совршена хармонија со текстот. Приказот на текстовите во нашите дизајни е подеднакво значаен како и самата илустрација. Поради тоа, ни беше особено важно да понудиме солиден избор на современи кирилични фонтови, бидејќи сметаме дека ова е нешто што недостасува како понуда на пазарот во моментот. Почнавме со понуда од дваесетина различни дизајни, но таа бројка постепено растеше, бидејќи ги следиме трендовите и потребите на нашите клиенти.

Што е она по што вашите свадбени покани се издвојуваат од останатите?

Нашите дизајни се единствени по тоа што посветуваме особено внимание на деталите. За самиот дизајн користиме прекрасни цветни илустрации или пак минималистички декоративни рамки надополнети со елегантни текстуални исписи. Особено сме горди на големиот избор на современи ракописни фонтови коишто ги нудиме на нашите клиенти. Повеќето од нив ги креираме сами и се кирилична адаптација на веќе постоечки латинични фонтови.

Во делот на изработката, би ги издвоила и нашите коверти, коишто ги изработуваме исклучиво за нашите свадбени покани. Секогаш настојуваме да понудиме нешто ново и свежо, па затоа изборот на бои и хартија за ковертите ни е особено важен, исто како и изборот на хартијата на која се печати самата покана. Во моментот поканите ги печатиме на неколку видови на хартија, меѓу кои и хартија од памук, којашто се изработува од рециклиран памук од модната индустрија. И за крај би ги издвоила додатоците како што се полупроѕирните обвивки, внатрешните облоги на ковертите и секако, восочните жигови коишто даваат простор за многу повеќе комбинации.

Дали покрај честитките и печатените свадбени покани, изработувате и дигитални свадбени покани или пак некои други печатени материјали?

Во моментот, поголемиот дел од нашата работа се состои во дизајн и изработка на свадбени материјали. Тука, покрај печатените свадбени покани, секако се вклучени и дигиталните покани, свадбените знаци за добредојде, менија, броеви за маси, картички за благодарност, распореди на седење на гостите и сл.

Исто така изработуваме и покани за родендени, крштевки, корпоративни настани и секаков вид на прослави.

За повеќе детали посетете ја нашата веб-страница https://millow.mk/ или пак следете не на Фејсбук и Инстаграм!

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -