Прекумерното користење социјални медиуми може да биде штетно, но не e зависност

Ако дневно поминувате часови на вашиот телефон проверувајќи ги социјалните медиуми, тогаш нема ништо невообичаено во вашето однесување. Просечниот корисник на интернет поминува два часа дневно на различни социјални медиуми. Но, дали вашата навика да проверувате што се случува на Facebook, Instagram, Twitter и TikTok на секои неколку часа ве прави „зависник“ од социјални медиуми?

Терминот „зависност од социјални медиуми“ се` повеќе се користи да опише луѓе кои поминуваат многу време на овие сајтови и апликации. Таквата навика може да биде штетна за луѓето на различни начини – да предизвика недостаток на самодоверба, лош сон и да го зголеми стресот, наведуваат Бев Џон, професор за зависност и здравствена психологија при Универзитетот во Јужен Велс, и Мартин Граф, виш предавач од областа на психологијата на односите од истиот универзитет.

Главниот фокус кога станува збор за зависност од супстанции се сведува на три клучни елементи: компулсивност (или губиток на контрола), толеранција (потребата да се зголеми количината за да се постигне истиот ефект) и одвикнување (непријатните нуспојави кога престанува употребата). Други фактори што треба да се земат предвид се поврзани со копнеж, преокупација и постојана употреба и покрај причинувањето на очигледни проблеми. Лесно може да се види како овие фактори се применуваат во случајот на злоупотреба на дроги, но што станува со шопингот, коцкањето, и навистина, користењето на социјалните медиуми?

Зголемениот интерес во овие и други бихевиорални „зависности“, како што се играњето игри, сексот или присуството на интернет, резултира со проширени дефиниции за тоа што претставуваат зависностите. Психолозите зборуваат за прекумерен апетит и моќни мотивациски поттици што се поврзуваат со одредени однесувања што имаат сила да направат значителна ненамерна штета.

Како истражувачи на социјалните медиуми и зависноста, ги поминавме последните 25 години во обидот да ги разбереме различните видови зависност. Нашето истражување ни кажува дека зависноста од социјалните медиуми не е иста со зависноста од супстанци, како што се алкохол или дрога, посочуваат авторите.

Употребата на социјалните медиуми

Преголемо присуство на социјалните медиуми секако дека може да биде опасно. Една огромна карактеристика на социјалните медиуми е можноста корисниците да имаат чувство на контрола за тоа како се претставуваат пред други. Луѓето можат да го променат нивниот онлајн изглед и понекогаш да се претстават неточно, бидејќи бараат потврда или валидација од другите.

Ова може да предизвика секаков вид штета. Во едно истражување спроведено во 2019 год, откривме дека кога жени корисници гледаат во платформите околу час и половина на ден, оваа практика е поврзана со зголемена желба да бидат слаби, со зголемена свесност за тоа како мислат дека другите луѓе ги судат и со мотивацијата да вежбаат со цел да изгубат тежина.

Во 2016 год, ги испитувавме начините на кои луѓето бараат валидација на социјалните медиуми. Анализиравме колку често луѓето манипулираат со постовите за да го зголемат бројот на добиени „лајкови“, како ги користат социјалните медиуми за да го подобрат расположението или слепо споделуваат постови за прашања со кои не мора да значи дека се согласуваат.

Откривме дека кога овој вид онлајн однесување се зголемува, почитта кон себе се намалува. Но, нашите наоди не покажаа компулсивност да се користат социјалните медиуми, што е клучно во процесот на создавање зависност. Други социјални фактори, како што се страв да не се испушти нешто или нарцисоидни карактеристики на личноста, можат да ја поттикнат потребата да се користат социјални медиуми во нездрав степен.

Зависност од социјални медиуми

Во 2020 год, спроведовме истражување за штетното коцкање што може да помогне да се одговори прашањето дали зависноста од социјалните медиуми е реална.

Откривме дека брзиот технолошки развој во леснотијата и брзината на пристапот до апликации на телефон или таблет водат во зголемувањето на нивоата на штетното коцкање. Слични психолошки процеси може да се случуваат и на платформите на социјалните медиуми, каде потребата од валидација, копнеж и проверка на „лајкови“ е зголемена.

Бихевиоралните објаснувања за тоа како се развиваат зависноста ја истакнуваат моќта на засилувањето, или крепоста. Коцкарските производи често пати ја користат најмоќната форма на крепост: случајно исплаќање. Ова, повторно, можно е да е слично со начинот на кој корисниците добиваат валидација во форма на „лајкови“ на социјалните медиуми.

Има некои кои би можеле да приложат аргументи дека хроничната прекумерна употреба на социјалните медиуми може да се гледа како зависност, но во моментов не се препознава како таква навика од страна на Американската психијатриска асоцијација.

Постојат важни разлики помеѓу прекумерното користење на социјалните медиуми и субстанциите во поглед на зависноста. На пример, одвикнувањето од дрога или алкохол често пати е физички непријатно и понекогаш опасно ако нема обезбеден медицински надзор. Корисниците често пати патат поради тоа што се изложени на стигматизација, што може да биде пречка во потрагата по помош. За споредба, се` уште не е утврдено дали постојат ефекти од физичко одвикнување ако луѓето престанат да користат социјални медиуми.

Ставот дека употребата на социјалните медиуми е продолжување на можната штета може да овозможи поголем обем на соодветно таргетирани пораки што можат да спречат да се развијат проблеми на прво место.

Постојат јасни елементи во користењето на социјалните медиуми што можат да се поврзаат со одредена карактеризација на зависноста, како што се психолошките концепти за прекумерен апетит или моќни мотивации, и вградените механизми во платформите за поткрепа или охрабрување преку случајни потврди или „лајкови“. Исто така е јасно дека ова може да биде штетно и во поглед на негативното влијание врз почитта за себе и позитивната претстава за сопственото тело кај некои корисници.

Но, и покрај овие фактори, најкорисното прашање можеби би било како да создадеме здрава рамнотежа на интеракција во нашиот виртуелен и реален свет.

Вреди да се запомни дека бихевиоралните зависности, како и тие поврзани со злоупотребата на супстанци, често пати се појавуваат заедно со други проблеми поврзани со менталното здравје, како што е анксиозност или депресија, што предлага дека ранливоста може да има повеќе лица. Ова исто така може да биде точно и во случајот на прекумерното користење на социјалните медиуми.

Извор: The Conversation

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -