Оптовареноста со работата ме доведе до болница. Еве што научив за рамнотежата помеѓу приватниот и професионалниот живот

Кога работев во корпорација, присуствував и се смешкав на забави, но се чувствував ужасно. Се чувствував како се` да беше премногу. Ги преминав сите граници и мојот единствен избор беше да дадам отказ. Едвај и да зборував за тоа што се случуваше со мене освен кога требаше да се насменувам, без разлика колку тие чувства беа страшни, споделува Алис Мерон, поранешен партнер во сметководствената компанија Big Four, која сега работи како експерт обучувач во неуро-лингвистичко програмирање (Neuro Linguistic Programming).

Наутро ќе се разбудев исцрпена, се плашев од она што ќе ми го донесеше денот, и веќе под стрес, списокот со задолженија ми ги голташе мислите. Бев пренатрупана со професионални обврски и лични мисли, ми недостасуваше мотивација и концентрација, чувствував празнина во однос за грижата за мојата работа, и имав негативни чувства за задачите што требаше да ги извршам. Поголемиот дел од денот го поминував во извршување задачи и воопшто немав интерес да дознаам зошто се чувствувам толку исцрпено. Изгубив интерес за повеќето работи што ми беа важни во животот, се повлеков и смислував изговори бидејќи ми беше срам да кажам дека немам енергија да станам од кревет. Дополнително, губев трпение, се чувствував исфрустрирана, бев песимистична, виновна, лута и лесно раздразлива. Сакав да плачам (и често плачев) од самата помисла дека треба да се вратам на работа. Бев преморена, физички слаба и мојот имун систем потклекна.

Животот е прекраток за да се помине со вакви чувства ако често доаѓаат.

Со тек на време и телото почна да испраќа сигнали. Моите болести беа физичка манифестација на мислите и борбите со кои се соочував. За среќа, на време отидов во болница. Докторот ме советуваше да престанам со работа, да правам почести паузи и да го променам животниот стил. Но не го послушав, па дури и кога нареди да направам скен на мозокот, јас морав да завршам работа. Во мојот ум не стануваше збор за престанок.

Кога пристигнаа резултатите, настапи следната фаза од мојот живот. Докторот ми кажа дека нивото на стрес што го искусувам во толку долг период било толку екстремно што физички сум ги оштетила ткивата на телото. Поради нивото на стрес хормонот кортизол кој толку долго се лачел во моето тело, моите органи и мускули беа значително ослабнати.

Докторот ми постави ултиматум: „Или промени го животниот стил или ќе ги захефтам твоите органи за градниот кош за да бидат на место. Ткивата во твоето тело слабеат со таква брзина што значи дека ќе треба да правам операција што вообичаено ја препорачувам на 80-годишни. Но кога 80-годишните подлегнуваат на таа операција, тие не треба да живеат уште педесетина година со захефтани органи“.

Дадов отказ.

Лесно е да се изгубите во работата кога живеете во култура што вреднува успех, постигнувања и продуктивност. И вие можеби го чувствувате притисокот да се трудите повеќе и побрзо, но секој има граница. Ако нашето внимание не е во толкава мера посветено на работата, роковите и животот дома, ќе реагираме на ваквите симптоми на поздрав начин. Прегореноста од работа е сигнал дека ви треба итна промена. Очигледно она што во моментот го правите не функционира за вас.

Јас ја доживеав таа прегореност до екстремно ниво, продолжува Мерон. Мислев дека ќе бидам сфатена како слабак од страна на моите колеги кои се чинеше дека добро се снаоѓаат. Стигмата во врска со прегореноста од работата ме доведе до тоа да се споредувам себеси со другите и да ја третирам самата појава како слабост. Но сите имам различни проблеми со кои приватно се справуваме, вклучувајќи го и воспитувањето, дефинициите за успех, границите, мотивациите, очекувањата од самите себе, итн.

Ако вашата сегашна работа ве води во очај, престанете да верувате дека работењето нон стоп ве прави попродуктивни и дека можете да сработите повеќе.

Ако вашиот социјален живот се уништува бидејќи работата зафаќа поголем дел од вашето време, испишете ново сценарио за тоа колку многу сте желни да жртвувате од вашето драгоцено време за оваа работа.

Имаме физички реакции на одредени ситуации со причина, така што кога ќе настапи прегореноста од работата помислете: зошто моето тело ми ги испраќа овие пораки за исцрпеност, умор, празнина…? И преземете дејствија за да го промените наративот.

Сменете ги прашањата што си ги поставувате

Наместо: Што правам со животот?, запрашајте се: што можам да направам секој ден за да се чувствувам исполнето?

Направете список од нештата што ве расположуваат. Прегледајте го списокот и поставете си за цел секој ден да направите едно од нештата на вашиот список што ве расположува. Направете план да ги инкорпорирате нештата што ги сакате во вашата кариера кога е можно. Консултирајте се со обучувач или терапевт ако тоа ви помага да ги насочите одлуките за насоката на вашата кариера.

Наместо да се прашувате зошто вашата работа е толку одвратна, запрашајте се што треба едно работно место да содржи за да уживате во таа работа.

Идентификувајте ги релевантните аспекти со тоа што ќе се запрашате што е тоа што би ве натерало да го напуштите тоа работно место.

Наместо да се чувствувате толку „исцедено“, уморно и исцрпено, запрашајте се што тие симптоми се обидуваат да ви кажат. Преработена сум, дали треба да ги сменам работните часови, работното место, распоредот?

Посегнете по помош. Не останувајте на тоа место на кое треба да се борите повеќе од што е потребно за да ја научите лекцијата дека нешто треба да се промени.

Наместо да размислувате зошто не сте доволно добри на таа позиција, запрашајте се како можете да извлечете максимум од ова искуство.

Запишете ги оние искуства што ќе ви обезбедат највисока вредност. Размислете за вашите вештини, постигнувања и интереси за да одредите која улога најмногу ви одговара. Консултирајте се со обучувач доколку ви треба поддршка во креирањето на следните чекори на здрав начин.

Наместо да се прашувате зошто работните часови ви изгледаат како да немаат крај, размислете како можете да ги намалите тие часови а истовремено да бидете продуктивни. Со други зборови, како можете да ја промените средината и организацијата за да ги подобрите работните часови.

Идентификувајте време од денот кога сте најмногу продуктивни. Отстранете ги сите преостанати обврски за време на продуктивните часови за да ја завршите работата. Одвојте време во вашиот календар за да можете да имате одреден период во кој ќе работите посветено и со полна концентрација.

Размислете за средината во која работите. Дали звукот на известувањата на вашиот телефон е прегласен, дали постојано го проверувате мејлот или дали ви е вратата постојано отворена? Дали ваквите прекини во вниманието ви помагаат или ве тераат да работите подолго?

Посветете им внимание на прашањата што си ги поставувате и на она што самите го квалификувате како „нормално“.

Запомнете дека не станува збор само за корпоративен проблем. Особено е важно да се препознае прегореноста од работа и сега кога работите од дома за време на пандемијата на Ковид-19. Кога ќе ги споите домашниот и професионалниот живот со тие дополнителни фактори што ви го одвлекуваат вниманието, лесно е да ги занемарите симптомите.

Со следење на вашите симптоми и преземање дејствија што порано, не само што ќе го олесните притисокот врз самите себе, туку и можете да ја превртите ситуацијата и да почнете да уживате во секојдневниот живот.

Има светлина на другата страна од прегореноста од работа и нејзината улога е да истакне што не е добро за вас и да ве упати кон животниот стил што подобро ви служи.

Извор: Fast Company

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -