Од патувачки дружини до приватни авиони, богатите се решени да одат на одмор ова лето

Милиони Американци ги променија плановите за патување во екот на пандемијата – некои одлучија да одат на екскурзии ова лето, а другите пак ги одложуваат посакуваните патувања со авион или брод за следната година, па дури и по неа.

Но една одредена демографска категорија – богатите туристи – се чини дека се пооптимистични во екот светската криза, и прават планови и не ги откажуваат резервациите што ги направиле пред почетокот на ширењето на коронавирусот. Експерти од индустријата ја гледаат оваа отпорност кај луксузните патници како охрабрувачки знак дека опоравувањето на овој секторот ќе се случи за брзо време. Сепак, начинот на кој патуваат богатите исто така еволуира, пишува CNBC.

„Богатите патници имаат обичај да бидат малку покомотни со сценариото кое претполага да почекаат па да видат што ќе се случи,“ вели Мисти Белс, директор во Виртуозо, глобална мрежа од 1100 туристички агенции и повеќе од 22000 советници специјализирани во луксузни и искусени патувања.

„Бидејќи тие имаат големо патувачко искуство и тоа е вкоренет дел од нивниот животен стил, нашите клиенти навистина припаѓаат на групата луѓе кои ќе седат и чекаат, особено ако тоа не повлекува некаква финансиска казна.“

Јон Груцнер, претседател на Insight Vacations and Luxury Gold со седиште во Калифорнија, вели дека го слушнал извршниот директор на Виртуозо, Матју Апчрч како ги нарекува советниците за луксузни патувања „канаринци во рудникот за јаглен“, во поглед на опоравувањето на туристичката индустрија. „Гледаме дека тоа навистина е така,“ вели тој. „Нивните клиенти се првите гости што ќе се вратат и ќе се почувствуваат удобно со патувањето.“

Белс вели дека агенцијата Виртуозо спровела анкета помеѓу богатите патници и открила дека 39% од учесниците се спремни да патуваат во рок од три месеци, додека 66% од испитаниците се изјасниле дека се подготвени веднаш да скокнат во авион.

Во однос на овој дел, Груцнер вели дека компанијата во која тој работи, во моментов се радува на 80% зачувани резервации од клиентите.

Ова значи дека 8 од секои 10 клиенти или ги чуваат резервациите такви какви што првично ги направиле, или ги презакажуваат за некој подоцнежен датум или пак земаат идни патни кредити, наместо да откажуваат или бараат поврат на платените средства. Двете туристички компании сепак планираат да организираат божиќни патувања во Европа, вели Груцнер. „Тоа е добар знак за нас и за можноста за патување, патниците се чувствуваат удобно кога станува збор за чување на резервациите,“ дополнува тој.

Додека оваа година беше во голема мера неуспешна за Insight and Luxury Gold, резервациите за 2021 год изгледаат прилично добро. „Дефинитивно го надминува она што го правевме минатите години,“ вели Груцнер. „Луѓето се враќаат и почнуваме да го гледаме светлото на крајот од тунелот.“

Потчинетата побарувачка кај луксузните клиенти ги тера да прават резервации за првите три квартали следната година, па дури и за 2022 год, додава тој, и покрај скорашното покачување на цените за 12%.

Во меѓувреме, сертифицираниот патнички советник Ен Сули, претседателка на McCabe World Travel во Меклин, Вирџинија, вели дека нејзината агенција резервирала прилично солидни 1,6 милиони долари вредни патувања во месец јуни. Вообичаено, агенцијата прави резервации во вредност од 60 милиони долари годишно.

Каде се упатуваат?

Лицата кои сакаат да одат на одмор а кои живеат во САД резервираат на места каде стапката на инфекции од коронавирус е постојана или таму каде стапката опаѓа, вели Белс. „Местата каде има ниски бројки (за Ковид-19), големи отворени простори и добри услови за евентуално тестирање, се чини дека се местата кон кои луѓето гравитираат,“ посочува таа. „Два од нашите хотели во Мејн се скоро 100% резервирани за остатокот од летото.“

Сули зачестено прави резервации во планински ресорти како во Аспен, Колорадо и во државата Јута, што ги претпочитаат туристите кои сакаат да патуваат по копнен пат. „Скијачките ресорти се одлични летни дестинации,“ вели таа. „Имате преубав свеж воздух и лесно можете да одржувате социјална дистанца на такви имоти.“ Луксузни кампови, каде во некои дури се нудат и батлерски услуги, исто така се продаваат добро, додава таа.

Богатите туристи, во почетокот на пандемијата, се пренасочија кон правење резервации на домашен терен, но сега тие почнуваат да резервираат патувања и во странство, и покрај тоа што се` уште се на сила патните рестрикции помеѓу САД и многу други популарни дестинации, вклучувајќи ја Канада, поголемиот дел од Европската Унија, па дури и Бахамите. Сепак, Груцнер вели дека ја забележал промената од домашни кон странски резервации на почетокот на минатиот месец.

Сули вели дека само што одново ја направиле резервацијата на клиент кој го откажал летниот приватен чартер лет до Европа, каде од Венеција патникот требало да се впушти во патување со воз низ целиот континент овој Октомври, а на крајот од патувањето, потврдени се неговите престои во хотелот Чипријани во Венеција и Клериџ во Лондон, едни од најлуксузните хотели во овие градови. „Сега, стискаме палци дека ова ќе се случи,“ вели таа. „Но сепак преговаравме со нашите партнери, кажувајќи им дека ако на луѓето не им е дозволен влез како Американци, тогаш какви казни можат да следат?“.

„Морате да ги заштитите вашите клиенти,“ додава таа. „Врските се важни во создавањето патувања во моментов.“

Крстарења по море и по реки исто така се продаваат во McCabe World Travel и покрај тоа што Центарот за контрола на зарази и превенција ја продолжи издадената наредба со која на бродовите кои носат барем 250 патници не им е дозволено да пловат во американски води до 30 септември годинава. Сули мисли дека крстарењата можат да бидат уште побарани по завршетокот на пандемијата. „Сетете се, се справуваа со вирусот Норвалк со години, и го преживеаја тоа,“ вели таа. „Тие буквално имаат доктори и здравствени установи на нив.“

Агенцијата Виртуозо известува скок од 30% во побарувачката за крстарењата по реки и 4% скок во побарувачката за општите крстарења за Јануари, вели Белс, додавајќи дека „туристите кои одат на крстарења се едноставно неверојатно лојални.“

Според Белс, патниците се чувствуваат удобно кога преземаат планирани ризици бидејќи бродовите што крстарат, хотелите, туристичките агенции и другите видови компании што работат во оваа индустрија во суштина ги олабавија рестрикциите и политиките за откажувања. „И се` додека политиките за откажувања се лабави, и мислам дека ќе продолжат да бидат такви до крајот на 2020 год, нема потреба од никакви откажувања сега,“ објаснува таа.

На пример, Insight and Luxury Gold, заедно со други туристички компании, ги смалија депозитите за нивните патувања на 99 долари, дозволуваат промена на датуми и дестинации, и издаваат ветувања чија цел е да ги смират нервите на потенцијалниот клиент. Тие исто така ги прилагодуваат услугите што ги нудат за да ги задоволат потребите што се појавија за време на пандемијата, па вклучуваат директори за добросостојба во нивните понуди, чија задача е да ја осигураат хигиената за време на нивните патувања со водич, како и можности за патувања во мала приватна група туристи.

„За групи што се мали до 12 лица, можеме да ги искористиме нашите сегашни датуми за поаѓање и за дополнителна цена да направиме мала, приватна групна опција за нив,“ вели Груцнер. „Гледаме гости кои ја сакаат удобноста да патуваат со, прво и пред се`, луѓе кои размислуваат слично на нив, и второ, кои сакаат да доживеат повеќе интимни искуства што се добиваат кога сте на одмор со водич, наместо да го правите тоа сами.

„Ги слушаме нашите партнери за патување, особено патните советници кои им ги препорачуваме на нашите гости,“ додава тој. „И тие велат дека побарувачката сега се состои од луѓе кои сакаат да можат да патуваат со нивните пријатели и проширеното семејство.“

Со кого патуваат?

Навистина, со спроведената анкета, Виртуозо откри дека 76% од богатите патници би размислиле да бидат дел од т.н. патувачка дружина за да можат да го направат и да го олеснат патувањето побрзо. Дружината може да биде група од здрави роднини или пријатели кои патуваат заедно и ги делат собите за да ја ограничат изложеноста на патогени.

„Постои силна желба да се биде со други,“ вели Белс. „Така што, патувањето со друго семејство, дали се тоа роднини или слично семејство кое ги почитувало правилата за социјална дистанца на истиот начин, дозволува да се доживее поголемо социјално искуство на одморот.“

Без разлика дали патуваат со дружина или не, богатите туристи исто така купуваат места на приватни јахти или авиони, додава таа. „Гледаме благо зголемување во ексклузивната употреба,“ Белс вели. „Луѓето дури заземаат и мали бутик хотели.“

Вилите и приватните домови, дури и повеќе од хотелите, се исто така првата опција за сместување, вели Сули.

Белс вели дека побогатите туристи почнале да резервираат кратки престои на осамени имоти, вили што се поврзани со ресорти или поголеми хотелски апартмани каде можат ем да работат ем да се на одмор со семејството, и потоа постојано го продолжувале престојот се` до повлекувањето на мерките за задолжителен карантин и изолација.

„Планираат да заминат на една недела и потоа сфаќаат дека нема потреба да итаат назад во нивните домови,“ вели таа.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -