Македонија: Народна банка продолжува со активностите за финансиска едукација и инклузија

На денешната седница, Советот на Народната банка ја донесе Програмата за работа банката за 2021 година, којашто содржи програмски активности наменети за остварување на стратегиските цели од Стратегискиот план за периодот 2020-2022 година.

Програмата за работа на Народната банка за 2021 година предвидува програмски активности коишто овозможуваат понатамошно унапредување на целокупната аналитичка инфраструктура на процесот на одлучување и активен пристап кон решавањето на предизвиците во домашната економија. Оттаму, предвидени се повеќе аналитички и истражувачки активности коишто претставуваат значајна поддршка при носењето одлуки поврзани со монетарната политика, одржувањето на финансиската стабилност и супервизијата на банкарскиот систем.

Препознавајќи ја важноста на финансиската едукација и финансиската инклузија за поголемо ползување на предностите на финансиските услуги, но и за соодветно управување со ризиците, во Програмата на Народната банка и за 2021 година се предвидени повеќе проекти во оваа област. Во овој контекст, активно ќе се работи на изготвување Стратегија за примена на новите финансиски технологии, а ќе продолжат и активностите за комплетирање на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија и нејзино спроведување. Покрај редовните активности, Програмата за работа на Народната банка предвидува позначајни проекти со коишто ќе се овозможи зголемување на финансиската едукација на населението заради подобро разбирање и користење на различните финансиски инструменти и за подигнување на свесноста за финансиски систем.

Унапредување на системот за платежни услуги

Со носењето на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, ќе започне и спроведувањето проекти за измени или донесување соодветна подзаконска регулатива во доменот на платежните услуги и платните системи. Се очекува дека со новата правна рамка во платежната сфера, којашто ќе биде во значителен обем усогласена со онаа на Европската Унија, ќе се засилат конкуренцијата и иновативноста преку отворање на пазарот за нови даватели на платежни услуги и оператори на платни системи, а особено за оние од финтек-секторот. Дополнително, ќе се зголеми транспарентноста во давањето платежни услуги и ќе се засили заштитата на потрошувачите.

Фокус на статистичките податоци

Народната банка и во Програмата за 2021 година предвидува проектни активности во сегментот на унапредување на процесот на компилација и дисеминација на статистичките податоци. Веродостојните и квалитетните статистички податоци се клучни при носењето на економските одлуки, поради што се предвидуваат повеќе проекти со коишто се проширува портфолиото на расположливи статистички податоци. Воедно, ќе продолжат активностите за поедноставување на процесот на прибирање на статистичките податоци и формирање можности за градење податочен склад со што ќе се унапреди ефикасноста при нивното користење. Со предвидените проекти во областа на статистика се овозможува понатамошно приближување кон највисоките меѓународни статистички стандарди.

И за 2021 година, Народната банка предвидува организирање настани за размена на искуства и дискусии на теми што го засегаат централнобанкарското работење. За таа цел, се предвидува да се продолжи со редовно организирање на годишната истражувачка конференција, како платформа каде истражувачите од централните банки и академската заедница водат дискусија заснована врз истражувања и споделуваат релевантни совети за централнобанкарското работење и за носителите на политиките во регионот. Исто така, се предвидува и организирање на 13-тата годишна конференција за плаќања и пазарна инфраструктура, со цел зајакнување на капацитетите на давателите на платежни услуги и операторите на платните системи преку информирање за новините во областа на платежните услуги на глобално и европско ниво.

Се продолжува со унапредувањето на транспарентноста и корпоративното управување

Дел од активностите на Народната банка наредната година ќе се насочат и кон натамошно унапредување на транспарентноста, општествената одговорност и корпоративното управување.

Советот на Народната банка го разгледа и Извештајот за учеството, препораките и активностите на Народната банка во процесите на евроинтеграција во периодот септември 2019 – октомври 2020 година, како еден заокружен временски циклус во процесите на евроинтеграција. Извештајот дава осврт на вклученоста и придонесот на Народната банка во сите процеси и национални стратегиски документи за интеграција кон ЕУ, преку преземање активности во насока на усогласувањето на своето работење со европските стандарди, во рамките на подрачјата коишто ги покрива.

Извор: biznisinfo.mk

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -