Лекции што можеме да ги научиме од жените лидери и начинот на кој се справуваат со пандемијата

Време на криза може да поттикне иновирање и просветлување.

Пандемијата на Ковид-19 ја истакна способноста на светските лидери да одговорат на огромните и испреплетените предизвици. Некои лидери се сопнаа на препреките, некои се покажаа во висина на задачата, пишува Ана Салми за ideas.ted.com.

Авива Витенберг-Кокс, извршната директорката на една од првите 20 компании во светот што работат во областа на консултантство со фокус на родовата рамнотежа, со седиште во Велика Британија, е особено заинтересирана за лекциите што можеме да ги научиме од жените лидери, и меѓу другото, таа истакнува дека голем број од земјите што покажаа најсилен првичен одговор на глобалната криза се водени од жени. Ова е многу повеќе од обичен заклучок.

Во суштина, анализата на 194 земји открива дека инфекцијата и стапките на смртност во првите три месеци од пандемијата општо земено беа пониски во земји со жени водачи.

Една можна причина: голем број на земји водени од жени први ја започнаа контроверзната дискусија за рано воведување карантин. Само 7% од светските лидери се жени, така што можно е да се работи за мал примерок од кој може да се извлече заклучок (но интересен податок е и фактот дека жени извршни директорки на листата на Фортун 500 заземаат исто толкав процент).

Витенберг-Кокс идентификува четири заеднички нишки кај жените водачи за време на пандемијата: доверба, одлучност, технологија и љубов.

Таа истакнува дека добрите лидери од обата пола се навикнати на првите три карактеристики (доверба, одлучност, технологија), но четвртиот фактор, т.е. љубовта, е нешто што навистина ги издвојува жените. „Откритието што за мене беше многу интересно беше тоа што жените беа многу поподготвени и се чувствуваа удобно кога искажуваа љубов и грижа додека ја водеа земјата,“ вели таа.

Во продолжение се нејзините главни заклучоци од дејствијата преземени од страна на жените лидери, и објаснување како можеме да ги искористиме истите за да се приспособиме на иднината.

Секој е вклучен

Најуспешните лидерки ги вклучија сите категории граѓани во нивните планови. „Експлицитно кажуваат дека се грижат за сите; никого не изоставуваат,“ вели Витенберг-Кокс. Таа ја посочува Ерна Солберг, премиерката на Норвешка која одржуваше инструктивни и поучни настани за деца поврзани со последиците од коронавирусот, чија цел беше да се ослободи младата популација од стравовите и покрај фактот дека тие се` уште не се дел од гласачкото тело.

„Мислам дека некои лидери се мотивирани од љубов и грижа за нивното население, додека други лидери користат страв и моќ,“ додава таа, забележувајќи дека емпатичните мажи лидери водат од место на љубов, која често ја искажуваат како грижа или сочувство.

Автентичен стил на водење

Пандемијата не ги погоди сите подеднакво, всушност, таа диспропорционално ги погодува малцинствата, но сите нас не` направи многу посвесни за борбата на другите.

Дури и да сте политичар, споделувањето на личното искуство може да биде откритие што ќе ве поврзе со други луѓе. Во раните денови на ширењето на вирусот, премиерката на Нов Зеланд, Жасинда Ардерн беше домаќинка на неформален настан во живо кој се емитуваше на социјална мрежа Facebook, каде граѓаните можеа да и` поставуваат прашања, а таа обезбедуваше одговори. Причината која таа ја наведе зошто организира таков настан беше „да провериме дали сите се добро“.

Облечена во тренерки, и` се обрати на нацијата од нејзиниот дом, кажувајќи: „Извинете на домашниот изглед,“ и објасни: „Легнувањето на мали деца во кревет може да биде хаотична работа“. Ваквиот вид отвореност е поврзан со способноста или желбата на лидерите „да ги откријат нивните професионални и приватни реалности без срам,“ потенцира Витенберг-Кокс.

Ардерн успеа да ги привлече граѓаните на нејзината земја на нејзина страна, и благодарение на почитувањето на правилата, Нов Зеланд имаше нула случаи на инфицирани со коронавирус во текот на исклучителни 100 дена. Додека мал кластер на нови случаи се појави во август, земјата повторно има нула случаи на заболени со Ковид-19.

Сега е времето да се отстранат какви било непотребни бариери помеѓу личното и професионалното. Секој кој направил нешто срамно дома за време на работните повици на ZOOM би требало да се поврзе со чекорите на Ардерн.

Кажување на вистината

Секако, „само љубов нема да ве одведе многу далеку“, вели Витенберг-Кокс. „Вистината е многу многу важна, бидејќи вистината создава доверба“. Таа ги опишува одличните водачи како „рационални оптимисти“. Со други зборови, тие можат да им помогнат на вработените да се справат со несигурноста преку „тоа што ќе им покажат што знаат, што не знаат, и ќе споделуваат оптимизам дека сите ќе го пребродиме нештото заедно“.

Германската канцеларка Ангела Меркел го направи токму тоа кога земјата беше во фаза на лутање поради новите сознанија за коронавирусот. Нејзиното тврдокороно потпирање на фактите, што ја одреди политиката на земјата за справувањето со последиците од вирусот, и напорите за воведување карантин беа информирани од податоците добиени од епидемиолошки модели и совети од стручни медицински лица. Ваквите чекори помогнаа во намалување на стапката на смртност, ако се направи споредба со други индустриски земји. Но таа никогаш не се засрами и не се тргна настрана од споделување и на вознемирувачката вистина. Неодамна таа изјави: „Постојат индикации дека работите ќе станат многу потешки во следните месеци… Ситуацијата е сериозна… Продолжете да ја сфаќате сериозно“.

Одлучност

Одлучноста е квалитет на лидерството што особено е тешко да се отелотвори во време на стрес и несигурност, и кога сме соочени со растечка закана како што е Ковид-19. Но некои жени лидери и покрај тоа успеваат да делуваат.

Под будното око на претседателката Цаи Инг-Вен, Тајван беше најверојатно најдобро подготвена земја во споредба со многу други. Бидејќи земјата имаше научено горливи лекции од појавата на вирусот САРС, владата на Тајван имаше план за справување со пандемија кој вклучуваше детектирање на контактите, карантин и голема количина заштитни маски, како и соодветната инфраструктура доколку се појави уште една пандемија. До сега, оваа земја има една од најниските стапки на смртност во светот, и покрај нејзината блискост со епицентарот на заразата Вухан во Кина.

Во меѓувреме, во Бангладеш, премиерката Шеик Хасина доби слични пофалби за нејзините одлучни дејствија за справување со пандемијата, вклучувајќи и робустен пакет стимулативни мерки (еквивалентен на преку 4% од БДП на земјата). До сега, економијата на Бангладеш покажува силни знаци на закрепнување.

Важно е да се забележи дека одлучноста не подразбира делување сам. Жените лидери ја искористија мудроста од многу луѓе, организации и извори за да ги добијат потребните информации за да го мапираат патот на нивната земја кон иднината. Тој вид одлуки вообичаено ќе бидат посилни од тие што се носат изолирано. Спротивно на ова, лидерите кои се двоумеа или самите себеси си противречеа во време на оваа пандемија предизвикаа забуни од огромен опсег и ги поделија жителите на нивните земји.

Прифаќање на технологијата

Пандемијата ни покажа дека технологијата може да понуди одредени решенија. Премиерката на Исланд Катрин Џакобдотр воведе интензивен систем за скрининг и идентификација на контактите во нејзината земја, што се покажа како рано имплементирана успешна алатка во борбата против вирусот, а сега воведе и двојно тестирање и задолжителен карантин за патниците. Во Финска, премиерката Сана Марин воведе мобилна апликација која ги детектира заболените и ја искористи моќта на инфлуенсерите на социјалните медиуми кои помогнаа да се прошири знаењето за начините на превенција на ширењето на болеста. Тајван исто така се потпре на технологијата – една од скорашните иновации е користење на Кју-Ар кодови и онлајн систем за известување за патници, како и жешка линија на која граѓаните можат да пријавуваат симптоми или заболени случаи.  

Сите видови лидери можат многу да научат од овие жени

Не треба да сте водач на некоја земја за да бидете инспирирани од овие жени. Луѓе кои работат во организации од секаков вид и големина, од компании до училишта, до групи во заедници, можат да извлечат корист доколку ги инкорпорираат вистината, одлучноста, технологијата и љубовта во нивните размислувања и дејствија.

Сфаќањето дека сме сите во ова заедно, и однесувањето на начин што го отелотворува овој став е клучно. Познавањето и имањето доверба во лицето на врвот, без разлика кое е, неговата или нејзината посветеност на унапредувањето на интересите на сите може да го подигне ентузијазмот и сите да ги насочи кон иднината.

„Тоа е тоа што големите лидери го прават,“ вели Витенберг-Кокс. „Тие инспирираат, откриваат и ги охрабруваат и другите да станат големи лидери“.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -