Кои треба да бидат нашите финансиски цели во следните шест месеци

Многумина се соочија со тежок период, и некои од нас сфатија дека не сме добро подготвени за финансиската несигурност. Бидејќи сите се обидуваме да се вратиме во колосек, финансиски гледано, во продолжение се наведени неколку цели што треба да се стремиме да ги оствариме во наредните шест месеци, советува Карен Бејнс, авторка која пишува за креативност и деловен успех.

(Одново) создадете фонд за итни ситуации

Неодамна пишував за тоа како поголемиот број фондови за итни ситуации не ја покриваат првичната итна ситуација, вели Бејнс. Многумина се справуваа со различни финансиски проблеми создадени како резултат од светската пандемија, и сфатија дека навистина ни треба посилен фонд за итни ситуации.

Создавањето ваков фонд (или новото создавање ако веќе сте го потрошиле претходниот) навистина треба да ви биде врвен приоритет. Општо земено, парите би требало да се инвестираат, и треба да опстојат на долг рок. Ова се` уште важи, но не се применува врз фондот за итни ситуации. Тој би требало да е лесно достапен и да не предизвикува ризик, или да предизвикува многу мал ризик, што по дефиниција значи дека тие пари нема да се оплодат преку камата, но тоа е во ред. Итните ситуации бараат брз и лесен пристап до кеш, како што многумина од нас открија во последните неколку месеци.

Справете се со долгот

Забележете како овој совет е формулиран во „справете се со долгот“, не исплатете го. Високото ниво на стрес е вообичаено врзано со долгови. Нивното исплаќање не секогаш е опција, но справувањето со долговите може да ослободи емоционална енергија која ќе можете да ја фокусирате на другите, финансиски и лични, цели.

Има многу начини како да се справите со долгот, дури и во време на рецесија. Можеби ќе треба да го консолидирате, преместувате, одново да преговарате, да исплатите дел или да го елиминирате целосно. Барајте совет доколку ви е потребен, изнајдете стратегија како да го исплатите заостанатиот долг што ќе одговара на вашиот бизнис, и направете цврст план за да се справите со долгот во следните шест месеци.

Анализирајте ги вашите даноци

Околу 75% од Американците добиваат поврат на даноци, и просечната вратена сума е 3000 долари. Многу луѓе мислат дека овој поврат се лесно потрошени пари. Но, ако добивате поврат на данок, значи дека сте и` позајмиле пари на владата, без камата. Значи дека сте платиле повеќе отколку што треба за вашите даноци, и дека сте се снашле некое време без пари. А сепак, луѓето обично мислат дека „владата ми даде 3000 долари“, а не „владата ми чуваше 3000 долари цела година и ме чини парите што можев да ги заработам со камата“. Понекогаш немате избор. Работодавец или друга организација може да плати или да го задржи плаќањето на данокот во ваше име, но вреди да се провери можноста да се избегне тоа.

Ситуацијата со даноците исто така е поврзана со начинот на кој ги користите парите за да им помогнете на другите. Запомнете дека не треба да се плати данок на парите што се даваат во добротворни и непрофитни организации.

Организирајте ги финансиите

Организирањето е добро за вашето ментално здравје, без разлика дали станува збор за физички, емоционален или финансиски процес. Организирањето на вашите финансии може да вклучи проверување документи и исфрлање на тоа што не ви треба. Можеби треба да воведете автоматско плаќање сметки или месечни трансфери на вашата штедна книшка. Исто така, организирањето може да значи точно одредување каде ви одат парите, која е моменталната кредитна стапка, па дури и проверка дали ги користите сите кредитни картички на оптимален начин.

Исто така, пожелно е да направите листа на сите трошоци и сметки поврзани со вашиот личен финансиски живот. Ова може да ги вклучува вашата нето вредност, вашиот паричен имот, сметките во банка и други инвестициски сметки, како и кредитното салдо. Откако еднаш ќе ги организирате финансиите и точно знаете што се случува со нив, лесно ќе видите кои работи можат да се подобрат.

Трошете и штедете разумно

Една од причините зошто сме склони да се чувствуваме како да немаме контрола врз финансиите е дека трошиме неразумно и несвесно, односно ја користиме кредитната картичка неколку пати дневно, често за работи што не ни требаат, а ниту пак ги сакаме. Трошењето зависи од секакви фактори, од тоа какви пријатели имаме, до видот на маркетинг на кои сме изложени.

Водењето финансиски дневник навистина може да ви помогне да станете поразумни за тоа колку и зошто трошите и штедите. Ако дневникот не е нешто што ве привлекува, имајте на ум дека оваа практика сепак ви помага да бидете разумни во однос на трошењето. Еднаш месечно, одвојте време да седнете со вашите финансиски извештаи и размислите за тоа што сте направиле со вашите пари. Размислете каде ви одат парите, зошто трошите на работите на кои трошите, и видете дали можете да го подредите трошењето со сликата за животот што го посакувате.

Создадете повеќе приходни канали

Овој чекор навистина може да ги зголеми вашите лични финансии. Дополнителните приходни канали можат да дојдат од „тезги“, хонорарна работа, инвестирање во имот, па дури и хоби може да ви донесе пари на некое ниво, како што е спорт или вештина што можете да ја пренесете на други.

Дополнителните приходни канали ве штитат ако доживеете нешто драстично, како што е губењето на работното место или друг главен приходен канал. Но тие исто така можат да ви обезбедат фокус во поглед на вашето целокупно финансиско планирање. Можете на пример да одлучите целиот приход од одреден канал да го употребите за исплаќање долг, или вложување во вашиот пензиски фонд, или едноставно да заштедите за нова куќа.

Заработувајте повеќе од што ви треба

Ова може да делува невозможно, особено кога опаѓаат приходите, или кога едноставно не заработувате многу. Но оваа изјава би требало да ве натера да најдете начин ем да ги намалите потребите ем да ги зголемите приходите.

Додавањето нов приходен канал, на пример, значи дека заработувате повеќе. Или, ако вашите основни потреби се задоволени, и тие не се промениле, сега вие заработувате повеќе од што ви треба. Ова ви дозволува внимателно да размислите како сакате да ги алоцирате тие екстра пари. Ова не значи постојано да се лишувате од задоволства. Станува збор за одредување приоритети, задоволување на итните потребни, помалку итните потреби и потоа желбите, и тоа по овој ред.

Планирајте за иднината

Финансиските цели даваат најдобри резултати кога се комбинирани со други животни цели. Најдобрата мотивација да заштедите и да инвестирате е знаењето дека работите кон одредена цел. Без разлика дали планирате рано да се пензионирате, да патувате низ светот, да купите куќа или да започнете сопствен бизнис, познавањето на вашиот план го прави и финансиското планирање полесно.

Некои луѓе овој процес го нарекуваат „запознавање на вашето Зошто“. Фокусот на причината поради која штедите е одличен мотиватор. Јасниот план може да ви помогне да ги рафинирате деталите во финансиите. Сите знаеме дека треба да штедиме за пензија, но каков вид пензија? Како точно сакате да изгледа вашето пензионирање? Кога ги знаете овие работи, тоа ќе ви помогне да направите подетален план за штедење и инвестирање.

Извор: medium.com

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -