Како design thinking методологијата ќе ви донесе зголемена продуктивност на компанијата

Како примената на методологијата за креативното размислување (design thinking) ќе ви помогне да го унапредите работењето на вашата компанија? Зошто е потребно да се воведуваат новини, особено на традиционалните компании? Како согледувањето на „големата слика“ ќе ве доведе до нови клиенти?

Овие и низа други прашања од областа на корпоративното иновирање беа тема на работилницата за креативно размислување (design thinking методологија), организирана од страна на CEED Hub Скопје. Настанот, на кој претставнички од неколку домашни компании зедоа учество, се одржа во просториите на хабот на 13.02.2020 год. (четврток), а истиот е дел од проектот „Women in Adria и CEED Hub за поддршка на женското претприемништво во Македонија“.

Корпоративно иновирање е процес во кој компанијата имплементира нови, иновативни можности за развој. Вообичаена препорака е компаниите што сакаат да го применат овој пристап да назначат тимови кои се посветени на иновативни проекти.

Design thinking методологијата, која често се преведува како примена на процес на креативно размислување во насока на решавање на проблеми или надминување предизвици, подразбира стратешко планирање за полињата со најголем број отворени можности за компанијата, за најголемите моментални предизвици на фирмата, како и деловната цел што компанијата сака да ја постигне.

„Според CB Insights (State of Innovation Report from 2018) компаниите со најголем успех, односно оние 15% со најдобар финансиски успех во однос на нивните конкуренти, имаат изградена култура на иновирање во сите сектори од компанијата, од човечки ресурси, па до маркетинг, продажба, оперативно работење и слично. Овој вид процес, што често вклучува сериозни промени за самата компанија, мора да започне од врвот, т.е. највисоките инстанци на менаџментот мора да бидат вклучени,“ истакна Елена Хаџи Пецова, сертифициран ментор во ЦЕЕД Хаб за корпоративни иновации и примената на овој вид методолоија.

Под креативно размислување се подразбира севкупен процес чија цел е да се разбере корисникот на производот или услугата на дадената компанија, да се предизвикаат и надминат субјективните претпоставки на раководните лица и да му се пристапи на проблемот од поинаков агол. Фокусот на овој тип методологија е самиот процес на изнаоѓање решенија за проблемите. Design thinking е начин на размислување и работа исто колку што е и практична примена, а процесот на дизајнирање има поголема додадена вредност од креирањето услуги и производи. Овој процес на размислување може да се примени на системи, процедури, протоколи и кориснички искуства.

„Креативното размислување и дизајнирање го трансформира начинот на кој водечките компании креираат вредност. Кога е успешно спроведено, креативното размислување доведува до лансирање на производи што ги воодушевуваат купувачите,“ Хаџи Пецова додаде.

Голема конференција во рамки на проектот „Women in Adria и CEED Hub за поддршка на женското претприемништво во Македонија“,  каде покрај можностите за засилување на жените претприемачи и менаџери, ќе се презентираат и пристапите до финансиски инструменти во државата, е предвидено да се одржи на 3.03.2020 година, во хотел „Порта“ во Скопје, со почеток во 10ч.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -