Како лидерите да ја зголемат посветеноста на вработените кон организацијата

Менаџирањето со луѓе може да биде најтешкиот дел од работата. Одличен менаџер знае како да извлече најмногу од повеќето вработени, без разлика дали тие директно му рапортираат или пак играат улога на консултанти. Имено, одличен менаџер знае како да ги третира вработените на начин на кој тие сакаат да работат со него/неа. Во продолжение се седум начини што можат да ја зголемат посветеноста на вработените на вас како менаџер, и на вашата организација и мисија, пишува Ејвори Бланк, адвокат и стратег која работи како консултант за поединци и организации за зголемување на можностите за напредок.

Кажете му на вработениот дека немате никаков проблем со презакажување на состанокот

Се будите наутро и се чувствувате лошо или пак вашето дете се разболело и почнувате да мислите: „Како ќе можам да се справам со утринскиот состанок со мојот шеф?“ Ако вашиот вработен ви кажува дека неочекувано мора да оди на докторски преглед, кажете му/и` дека е во ред да го презакажете состанокот.

За да постигнете посветеност, мора малку да попуштите. И тие се луѓе и нешта им се случуваат. Бидете флексибилни. Не дозволувајте вработените да се чувствуваат дека ќе ја изгубат работата затоа што не биле во можност да присуствуваат на состанок. Вработените ќе ви бидат благодарни за вашето разбирање и ќе работат напорно за да продолжат да уживаат во привилегијата на флексибилноста.

Прашајте ги што мислат

Луѓето се почестени кога другите сакаат да го дознаат нивниот начин на размислување. Запрашајте ги вработените што мислат. Тоа покажува дека сте отворени кон идеи, дека слушате и се грижите за тоа што тие имаат да го кажат. Кој не сака шеф со такви особини? Вработените се желни да вложат екстра време ако се почитувани за нивните гледишта.

Заблагодарете им се и за најмала задача

Луѓето, без разлика колкав е степенот на нивната самодоверба, ценат потврда за добро сработена работа. Не ја потценувајте моќта на признанието, особено за нешто мало. Вашите вработени нема да го очекуваат тоа, а истото ќе посочи дека цените се` што прават. Што повеќе луѓето се чувствуваат ценети, толку повеќе ќе се вложуваат.

Дајте им ја информацијата што им е потребна, а потоа оставете ги да работат

Луѓето сакаат да се чувствуваат поддржани и охрабрени. Споделете ги информациите што им се потребни на вашите вработени за да можат да напредуваат со одреден проект, а потоа оставате ги самите да се движат напред.

Кога луѓето добиваат шанса да имплементираат проект и автономија самите да одлучуваат за насоката или стратегија, тогаш тие чувствуваат дека имаат сопственост. Со сопственоста доѓа и зголемено чувство на одговорност кон успехот.

Овозможете им пристап до можности

Искористете ја вашата моќ за да обезбедите можности за вашите вработени. Запознајте ги со лидерите на проекти, менаџерите на секторите или тимот на извршниот директор. Вработените ќе помислат: „Уау, мојот менаџер го направи ова за мене. Благодарен сум.“

Бидете спонзор. На состанок на ниво на менаџери, спомнете го името на вработениот кој мислите дека би бил одличен во улогата на лидер на новата иницијатива. Поддржете го нивниот кариерен развој, дури и вработениот да не е присутен.

Поставете им прашања што не се поврзани со работата

Ако покажете интерес за нешто друго освен за работата што ја работи вработениот, ќе покажете дека се грижите за него како човек. Кога вработените гледаат дека се грижите за нив како луѓе, ќе видат дека сте повеќе од менаџер. Таа подлабока врска може да помогне да се постигне посветеност кон вас и кон нивната работа.

Бидете ментор

Одвојте време во текот на денот, дури и да се 15 минути, за да ги научите нешто ново или да споделите совет со вработените. Тие ќе забележат дека сте одвоиле време од вашиот зафатен распоред за да се фокусирате на нив. Вработените ќе го ценат и вашето време и совет и ќе се трудат да дадат се` од себе за да можат да продолжат да учат од вас. Ова значи дека треба да инвестирате во вработените и тие ќе вложат во вас.

Ако сакате да го извлечете најдоброто од вашите вработени, морате да менаџирате на начин на кои луѓето ќе ја зголемат посветеноста на вас. Секако, морате да бидете добар човек. Но, исто така треба да делувате со намера за да покажете дека се грижите за нив и дека им верувате, дека го цените нивното мислење и го почитувате нивното расудување. Треба да покажете дека сте флексибилни и дека сакате тие да напредуваат во кариерата. Толку.

Извор: Forbes

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -