Како вистинските лидери водат во време на криза

Основачи, сега е времето да се преземат смели чекори во поглед на вашето лидерство, да се поврзете одново со вашата цел и да се тргнете од патот – вака се обраќа Џилијан Дејвис, претприемач, автор и обучувач за порталот за промоција на најновите трендови во стартап светот: sifted.eu

Време е конечно да направиме промена од лидерскиот модел што има авторитарен пристап „одозгора-надолу“ кон модел што промовира автономија, соработка и инклузија, како и охрабрување на тимовите брзо да се прилагодуваат.

Можеби ќе се чувствувате неудобно, но користењето на модел основан врз авторитетот на најчесто еден човек, кој има целосна контрола и ги знае сите одговори, ќе го стагнира вашиот бизнис наместо да го порасне. Во далечни средини, не можете да бидете секаде и да чуете се`, така што дозволете му на вашиот тим самиот да си ги реши проблемите и заеднички да го носи бизнисот напред затоа што тоа е клучно.

Неодамна Дејвис разговарала со нејзиниот обучувач за извршно менаџирање и основач на бизниси – Џери Колона. Тој и` кажал: „За несреќа, нашата социјална култура ја засилува идејата дека луѓето кои имаат моќ ги имаат сите одговори. Навистина, сепак, лицето кое ги има одговорите е тоа кое е најблиску до проблемот“.

Дејвис вели дека искуството како обучувач за лидери и` овозможува да има уникатна гледна точка која и` дозволува да биде сведок на она што се случува во голем број компании. Еве што осознала во текот на последните шест месеци – никој нема водич за раководење со компанија во време на криза, и сите даваат се` од себе, но оние кои постигнуваат напредок се оние кои ги следат следниве правила:

Преиспитајте се себеси

Свеста за себе ја дефинира вашата лидерска способност да се приспособувате. Знаењето како да ја користите ранливоста како сила во неизвесни околности и зголемувањето на нивото на свеста за себе ќе ви овозможи да се поврзете со вашиот тим и да создадете чувство на припадност. Се` уште можете да бидете карпа, приземна сила на вашиот тим додека истовремено сте отворен за емоциите што ги искажувате. Според Галуп, во оние компании што усвоиле човечки пристап во поглед на лидерството, со акцент на ранливоста, „бројот на луѓето кои се искрено возбудени за она што го работат пораснал за 12% и покрај моменталните околности“.

Ранливост значи дека лицата кои работат со вас точно знаат што се случува во компанијата и со вас самите. Вашиот тим е ангажиран да работи на развојот на бизнисот, не да биде ваш терапевт, запомнете.

Создадете заедница каде можете да бидете себеси. Креирајте простор каде можете да споделувате како се чувствувате, да разговарате за она што ве плаши и да обезбедите поддршка за другите.

Еден успешен докажан начин е кога основачите создаваат мала група од четири до пет соработници, односно основачи со различни искуства. Тие ги прават ваквите состаноци приоритет со цел да не го разочараат тимот кој работи за нив и да имаат воспоставено едноставна структура за да знаат што да очекуваат. Често пати состаноците почнуваат со прашањето: „Што те предизвикува?“, или „За што размислуваше во последно време?“. Времето што ќе го поминете во обезбедување поддршка еден за друг преку нови и стари предизвици создава одлична здрава платформа за еден лидер. Сознанието дека имате публика на која можете да се потпрете, која навистина ги слуша вашите предизвици помага во голема мера во управувањето на компанијата.

Проширете го тимот кој носи одлуки

Кога го проширувате кругот на лица кои носат одлуки, и кога ќе донесете и други гласови кои треба да помогнат во носењето краткорочни, стресни одлуки со кои сте соочени, тогаш создавате решенија на колегијален, заеднички начин. Ова води кон повисок ангажман од страна на вработените, кои се подеднакво важни во смисла на работењето на далечина. Вработете лица кои ве инспирираат, и дозволете им и тие да бидат носители на нови идеи и процеси и да сносат одговорност. Искористете го интелектуалниот потенцијал на тимот.

Стив Џобс рекол: „Нема поента во ангажирање паметни луѓе на кои после им кажуваш што да прават; ангажирајте паметни луѓе за тие вам да ви кажат што да правите“.

Возможно е да се култивира одлична тимска динамика во работна средина на далечина, секако, доколку го промените начинот на размислување и бидете љубопитни и желни да ги смените традиционалните, напорни состаноци во физичкиот свет. Ако вашиот тим работи на истиот начин и истата динамика како и во времето пред да почнеме да работиме на далечина, тогаш правите нешто погрешно.

Вашата агенда организирајте ја како сет прашања што треба да се одговорат, наместо сет теми што треба да се дискутираат. Според едно скорашно истражување спроведено од Стивен Роделберг од Универзитетот МИТ во САД, само 50% од времето поминато на состаноци е ефикасно, и стапката на ефикасност опаѓа кога станува збор за мерење на продуктивноста за време на состаноците на далечина.

Работете со вашиот одбор

Важно е да разберете како да работите со членовите на вашиот одбор како партнери, наместо да се грижите дали тие ќе изгубат доверба во вашата способност да раководите ако имате отворен пристап со нив.

Чувствувајте се удобно и кога ги немате сите одговори. Многу е важно да се чувствувате удобно со идејата дека сите одговори не се кај вас и наместо тоа да ги земете предвид гледиштата на вашите соработници. Не треба да сте првиот кој ќе зборува за нова идеја. Членовите на одборот носат богатство од знаење, искуство и мудрост, но нема да знаат како да ви помогнат ако не ги замолите.

Колку и да мислите дека можете да делувате опуштени, повеќето од нас можат веднаш да препознаат кога некој се однесува неискрено. Секако дека годинава работите не се одвиваат според планираното, и секако дека е лошо искуство дека не можеме да се собереме сите во иста просторија, но не е се` изгубено. Во време на големи пореметувања (на индустријата) доаѓаат и големи можности, како ќе ги искористите?

Поврзете се со вашата „ѕвезда“

Основачите што остваруваат напредок се имаат одново поврзано со нивната цел, го напуштиле чувството дека треба да ги имаат сите одговори и успеале брзо да ги ангажираат нивните тимови во експериментирања со цел да го најдат најдобриот начин да работат заедно на далечина, во овој нов свет.

Со дефинирањето на целта, можете да ги правите вистинските краткорочни избори за долгорочен успех. Неодамна Дејвис работела со основач чие чувство на самодоверба било уништено од последиците на кризата, што пак довело до застој во развојот и до отпуштања од работа. Таа му помогнала одново да се поврзе со начинот на кој размислувал кога за првпат го започнал сопственото бизнис патешествие, за да му се промени гледната точка и да се врати на вистинскиот пат.

Вашата ѕвезда би требало да ве ревитализира, да ве возбудува и да ви даде фокус во деновите кога не се чувствувате толку силни. Кога сте поткрепени со страст, тогаш таа делува како зрак надеж за сите околу вас, а за вас како основач, тоа е единственото нешто што не можете да го делегирате. Го знаете вие ова.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -