Каков вид мерки најдобро го поттикнуваат развојот на женското претприемништво?

Додека Ковид-19 темелно го промени начинот на кој живееме и работиме, пандемијата не не` погоди сите на ист начин. Коронавирусот ги истакна постоечките нееднаквости во здравствените и економските системи. Шансите се поголеми кај жените и припадниците на малцинствата да заземаат незаменливи работни места, барем во САД. Вработеноста на жените во здравствениот систем, социјална работа и супермаркети е повисока, што пак значи дека се во поголем ризик од изложеност на Ковид-19, пишува brookings.edu.

Во светски рамки, извештај подготвен од страна на консултантската компанија за менаџмент – МекЕнзи, откри дека е поверојатно жените да ги изгубат работните места за време на пандемијата отколку мажите – жените сочинуваат 39 проценти од глобалната вработена сила, но и 54% од до сега изгубените работни места. Многу е поверојатно жените да работат во сектори што се диспропорционално погодени од кризата како што се услуги поврзани со храна, угостителство и малопродажба. Дополнително, голем број жени се префрлуваат на работа со пола работно време или се целосно исклучени од работната сила со цел да обезбедат детска грижа или надгледување на процесот на онлајн училишна настава на нивните деца. Истиот извештај посочува дека жените претприемачи може да бидат непропорционални погодени од кризата, а особено микро претпријатијата во сопственост на жени, т.е. фирми кои имаат помалку од 10 вработени – во земјите во развој. Анкета спроведена во месец мај во која биле опфатени сопствениците на мали бизниси во 50 земји открива дека фирми во сопственост на жени имале поголеми шанси, за 6 процентуални поени, да бидат затворени поради Ковид-19 отколку компании во сопственост на мажи. Додека ресурсите во домаќинството стануваат се` поретки, капиталот или дигиталните уреди што вообичаено би се користеле за бизниси во сопственост на жени, можат да се употребат за други цели, поттикнати од внатрешната динамика на домаќинството и социјалните норми за родовите улоги.

Силно закрепнување подразбира не само мерки за пополнување на празнините што треба да им помогнат на фирмите да ја пребродат кризата, туку и да се искористи сегашниот момент за да се создадат нови економски можности што би биле достапни за сите. Клучно во овој процес е израмнување на теренот за игра за жените, припадниците на малцинствата и во делот на вработувањето и во делот на претприемништвото.

Но што е тоа што навистина функционира во поттикнувањето на развојот на женското претприемништво и силниот развој? Дали на жените сопственици на бизниси им е потребната истата поддршка како на мажите, или дали тие се соочуваат со уникатен сет на ограничувања што бара дополнителни интервенции?

Претприемачи поради избор или неопходност?

Поради недостаток на добри работни места во многу земји во развој, голем број луѓе стануваат претприемачи поради неопходност, и управуваат со мали, неформални фирми што вработуваат мал број платени вработени. Дргуи сепак управуваат со етаблирани мали и средни компании што бараат начин да пораснат. Постои мало преклопување кај овие две категории: мал број микро претпријатија ќе пораснат да станат мали и средни фирми. Микро фирмите доминираат на пазарот во земјите во развој, и оттука, до денешен ден, поголемиот дел од мерките за претприемништво се фокусираат на оваа група.

Додека потребите на малите и средни компании се различни од оние на микро фирмите, постои преклопување. И двете групи не ги уживаат целосните услуги на традиционалните финансиски институции во земјите во развој и се соочуваат со ограничувања во поглед на пристапот до финансии. Често пати постои и висока бариера за влез на нови фирми во формалниот сектор во поглед на време, административни обврски, трошоци итн, што пак ги тера поголемиот број фирми да останат во неформалниот сектор. Бизнисите и менаџерските вештини се исто така пречка и за микро и за малите и средни претпријатија, како што се и пазарните и мрежните врски.

Овие ограничувања влијаат на фирмите независно од родот. Па сепак, фирми во сопственост на жени често пати се соочуваат со дополнителни пречки, како што се разлики во образованието, легални бариери до вработување и одговорности поврзани со грижата во домот. Жените се борат да пристапат до извори на финансирање поради ограничените кредитни истории, за влез во лукративни сектори што традиционално се сметаат за машки, и со одржувањето бизнис врски со цел да го заобиколат пазарот и регулаторните препреки. За многу жени претприемачи, ваквите ограничувања често пати се заемно засилени.

Што функционира за жените сопственички на микро компании?

Во студијата „Мета анализа на скорашните евалуации за поддршка на женското претприемништво“ спроведена од страна на стручниот тим на порталот, фокусот е ставен на 54 евалуации на програмите за претприемништво што таргетираат жени сопственици на микро бизниси во 27 земји во развој. Истражувачите откриле дека поголемиот дел од интервенциите спаѓаат во три категории: обука, финансии или комбинација од двете. Истражувањето исто така ги анализира и резултатите поврзани и со претприемачките активности, т.е. дали жените станале претприемачи или продолжиле да го водат нивниот бизнис?; и претприемачкиот квалитет, т.е. дали жените станале подобри претприемачи и ја подобриле ефикасноста на компанијата?

Истражувачите откриле дека обука плус нешто друго – без разлика дали станува збор за финансии, техничка помош или менторство – има посилно влијание врз жените претприемачи отколку само обука или само финансии. Таквите програми имаат умерено до силно влијание на охрабрувањето на жените да се ангажираат во претприемачка активност, иако резултатите се мешовити кога станува збор за претприемачкиот квалитетот и ефикасноста на компанијата. Сепак, постои широк спектар на проценки за големината за секој вид интервенција, што пак посочува дека дизајнот на програмата и контекстот на земјата играат огромна важност во успехот на конкретната мерка.

Со оглед на разноликоста на ограничувањата со кои жените се соочени во поглед на пристап и ангажман во претприемништвото, не изненадува фактот што програмите со интервенции што се наменети за надминување на повеќе од една бариера истовремено – на пример преку поддршка за вештини и финансирање, или пак преку обука за вештини и менторство за да се поврзаат со мрежите за пристап до информации и изборот за сектор – даваат подобри резултати од интервенциите што се наменети за надминување на една единствена бариера. Резултатите посочуваат дека само обука не е доволно да се подобрат исходите на бизнисите во сопственост на жени. Оттука, развојните организации и владите што сакаат да го поддржат развојот на женското претприемништво треба да се посветат на сет мерки што обезбедуваат решение за повеќе од едно ограничување. Доказите посочуваат дека обуката во комбинација со активности што имаат ниски трошоци, како што е менторството на пример, се поефикасни од само обука, така што додавањето на овој сегмент на постоечката програма може да биде лесен начин да се подобрат резултатите.

Сепак се` уште има многу нешта што не ги знаеме. Поголемиот дел од мерките и оттука поголемиот дел евалуациите се фокусираат на обуки, финансии или комбинација на двете. Има мал број интервенции што се наменети за надминување на клучните ограничувања со кои се соочени жените како што се грижа за децата, пристапот за влез на пазар или усогласување со регулаторните норми, изборот на сектор, неуспех во поглед на точното информирање…Конечно, се` уште постои голема празнина во знаењето во однос на она што функционира во контекст на поддршката на малите и средни компании во сопственост на жени (во контраст со микро претпријатијата). Светската банка во 2011 год ја објави програмата  „Женското лидерство во мали и средни претпријатија“ со цел да се евалуираат 12 интервенции за мали и средни претпријатија во сопственост на жени во земјите во развој. Откако еднаш ќе се пополни, резултатите од овие мерки ќе го обезбедат потребниот нов бран докази за тоа што функционира во овие претприемачи кои се ориентирани кон раст.

Разбирањето како најдобро да се поддржат жените претприемачи е важен дел од агендите и политиките за поттикнување раст и продуктивност во земјите во развој. Но и овој вид поддршка е важен дел од израмнувањето на длабоко вкоренетите нееднаквости во поглед на можности што се однесуваат на етничката припадност, расата, родот, не само во земјите во развој и економиите во подем, туку и во напредните економии. Користењето на овој момент за да се изгради економија која подобро функционира за повеќе категории луѓе не само што поддржува поголема отпорност од идни кризи, туку и придонесува во создавањето на порамноправен свет.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -