Зошто планирањето помага во справувањето со стресот предизвикан од пандемијата

Минатата недела, двајца блиски пријатели мораа да ги одложат плановите за свадба. „Знам дека е ова е задоцнето,“ едниот од нив напиша во порака до мене и до останатите деверуши, „но ми создава дупка во стомакот секој пат кога треба да притиснам „прати“.“ Потоа испрати дигитална верзија на поканата за свадба, со напис „сменет датум“ наместо „запомнете го датумот“, пишува колумнистката Кејт Морган за ББЦ.

Во првата половина од годината, несигурноста од ширењето на пандемијата предизвика да биде скоро невозможно предвидувањето дали нешто ќе се случи така како што сме си го замислувале. „Мислам дека сите стануваат се` повеќе свесни дека контролата што мислевме дека сме ја имале е можеби покршлива отколку што сме верувале,“ вели Шевон Нуперт, професорка по психологија на државниот универзитет во Северна Каролина.

Но, ставањето на иднината во шема на постојана неизвесност е тешко по однос на менталното здравје. Истражувањата покажуваат дека постои силна врска помеѓу нејасната иднина и анксиозноста, а нетолеранцијата на несигурноста е тесно поврзана со депресија. Затоа, според една скорешна студија на која еден од авторите е Нуперт, е важно да се продолжи со правење планови, дури и на крајот да излезе дека сте ги направиле залудно. Кроењето планови ви помага да одржувате позитивен начин на размислување и ве штити од чувството на преплавеност од стрес. Сепак, планирањето е во нашата природа. „Како луѓе, само ние сме способни да размислуваме за иднината,“ Нуперт објаснува. „Ние сме единствениот вид што троши огромна количина мозочно гориво во правење планови за иднината.“

Планирањето е механизам за справување

Ставањето задолженија и обврски во календар може да ви помогне да го „измамите“ стресот пред да се случи преку когнитивен процес познат како „проактивно справување“. „Има бихевиорални компоненти и мислечки компоненти,“ вели Нуперт. „Бихевиорален пример е кога започнувате да штедите за црни денови. Мислечката компонента е кога правите планови.“

Во нејзиното истражување, Нуперт следела повеќе од 200 учесници во текот на девет дена, и го следела начинот на кој се справуваат со секојдневниот стрес. Тие кои се впуштаат во проактивно справување, што значи дека нивното размислување било насочена кон иднината, и предвидувале повеќе и правеле планови за тоа како да се справат со можни тешкотии, помалку реагирале на стресот.

Истражувањето траело нешто повеќе од една недела, но Нуперт вели дека принципите на нејзините наоди можат да се применат на многу подолги периоди на стрес.

„Планирањето може да биде моќна форма на проактивно справување,“ објаснува таа. Закажување настани во иднината е прифаќање на фактот дека ќе има иднина и дека кога таа ќе пристигне, вие ќе бидете во можност да ги правите нештата така како што сакате. Нуперт советува одбирање активности „што ве тераат да се чувствувате како да се враќате кон себе.“ Тоа, на пример, може да биде закажување фризер или маникир, во некој случајно одбран ден во текот на еден или два месеци, дури и да не сте сигурни дека ќе можете да стигнете на договореното. „Овие (активности) можат да бидат многу лични планирачки искуства,“ вели таа. „Одењето во салон за убавина, или самото планирање да отидете во салонот е знак на грижа за себе.“

Можете да извлечете корист од менталните и емоционалните бенефити и без да одредувате точни датуми и времиња во вашиот календар. Наместо тоа, можете да направите список на активности, од најбаналните до такви што би сакале да ги остварите пред смртта, такви активности што би сакале да ги закажете кога нештата ќе станат попредвидливи. Тоа е доволно, според Нуперт – „да им дадете признание на нештата кои имате намера да ги направите… Очекувањето на нешто добро е навистина моќно.“ Листата на работи за кои сте се обврзале дека ќе ги направите, дури и да не знаете кога ќе ги направите, самото по себе смирува.

Зошто мразиме неизвесност?

Сепак, планирањето ни овозможува нешто повеќе од предвидување. Тоа исто така може да помогне да се сопре анксиозноста бидејќи истовремено се справуваме и со когнитивната пренатрупаност. Широко прифатениот модел за ментален процес наречен „теорија на когнитивен товар“, термин кој за првпат беше воведен во 1960тите, посочува дека човечкиот мозок е способен за процесирање ограничена количина информации во кое било време. Кога несигурноста прави да ни е тешко да постигнеме зацртани планови, можеме да се најдеме во ситуација во која сите тие нешта ги мислиме истовремено. „Работите што никогаш не ги сработуваме само додаваат кон тој товар,“ вели Нуперт.

Тогаш во игра влегува нешто што е познато како „Ефектот на Зигарник“. Оваа појава името го добила по руски психолог кој за првпат пишувал за овој ефект во доцните дваесетти од минатиот век. Оваа појава се однесува на нашата тенденција да се фиксираме на неизвесните нешта, односно нашата склоност која во моментов е засилена, да ги помниме недовршените и неизвесните работи, кога се чини дека неизвеноста е поголема од сигурноста.

„Неостварените цели имаат тенденција да опстојуваат во умот,“ објаснува Еј Џеј Масикампо, доцент професор по психологија на Универзитетот Вејк Форест во Северна Каролина, кој изучувал како планирањето го ублажува ефектот на Зигарник. „Во просек, кога ги замолувате луѓето да ги стават на хартија сите нивни сегашни цели и работи што треба да ги завршат, има 15 различни нешта за кои луѓето размислуваат и ги следат во секое време. Многу нешта се случуваат во потсвеста.“

Сите тие нерешени мисли и цели, се`, од планирање пазарување во супермаркет, до думање дали вашата свадба воопшто ќе се случи, се трупаат во нашиот когнитивен товар. Тоа може да ве преоптовари за многу брзо време, што пак води до анксиозност и предизвикува наметливи мисли, според истражувањето на Масикампо.

Во принцип, има два начина како да се решите од тој ментален товар. „Можете навистина да се погрижите за нештото, или друг начин да се задоволите е да направите конкретен план,“ вели Масикампо. Тој и неговиот колега со кого ја пишувале студијата откриле дека планирањето да се постигне некаква цел има смирувачки ефект врз мислите што се наметнуваат, отколку самото остварување на целта.

Планирањето дури може да биде корисно и за едноставно одложување на планираното. „Одложувањето е изненадувачки ефикасно,“ вели Масикапо, и додава: „Тоа е еден вид ветување за себеси , од типот – нема ништо што можам да направам во моментов, па ќе почекам до 1 август и тогаш ќе се грижам.“

Направете план, каков било план

Едноставно кажано, несигурноста вознемирува. Истражувањата покажуваат дека несигурноста не` прави немоќни, што пак прави стресот да не` истошти. Но кога имаме план, дури и да е залуден, таков што можеби никогаш нема да се оствари, тој сепак помага да се расчисти умот и да се организираат мислите. Ова е дефинитивно точно кога станува збор за планирање со големи влогови, како свадби, вели Нуперт. „За многу луѓе, тоа е најголемото, најкомплексното нешто што кога било ќе го планираат.“ Но свадбите на страна, обмислувањето на едноставни аспекти од иднината исто така може да обезбеди олеснување од стресот.

„Некои луѓе може да чувствуваат толку голем стрес што ја немаат умствената способност да размислуваат три месеци однапред,“ појаснува Нуперт. „Ако можете, обидете се да направите план за утре. Ако тоа ви изгледа застрашувачки, обидете се да направите план за денес попладне. Некои луѓе навистина се чувствуваат погазени од анксиозноста и депресијата. Ако можат да направат план за вечера, тогаш тоа треба да се слави“.

Добар совет е, дури и да не сте типичен планер. Моменталната ситуација и стрес факторите се без преседан, и ако другите обиди и методи да го намалите нивото на стрес не даваат резултат, тогаш тоа е нормално. „Можеби сега е времето да го смените начинот на кој се справувате со стресот,“ додава Нуперт. „Ако не сте баш тип кој сака да закажува, тогаш обидете се да направите планови за иднината, иако пак можат да се променат.“

Мојата пријателка ја презакажа свадбата за истиот викенд следната година, и сите го обележавме датумот во календарот, заедно со прифаќањето дека се` може да се случи до тогаш. Можеби нејзината свадба во 2021 год ќе се одржи така како што таа замислува, но можеби ќе треба пак да ја презакаже. За сега, таа се чувствува олеснато, иако разочарано, бидејќи барем има некаков план, и нешто за што може да се радува.

Науката позади чувството на среќа вели дека треба да продолжите да планирате забави и патувања и настани што внесуваат боја во нашиот живот. Не чекајте премногу долго да го направите тоа.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -