Зошто е погрешно е да веруваме дека рамнотежата помеѓу животот и работата е некакво достигнување

Малку теми се толку многу анализирани, воспевани и разложени како рамнотежата меѓу приватниот и професионалниот живот. Потрагата да се достигне оваа прилично небулозна состојба доминира во јавните дебати за професионалните кариери веќе неколку години, особено помеѓу вработените родители. Концептот често пати се претставува како нешто што треба да се постигне, цел што треба да се дофати. И откако еднаш ќе успеете да ја постигнете таа цел, честитки, сте успеале, вие сте успешно човеково битие на 21от век, пишува Брајан Луфкин за Би-Би-Си.

Но проблемот е што често пати си кажуваме себеси: „Ќе вложам осум часови во работата, и потоа ќе вложам осум часови во времето за мене, што вклучува време поминато со моето семејство, на моето хоби, на вежбање, моето се`,“ објаснува Анат Лехнер, клинички вонреден професор по менаџмент при Универзитетот во Њујорк. „Не сметам дека тоа е таква едноставна формула“.

И, според новите истражувања, не е. Некои истражувачи сега не` охрабруваат да престанеме да размислуваме за рамнотежа помеѓу професионалниот и приватниот живот како постигнување во кое или успевате или не. Наместо ваквото размислување, тие предлагаат дека можеби станува збор за долгорочен животен процес – постојана вежба што никогаш не завршува и што изискува будност, свесност за себе и времени приспособувања.

Не се работи за еднократно решение

Заборавете на достигнувањето на златната цел: истражувачите Јоана Лупу од Факултетот за бизнис ЕССЕК во Франција, и Мајра Руиз-Кастро од Универзитетот во Рохамптон во Велика Британија тврдат дека рамнотежата помеѓу приватниот и професионалниот живот е „циклус, не постигнување“.

Во нивното истражување од 2020 год, професорките интервјуирале речиси 80 вработени во две фирми во Лондон – еднаков број мажи и жени на возраст од 30 до 50 години, сите од нив имале барем едно дете кое зависи од нив, и сите тие работеле на средни или високи менаџерски позиции.

Иако изгледа како испитаниците да имале многу заеднички нешта, еве што ги разликувало едни од други: околу 30% од мажите и 50% од жените изјавиле дека даваат отпор кон работењето долги часови. Во меѓувреме, другите учесници сите работеле долги часови бидејќи мислеле дека тоа го прават успешните професионалци.

Откако Лупу и Руиз-Кастро ги анализирале тие што го отфрлиле работењето долги часови, откриле дека тие работници всушност имаат многу слични стратегии за одржување рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот. Тие користеле повеќе „рефлексивност“ или имале развиена способност да размислуваат и да ги ставаат под знак прашање постоечките претпоставки во име на свесноста за себе, и редовно преземале чекори за приспособување на нештата што им стојат на патот на посакуваната рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот.

Работниците застанувале и ги преиспитувале нивните околности, размислувале за нивните емоции и ситуации, и потоа посочиле конкретни тесни грла во постигнувањето рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот. Проценките и „зафаќањето ментален простор со цел стекнување јаснотија за тоа што самите го сакате е првиот чекор кон идентификување и имплементирање алтернативни начини на работење и живеење,“ појаснува Руиз-Кастро.

Лупу и Руиз-Кастро идентификувале пет чекори што испитаниците во истражувањето за тоа кој има подобра рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот ги користеле на нивните работни места.

Прво, запирале, ги де-нормализирале верувањата од типот на: „Јас сум професионалец, па затоа треба да работам, работам, работам“ и се запрашале себеси: „Што во моментов ми предизвикува стрес?“. Второ, откако ќе ја идентификувале причината, се фокусирале на емоциите што се појавиле како резултат на стресот – дали се чувствувале лути, тажни или мотивирани? Трето, правеле поинакви приоритети и размислувале на следниов начин: „Ако работам до доцна, дали тоа навистина вреди да скратувам од времето поминато со семејството?“. Четврто, размислувале за алтернативите што ги имале на располагање: дали нешто на работа може да се промени за да можат да се прифатат овие нови приоритети? И на крај, ги имплементирале промените – на пример, го прашале надредениот да им дозволи поголема флексибилност, или одлучиле да работат на секој можен проект.

Процесот од петте чекори секој може да го примени. Секој од овие фази или чекори, и постојаниот дослух со себеси, може да ви помогне да го промените и приспособите вашиот професионален живот во нешто што ќе биде подобро усогласено со вашиот личен живот, предлага нивното истражување. „Свесноста за вашата емотивна состојба е клучна за да ги одредите промените што сакате да ги направите во вашата работа и во вашиот живот,“ потенцира Лупу.

Лехнер се сложува дека постигнувањето рамнотежа е тековна потрага. Не се работи само за поделба на часовите во денот помеѓу работата, теретаната, децата, домашните задачи и медитација. Бидејќи, дури и да сте сигурни дека часовите се еднакво распоредени, доколку основните емоционални извори на стрес се` се уште присутни (таков вид стрес што циклусот од пет чекори може да ви помогне да го идентификувате), тогаш времето што вистински го поминувате дома може да не ви причинува задоволство.

„Доаѓаме дома и иако физички сме присутни, ментално се` уште процесираме информации и ситуации што ни се случиле на работа. Не сме присутни,“ вели таа. „Многу често мислам дека дискусијата за рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот всушност е маска за нешто друго. Она што ние го нарекуваме „рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот“ е всушност замена за чувство на исполнетост и задоволство.

Други чекори што можат да се преземат

Секако, наоѓањето рамнотежа најверојатно не би требало да е нешто што треба да го правите сами.

Истражувањето од Ерин Кели, професор по трудови и организациони студии на Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ), покажува дека компаниите и менаџерите можат да играат клучна улога во создавањето подобра средина за работниците. За нејзината книга „Преоптоварување: Како добрите работните места се влошија и што да се направи во врска со тоа“, таа и ко-авторот Филис Моен поделија повеќе од 1000 вработени од компании што фигурираат на листата на Фортун 500 во две групи: една која работи со ново дизајнирана работна структура на менаџментот и една која продолжила да работи во рамките на постоечката менаџерска структура.

Во случајот со новокреираната структура, голем број чекори биле преземени со цел осигурување подобра рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот за работниците и спречување на прегореност од работа. Менаџерите биле постојано потсетувани отворено да ги поддржуваат вработените, а на работниците им било дозволено да прават промени, како на пример откажување состаноци закажани во 9 часот наутро. Сите овие промени биле направени во името на зголемувањето на задоволството од работата и обезбедување поголема флексибилност за работниците, и со цел да се уверат вработените дека менаџментот е посветен на тие промени.

Не изненадува фактот што Кели и Моен откриле дека вработените во новокреираната група известиле за помалку стрес, помала преоптовареност од работа, и покажувале помали склоности да ги напуштат работните места во следните четири години, а имале и 40% помали шанси да дадат отказ од тие кои работеле според старите политики.

„Рамнотежата помеѓу приватниот и професионалниот живот е разбрана како индивидуален одговор, па луѓето си мислат ,од мене зависи да го менаџирам лудилото во мојот професионален живот’,“ вели Кели. Но организациите треба да ги преиспитаат барањата што им ги поставуваат на вработените. „Коренот на проблемот не е во тоа како две парчиња, работа и приватен живот, се спојуваат. Туку дека имаме нереални очекувања за она што треба да го направиме на страната на работата“. Ако вашето работно место не е средина каде е возможна рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот на прво место, сите обиди што ги правите во таа насока на лично ниво ќе бидат залудни.

Овој вид разговор како да добива на внимание откако пандемијата го искина деловникот за работа и ги реформира нашите работни животи. Распространетоста на работата на далечина, флексибилната работа, па дури и „хибридните“ работни модели најверојатно ќе играат важни улоги во тоа како правиме рамнотежа помеѓу нашиот приватен и професионален живот во иднина.

И, ако ни се чини дека наоѓањето совршена рамнотежа ни бега од дофат, експертите велат дека одржувањето одредена перспектива може да помогне. Живееме во време на катастрофални губења на работните места; само пандемијата укина 255 милиони работни места во светот, и уште повеќе позиции може да се изгубат во следната деценија како што напредува развојот на вештачката интелигенција и се` повеќе канцеларии се дигитализираат. За милиони луѓе, работата е способност да се донесе храна дома. Зборувањето за рамнотежата помеѓу професионалниот и приватниот живот „ е многу привилегиран разговор,“ вели Лехнер. „Ако веќе размислуваме, можеби треба да размислуваме и на тоа“.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -