За да бидете попродуктивни додека работите од дома, внесете ја природата внатре

Кога пандемијата ги стави под катанец меѓународните граници годинава, МаСоваида Морган го замени нејзиниот професионален живот како патописец со договорени распореди за сигурна „тезга“ со работа на далечина во Вашингтон, за технолошка компанија од Силиконската Долина. Ова беше првпат по многу години 36-годишната писателка да биде на едно место повеќе од неколку недели. Токму затоа таа се одлучила да внесе саксијски растенија во домот, за да нејзиниот стан добие чувство на спокој, чувство што често пати го добивала кога патувала во странство, пишува Би-Би-Си.

„Навистина не го сфатив тоа како несериозен чекор,“ објаснува таа откако купила 25 нови домашни растенија. „Ако веќе го поминувам моето целосно постоење во гарсоњера од 40 квадрати, тогаш станот мора да биде прибежиште за мене, место каде можам да бидам продуктивна, да правам пауза и да најдам мир“.

Надополнети со растечкиот тренд на т.н. „плантфлуенсери“ на Инстаграм, продажбата на домашни растенија порасна исклучително брзо помеѓу миленијалците во САД уште пред пандемијата, со речиси 50% пораст на продажбите во периодот од 2017 год до 2019 год, изјави Националната асоцијација за градинарство. Сега, голем број луѓе како Морган гледаат на растенијата како неопходна алатка за овозможување оптимални услови за работа во домот.

Експертите велат дека желбата да се наполнат затворените средини со предмети од надворешниот свет се врзува со растечкото движење на „биофилски дизајн“, што претставува концепт кој се користи да се зголеми добросостојбата преку директна и индиректна изложеност на природа. Овој вид дизајн беше голем канцелариски тренд во годините пред 2020 година, кога Амазон изгради сферични конзерватории со функција на ботаничка градина во главните канцеларии во Сиетл; Мајкрософт почна да уредува конференциски соби на куќички на дрво, и Фејсбук создаде градина од околу 1500 квадратни метри на кровот од нивната зграда во Силиконската Долина.

Поради Ковид-19, поголемиот дел од канцелариите се затворени, но тоа не ги спречува луѓето кои работат на далечина да го применат концептот дома. Благодарение на пандемијата, милиони луѓе сега имаат шанса да создадат работна средина додека фокусот им е ставен на сопствената добросостојба. Се` повеќе докази покажуваат дека инкорпорирањето на природата може да помогне во намалување на стресот и зголемување на продуктивноста, креативноста и распонот на внимание. За да се постигнат најдобрите резултати, модерните домашни растенија се само првиот чекор кон посеопфатен мултисензорен пристап.

Играјте си со светлина и боја

Германскиот психоаналитичар Ерих Фром го исковал терминот „биофилија“ во шеесеттите години од минатиот век за да ја опише нашата инстинктивна склоност да бараме врски со природата. Терминот „биофилски дизајн“ стана популарен во првата деценија од овој век како начин на одржување односи меѓу човекот и природата во склоп на производствените средини, смета Џана Содерлунд, научник и автор на „Појавувањето на биофилскиот дизајн“.

„Се работи за вградување на природата во сите нејзини форми, вклучувајќи и шеми, материјали, форми, простори, мириси, глетки и звуци, во урбаниот дизајн во различен степен,“ објаснува таа. „Голем дел од трендот е здрав разум бидејќи ние сме внатрешно и еволутивно програмирани да реагираме на природата. Понекогаш ни треба само потсетник“.

Домашните растенија можеби се најочигледната почетна точка, иако тврдењата за нивните наводни способности да го прочистат воздухот се повеќе фама отколку реалност. Податоците од едно истражување што се спроведуваше во текот на неколку месеци во две големи комерцијални канцеларии во Британија и Холандија, говорат дека „зелените“ канцеларии со растенија направиле персоналот да биде попродуктивен за 15%, отколку чистите дизајни без зеленило.

Покрај поставувањето на зеленило, Содерлунд вели дека постојат неколку други едноставни додатоци за оптимизирање на домашната канцеларија, како што се светлина и боја. Природната светлина ги поддржува деноноќните ритми на телото што пак го регулираат циклусот на будност и сон, како и хормоните. Оние кои работат во средина каде нема прозорци или просториите се прилично темни, вообичаено ја имитираат природната светлина со вградување на систем за различни степени на светлина во текот на работниот ден.

Додавање на индиректно искуство со природата преку внесување земјени тонови на бои исто така може да има палета позитивни психолошки и физиолошки ефекти, се` додека боите го претставуваат она што Содерлунд го нарекува „здрава природа“. „Не сакате да употребите бои што потсетуваат на растенија кои умираат, како нијанса на портокалово-жолта боја,“ објаснува таа. Напротив, обидете се со шумска зелена, небо сина или савана кафена. „Погледнете низ прозорецот и размислете како можете да ги донесете тие бои внатре,“ додава таа.

Истражувањата покажуваат дека одредени бои всушност можат да променат работни расположенија. На пример зелената боја може да ја подобри креативноста, додека пак топлата жолта или црвена боја може да поттикне поголем распон на внимание. Слично на ова, постојат и студии кои посочуваат дека уметнички дела со природни фрактални шеми можат да бидат одлична алатка за намалување на стресот.

Мултисензорно искуство

Соња Бокарт, водечки консултант за биофилски дизајн од Феникс, во американската држава Аризона, вели дека луѓето често пати го започнуваат и завршуваат дизајнот на нивната канцеларија инспирирана од природата со растенија, „но навистина станува збор за будење на мултисензорното искуство што го добиваме во природа“.

Се покажало дека кратки интеракции со не-ритмични сензорни стимули, што се создаваат од предметите во постојано но непредвидливо движење, го подобруваат крвниот притисок и пулсот на срцето, и имаат позитивни ефекти врз симпатскиот нервен систем. Бокарт вели дека можете да го инкорпорирате ова во домашната канцеларија со додавање на саксија со трева надвор пред прозорецот или со мал аквариум на работната маса.

„Исто така би сакала да го истакнам и чувството на арома,“ вели таа, „што можете да го добиете со отворање на прозорец, палење свеќа или употреба на есенцијални масла“.

Една од занемарените компоненти на биофилскиот дизајн, додава таа, се реликвиите од природата. „Тоа се едноставни нешта како морски школки, геометриски форми или камчиња што обезбедуваат тактилно искуство, и кои истовремено не` потсетуваат да бидеме љубопитни како дете“.

Контролиран, мирен простор

Истражувачите се` уште го проучуваат кумулативниот ефект на сите овие елементи, но во принцип, експертите како Бокарт и Содерлунд велат дека кога ќе почнете да се чувствувате затрупани, тогаш најверојатно сте претерале. Целта е да се поттикнат физички, емоционални и когнитивни одговори преку одржуван ангажман со природата, и да се гаи позитивен однос со работното место.

Дневни прошетки во природа можат да ја репродуцираат мултисензорната корист, но тие не се доволно добра замена за стерилна канцеларија. „Секако, можете да извлечете корист и да го цените фактот што сте надвор,“ вели Бокарт, „но факт е дека поголемиот дел од нас поминуваат повеќе од 90% од времето внатре, така што постои итност во инкорпорирањето на природата во затворениот простор и во дизајнот со природни шеми“.

Морган, која работи на далечина во Вашингтон, никогаш претходно не слушнала за биофилски дизајн пред ненамерно да ја уреди нејзината домашна канцеларија со растенија, мебел од штоф и силна природна светлина. Таа вели дека овие чекори едноставно ја направиле да се чувствува добро, и дека и` помогнале да проектира смирувачка слика пред нејзините колеги за време на дневните видео повици. „Сакам енергијата да се познава преку камерата, да знаат дека сум во контролиран, мирен простор каде можам да бидам продуктивна, но каде исто така можам да се одморам и да бидам спокојна,“ вели таа. Секој работен ден почнува со пуштање природна светлина во станот, поздравување на растенијата („сите имаат имиња“) и додавање неколку капки ментол и лимонова трева во дифузерот за есенцијални масла.

За новите вработени кои се приморани да работат од дома, ова мултисензорно биофилско искуство не е само тренд што Инстаграм прави да расте, туку може да биде и клучот за уште еден успешен ден.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -