Дали лидерите се попаметни од другите?

Дали луѓето би претпочитале да бидат водени од некој паметен или глупав? Иако прашањето ретко се поставува, безбедно е да претпоставиме дека повеќето би ја избрале првата опција.

А сепак, најдобрата научна проценка за односот помеѓу лидерството и интелигенцијата посочува дека тие се преклопуваат само за 4%. Замислете си дијаграм со два круга, едниот ја претставува интелигенцијата, другиот лидерскиот потенцијал, и тие едвај се допираат. Oва значи дека многу паметни луѓе никогаш не добиваат можност да добијат лидерски улоги. Исто така, можете да очекувате голем дел од лидерите да бидат просечни кога станува збор за интелигенцијата. Уште повеќе, можеме да очекуваме многу лидери да остваруваат исклучителни нивоа на ефикасност и покрај тоа што не се особено умни, барем според академските мерила на интелигенцијата, како што е коефициентот на интелигенција или тестовите за когнитивни способности.

Секако, во теоријата, паметните лидери би требало да се поефикасни. На крајот на краиштата, интелигенцијата е податлив и сигурен претскажувач на способноста за учење, и во комплексни времиња, она што го знаете е помалку важно од она што можете да го научите, така што би требало да постои јасна предност кај способноста за побрзо процесирање во мозокот, како што е брзо препознавање двосмисленост, претворање комплексни проблеми во едноставни решенија и стекнување знаење и експертиза побрзо и подобро од другите. Накратко, логично е да очекуваме лидерите да се истакнуваат од другите според нивната интелектуална сила, беспрекорната смисла за рационалност и нивната мудрост. Па тогаш, како тоа лидерите не се такви?

За да бидам јасен, нема недостиг од примери за високо интелигентните, дури и ерудити, лидери, барем во историјата. Настрана од тоа што бил император на Рим, Марк Аврелиј бил влијателен философ и еден од основачите на стоицизмот. Катерина Велика била позната по нејзиниот беспрекорен вкус за литература и уметност, додека музејот Ермитаж е основан со нејзината лична колекција. Томас Џеферсон не бил само философ, туку и државник, дипломат, адвокат, архитект и музичар. Ангела Меркел, канцеларката на Германија, има докторат во областа на квантната хемија. Потоа, тука е Доналд Трамп, кој е познат по тоа што изјави дека го има „највисокиот коефициент на интелигенција“ – тврдење што инспирира голем интерес.

Многумина ја сметаат интелигенцијата како една од клучните состојки на лидерскиот потенцијал, додека повисоки нивоа на коефициент на интелигенција се поврзуваат со значително повисоки нивоа на лидерска ефикасност (повеќе од коефициентот на емоционалната интелигенција). Па тогаш зошто нема посилна врска помеѓу интелигенцијата и лидерските позиции? Дали ја преценуваме важноста на коефициентот на интелигенција во поглед на лидерството? Дали не сме толку добри во оценувањето на интелигенцијата колку што би требало? Дали даваме приоритет на други фактори, како што е самодовербата или харизмата? Дали треба повеќе да бидеме сигурни дека попаметните луѓе стекнуваат моќ, бидејќи очигледно сите влечат корист од тоа?

Традиционално гледано, академското истражување посочува дека лидерите општо земено ќе бидат малку поинтелигентни од нивните тимови, групи или подредени. Ова има смисла: кога луѓето се многу попаметни од нас, почнуваме да имаме тешкотии да се поврземе со нив, да ги следиме, па дури и да сме свесни за нивната интелигенција. Оваа логика беше основата на ироничниот принцип за психологот и добитник на Нобелова награда, Амос Тверски, кој наводно бил толку паметен што на другите им било тешко да го сфатат. Колегите на Тверски го креирале тестот за интелигенција Тверски: „што побргу сфатиш дека Тверски е попаметен од тебе, толку си попаметен“. Во оваа смисла, можеме да очекуваме дека нивото на интелигенцијата на лидерите избрани по демократски пат е одраз на нивните следбеници или гласачи.

А сепак, истражувањата исто така посочуваат дека дури и лаици се способни да ја просудат интелигенцијата на странци со кои имаат многу ограничена интеракција. Ова објаснува зошто селективното парење по сличност поради коефициентот на интелигенција е почесто отколку поради која било друга карактеристика. Луѓето често се жалат дека тестовите за одредување коефициент на интелигенција вистински не ја мерат интелигенцијата, но кога станува збор за избирање романтичен партнер тие вообичаено одбираат некој кој е паметен колку што се и тие, и сето тоа без помошта на тестовите за коефициент на интелигенција, што значи дека мора да се прилично добри во детектирањето на интелигенцијата кај другите. Поверојатно е дека се разликувате од партнерот по висина наместо по интелигенција.

Па, ако проблемот не е неспособноста да ја детектираме интелигенцијата кај лидерите, зошто не одбираме попаметни лидери? Има три можни објаснувања:

Повеќе цениме други карактеристики

Дури и да се грижиме за интелигенцијата, се чини дека се грижиме повеќе за други карактеристики на лидерството: На пример, мета-аналитички студии посочуваат дека карактерот двапати повеќе ја претскажува лидерската ефикасност од интелигенцијата. За несреќа, ова не значи дека ги одбираме точните карактерни особини. Уште повеќе, самите особини што придонесуваат кон токсична или несоодветна лидерска ефикасност, често пати им помагаат на луѓето да станат лидери на прво место. На пример, нарцизам, психопатија и преголема доверба во себе, сите овие црти ги зголемуваат шансите некој да стане лидер.

Интелигенцијата може да се глуми

Колективните, збирни проценки на интелигенцијата се прилично точни, но поединечно не сме толку добри во проценувањето на интелигенцијата ниту кај нас самите ниту кај други. Згора на се`, има опширни причини и стратегии за менаџирање впечатоци, и луѓето кои се добри во тоа се „паметни“ на различен начин. За сите разговори за тоа дека треба „да се биде автентичен“ на работа, мета-аналитички судии предлагаат дека менаџирањето впечатоци и „доброто глумење“ се клучните состојки на емоционалната интелигенција. Ова има логика: коефициентот на емоционалната интелигенција се состои од лице наместено за игра покер, контрола на емоциите и проактивно менаџирање на вашата репутација за да влијаете на други – со други зборови, спротивното од „бивањето свој“. Бидејќи коефициентот на емоционална интелигенција е позитивно поврзан со лидерството, а не е поврзан со коефициентот на интелигенција, би било логично поединци со повисок коефициент емоционална интелигенција да бидат подобри во глумењето интелигенција, или да делуваат многу покомпетентни отколку што се навистина. Ова е возможно доколку продолжиме да го проценуваме лидерскиот потенцијал преку неструктурирани, несигурни методологии склони на субјективност, како што е типично интервју за работа. Прилично често, луѓето кои мислиме дека се компетентни всушност само имаат самодоверба; и понекогаш тие што ги перцепираме како харизматични се само нарцистични или психопати.

Безмилосната алчност може да ја премости интелигенцијата

Иако сме склони да го порамнуваме лидерството со позитивни резултати, повеќето лидери не се особено компетентни. Причината е дека премногу лоши луѓе се способни да стигнат до врвот во организациите (и нациите) бидејќи сме фасцинирани и заведени од нив. Секако, треба да станете лидер за да бидете ефикасен лидер, но кога борбата за врвот е поттикната од злобни карактеристики, макијавелистички вредностите и патолошка или безмилосна алчност, тогаш не би требало да не` изненадува фактот дека паметните, пристојни луѓе се изманипулирани од измамници гладни за моќ. Во оваа смисла, најверојатно нема поголем проблем за решавање отколку оттргнувањето на токсични и себични поединци од лидерскиот натпревар.

Накратко, интелигенцијата е важна толку колку што сме склони да веруваме и е многу повеќе отколку што всушност се правиме дека се грижиме за неа во пракса, барем кога одлучуваме дали некој би требало да биде задолжен да води други, да биде одговорен, да координира групни активности и да носи одлуки што имаат критични последици по нашата добросостојба, успех и среќа. Така што, има големи шанси да станеме попаметни во врска со изборот на нашите лидери.

Автор:Tомас Чаморо-Премузиц, професор доктор и професор по бизнис психологија на Универзитетот во Калифорнија и на Универзитетот во Њујорк. Тој проучува онлајн врски, претприемништво и избори на потрошувачите.

Извор: psychologytoday

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -