Дали иновирањето е вродено или стекнато?

Ајнштајн, Томас Едисон, Елон Маск. Обожаваме приказни за хероите на иновациите, пронаоѓачите кои се борат со сомнеж и несигурност насекаде околу нив. Но дали способноста за иновирање е божествена искра доделена на малкумина избрани? Или пак, иновирањето е нешто што може да се научи? Прашањата ги поставува Маиџа Палмер, уредник со експертиза во областа на иновациите која пишува за неколку медиуи, меѓу кои и Financial Times и Sifted.

Способноста за иновирање може да се научи и стекне, тврди професорот Стефано Брузони од Швајцарскиот федерален институт за технологија во Цирих, исто така виш партнер во компанијата за иновациски консултации Spark Works и главен советник за наука во компанијата која се занимава со образовна технологија Sparkademy, која пак нуди програма за корпоративни иновации со фокус на лидерството.

„Мозокот е многу пластичен,“ вели тој. „Секој има способност да биде иноватор, во соодветната средина. Постои нешто што го викаме талент, но средината е барем исто толку моќна колку и генетиката. Средината треба да води кон иновации – ако идеите постојано се одбиваат, тогаш тоа ќе предизвика ефект на придушување“.

Некои луѓе природно се склони да прифаќаат нови идеи и се способни да се справат со промени. Но секој може да научи како да се подобри во оваа насока.

Контрола на вниманието

Според Брузони, способноста за иновирање има голема врска со контрола на вниманието. Станува збор за природна невролошка извршна функција, која на пример, ни овозможува да го промениме фокусот на вниманието помеѓу широкото и тесното. Се работи за невролошкото коло во мозокот што е одговорно за идентификување шеми и предвидувања врз основа на добиени информации, што пак ни овозможува да правиме точна анализа на трошоците и придобивките.

Тоа не значи дека луѓето со силна контрола на вниманието носат одлуки побрзо, вели Брузони. Повеќе се работи за тоа дека имаат карактеристика да размислуваат два пати. Тие забележуваат многу, понекогаш мали, несвесни промени во средината и го менуваат тоа што го прават како одговор на тоа. Нешто како Џејсон Борн, шпионот во познатите трилер филмови, кој реагира на многу мали индикатори во средината, што му овозможува да има речиси исклучителни способности да ги предвува чекорите на неговите противници.

Брузони и неговиот колега професорката Даниела Лауреиро Мартинез, го започнаа истражувањето за способноста за иновирање пред 12 години, со скенирање на мозоците на луѓето кои се сметаат за експерти за носење одлуки. Тие луѓе вообичаено се на возраст од 30 и кусур години, одговорни за тимови, и типично ангажирани во развивање нови проекти, или во корпоративните лаборатории за истражување и развој или во нивните сопствени компании.

Се појавија очигледни разлики во невронските врски во мозоците на луѓето во поглед на контролата на вниманието. Интересно е што, тој дел од мозокот бил повеќе развиен кај претприемачите кои раководат со сопствени компании отколку кај лица кои работат во корпоративните лаборатории за истражување и развој.

Теоријата на Брузони вели дека претприемачите се приморани да играат многу различни улоги во бизнисот, од продажба, до човечки ресурси и менаџирање сметки, што за возврат го прави нивниот мозок поагилен и флексибилен.

Емоционална интелигенција

Контролата на вниманието е само еден дел од приказната. Другиот клучен дел е емоционалната интелигенција. Со цел да се овозможи иновацијата морате да сте способни да ги поведете луѓето на тоа патување заедно со вас. Напуштањето стари навики предизвикува анксиозност, а справувањето со нови ризици предизвикува страв. Добар иновациски лидер треба да е способен да ги разбира тие реакции и да им помогне на луѓето кога ги води низ тие промени.

Брузони и ко-основачот на Sparkademy, Алан Кабељо, го претворија истражувањето во серија тестови лесни за пополнување, чија цел е да ги идентификуваат силните страни на луѓето во поглед на иновирањето, без потребата некој да се пикне во скенер со магнетна резонанца. Тестовите се наречени „Проверка на искрата“, и тие ја одредуваат способноста на луѓето да се справуваат со несигурности и со емоциите на другите. Всушност, можете да се обидете да го пополните овој мини тест за да добиете увид во сопствените способности за иновирање и да го откриете вашиот трансформативен тип – тој кој прв трча напред, кој решава проблеми, народен човек, или тој кој носи промени.

Овој тест, што делумно се состои од кликање квадратчиња во различна боја за да се извлече највисокиот резултат, намерно е осмислен да биде тежок за оние кои се обидуваат да мамат, вели Брузони. Не е лесно да сфатите како да влијаете на вашиот резултат.

Исто така, овој тест може да им помогне на компаниите да ги идентификуваат вработените кои имаат посилни иновациски способности од просекот. Програмата на Sparkademy може да ги научи менаџерите, но и кој било друг вработен во компанијата, да ги подобрат сопствените иноваторски способности. Според нив, нема потреба од најмување скапи надворешни консултанти што треба да го водат процесот на внесување структурални промени во компанијата, туку преку соодветно образование можете да научите како да ги зголемувате сопствените способности за иновирање и трансформација.

Извор: sifted.eu

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -