Голема заинтересираност за членство во ЦЕЕД Клуб на жени претприемачи и менаџери

Создавање ЦЕЕД Клуб на жени претприемачи и менаџери и создавање локални ограноци во четири региони надвор од Скопје, тематски работилници како да ја направите компанијата отпорна за време на криза, како и менторски сесии со домашни и странски експерти кои помагаат при надминување на предизвиците во работењето и при креирање продажни стратегии, можности за вмрежување и партнерства, се дел од активностите на проектот за Подобрување на вештините на жените претприемачи и менаџери, што го имплементира ЦЕЕД Хаб Скопје, со поддршка на американската амбасада, а кои беа презентирани денес на интерактивен онлајн настан во рамки на Глобалната недела на претприемништвото.

Целта на проектот е да обезбеди конкретна, реална и постојана помош за жените претприемачи и менаџери, преку разни тренинзи и обуки, учење од колеги, примена на креативно размислување и во поглед на работењето на компанијата, и како надградба на сопствените менаџерски вештини.

Важноста на редовните можности за вмрежување, како и придобивките од членство во клуб каде се негува идејата на заедништво, како тело кое ги застапува нивните интереси и потреби, кое постои од жени за жени, беше истакната од страна на Ивана Матиќ, сопственик на веб порталот Women in Adria во Хрватска, под чија лиценца работи и womeninadria.mk. Меѓудругото, таа зборуваше и за начинот на кој го развила сопствениот бизнис модел, како и можностите за соработка помеѓу жени претприемачи од С. Македонија и Хрватска.

„Жените имаат специфични предизвици во бизнисот, кои можат да се надминат со помош на жени кои ги имале истите проблеми. Затоа е важна заедницата, бидејќи тие размислуваат на ист начин. На пример, кога на нашите настани зборуваат за тоа како породилното отсуство им претставува проблем бидејќи поради тоа трпи бизнисот, тие споделуваат многу емотивно искуство, но и се желни да дадат совети, па често пати публиката плаче бидејќи се препознаваат во нивните искуства. Поддршката што жените си ја даваат една на друга е незаменлива. Тука се гледа колку поддршката што жените си ја даваат една на друга е незаменлива. Тука се гледа како сме поинакви и зошто е важна заедницата. Мајките претприемачи се секако осудени од средината, често пати слушаме „самите си го баравте тоа!“, и излегува дека можеме да се потпреме само на себе. Затоа, мојот совет до вас е: барајте го своето племе!,“ посочи Матиќ.

Катарина Георгиевска, ко-сопственик на „Ранчо и Ванчо на Ката“, гостинска куќа во село Оморани, велешко, која посветено работи во областа на руралниот туризам и развива иновативни услуги за нејзините гости, се фокусира на стекнатите знаења за претприемништво и менаџмент што имала можност да ги добие преку услугите на ЦЕЕД Македонија.

„Јас сум немирен дух и талкач, и сакам постојано да учам и да истражувам. Затоа, можев само да извлечам корисни заклучоци од обуките на ЦЕЕД Македонија во кои бев вклучена во претходни проекти, што ми служат како основен предуслов да го остварам својот сон. Ние жените сме поромантични од мажите, сакаме да уживаме во животот. Така и јас открив во што уживам. Сонував да имам сопствена куќа за селски туризам и свесна сум дека сите самите сме одговорни за нашите избори. Кога имав 5000 евра одлучив да купам селска куќа. Потребно е упорност и верба во визијата каде сакате да стигнете. Има многу пречки и бариери, ама треба да откриеме колку ние ќе успееме да ги надминеме да не` не кочат во нашиот развој во иднината. Нашата моќ и храброст, како поединци и претприемачи, е токму во тоа надминување, во наоѓање чаре…,“ сподели Катарина.

Елена Донева, ко-сопственик и управител на студиото за графички дизајн Контура зборуваше како ги подобрила сопствените менаџерски вештини преку обуките на ЦЕЕД, и зошто верува дека членство во Клуб на жени претприемачи и менаџери е одлична можност за личен професионален развој, но и за раст на бизнисот.

„Од двајца ентузијасти, што освоија награда на натпревар и добија пари да основаат бизнис стигнавме до компанија со 10 вработени и 200 задоволни клиенти. Обуките, настаните во живо на ЦЕЕД ни донесоа многу клиенти, но и ние ги надградивме сопствените вештини. Од многуте настани, обуки и работилници, што ми оставија голем впечаток е методот за евалуација на вработените, што навистина ни помогна да го развиеме бизнисот. Во ЦЕЕД Клуб на претприемачи има луѓе со исти проблеми како вашите, исти предизвици, и мене ми беше важно нивното мислење, бидејќи сакам да се преслушам себеси и да најдам решение. Жена претприемач значи истите проблеми и плус други. Жените страдаат од низок кредибилитет во бизнисот, но од друга страна тоа е чувство што мотивира. Мораме да се докажуваме повеќе, но тоа е и огромен поттик. Така што нови знаења, помош и поддршка е она што не` носи напред,“ истакна Елена.

Новина во спроведувањето на овој проект е и создавањето на локални ограноци во четири различни региони надвор од Скопје, т.е. во Вардарскиот, Полошкиот, Пелагонискиот и Југоисточниот регион. Овие ограноци ќе се креираат преку одржување разни настани за вмрежување и координација. Дополнително, на месечни средби за поддршка на жените претприемачи со фокус на одредени актуелни теми, ќе се работи и на подигање на свеста за важноста на женското претприемништво во целокупната економија, и на обезбедување конкретна, реална и постојана помош за жените претприемачи и менаџери.

Проектот што ќе се спроведува во наредните 9 месеци ќе се фокусира на креирање специјална програма за градење на капацитетите на жените претприемачи, дизајнирана во согласност со потребите на претпријатијата во сопственост на или кои се раководени од жени.

Поддршката од проектот се остварува без надомест.

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -